Ограда за насочување на бегалците

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Новата ограда на македонско-грчката граница не значи затворање на границата, туку насочување на бегалците и да се спречи криумчарење, велат од МВР. Во меѓувреме транзитот на мигранти се одвива непречено.

Бегалците непречено влегуваат на македонска територија преку јужната граница со Грција и потоа тие со возови се пренесуваат до северната граница со Србија од каде го продолжуваат патот до нивната крајна дестинација, велат од невладините организации кои работат на терен и од Министерството за внатрешни работи. Во меѓувреме македонската армија започна со поставување на нова поголема ограда на границата со Грција. Според официјални армиски лица, новата ограда ќе биде долга 37 километри и на само пет метри од оградата што беше подигната во ноември лани.

Новата оградата се поставува на одредени делови од границата каде грчката полиција не вршела патрола и каде поради непристапност не може да се обезбедува границата, при што криумчарите на мигранти ги користеле тие места.
МВР.

Од МВР велат дека новата оградата се поставува на одредени делови од границата каде грчката полиција не вршела патрола и каде поради непристапност не може да се обезбедува границата, при што криумчарите на мигранти ги користеле тие места. Според МВР, тоа е и со цел да се заштити населението и не значи херметички затворање на границата, туку насочување на бегалците да влегуваат на македонска територија на одредено место, односно на „Камен 59“ за да можат да бидат идентификувани, регистрирани и да им се укаже некаква помош.

Кастриот Реџепи од невладината организација „НУН Култура“ вели дека ситуацијата е нормална и претпладне тргнал еден воз со бегалци за Табановце.

„Од кога влегуваат на македонска територија се чека да се собере група за да има доволно бегалци за да се наполни возот. Гледам дека има тенденција да се собере што поголема група. Во изминатите возови имаше по над илјада бегалци. Така да некое време бегалците поминуваат во прифатниот камп додека не се соберат повеќе луѓе. Што се однесува до возот тој поминува непречено сега засега“.

Во изминатите денови приватните автобуски и такси превозници од општина Гевгелија протестираа, за како што соопштија, доследно да се почитува превозот на бегалците од јужната до северната граница, иако надлежните институции донесоа одлука транспортот да се врши само со воз. Реџепи информира дека превозниците денеска биле спречени во намерата да ја блокираат пругата.

„Има најави дека тие ќе се обидат да протестираат на друг начин со блокада на автопатот и граничниот премин. Но, сега за сега нема некои такви движења“, вели Реџепи.

Годинава во земјава влегле над 62 илјади бегалци, а вчера нивната бројка изнесувала 2.841. Од МВР очекуваат дека поради застојот во соседна Грција може во наредните денови да има поголем бран на бегалци. Од Министерството информираат и дека на македонските полицајци им помагаат и нивните колеги од Чешка и Словачка.