Достапни линкови

ЕУ: Милијарда евра и поостра гранична контрола


ЕУ: милијарда евра и поостра гранична контрола
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:54 0:00

ЕУ: милијарда евра и поостра гранична контрола

Европските лидери се согласија да дадат милијарда евра помош за Сиријците во бегалските кампови во Турција, Јордан и Либан. Финансиска помош ќе им биде дадена и на Македонија и на Србија за справување со мигрантската криза. На самитот во Брисел е договорено и поостра контрола на надворешните граници на Европската унија.

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск изјави дека парите ќе одат за Високиот комесаријат за беглаци на Обединетите нации, за Светската програма за храна и за други агенции со цел да се обезбедат подобри услови за сириските бегалци во Турција, Јордан, Либан и другите земји.

„Јасно е дека најголемиот бран бегалци и мигранти треба допрва да дојде. Затоа ни е неопходна правилна политика на отворени врати и прозорци. Фокусот би требало да биде врз соодветната заштита на нашите надворешни граници и врз помошта на земјите во нашето соседство“, изјави Туск по седумчасовниот вонреден самит во Брисел.

Тој додаде дека лидерите се договорија до крајот на ноември да бидат формирани центри во Грција и Италија каде што експерти на Унијата брзо ќе ги идентификуваат и регистрираат луѓето на кои им е потребен азил.

Според договорените мерки, Европската унија ќе распореди повеќе персонал и патроли на нејзините граници.

Јасно е дека најголемиот бран бегалци и мигранти треба допрва да дојде. Затоа ни е неопходна правилна политика на отворени врати и прозорци. Фокусот би требало да биде врз соодветната заштита на нашите надворешни граници и врз помошта на земјите во нашето соседство.
Доналд Туск, претседател на Европскиот совет.

„Овие мерки нема да и стават крај на кризата. Но, тие се неопходни чекори во вистинска насока“, изјави Туск, оценувајќи дека лидерите овој пат биле единствени околу задолжителните квоти за релоцирање на 120 илјади бегалци во земјите членки на Унијата.

Истото го оцени и претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер кој прецизира дека лидерите се согласиле оти мигрантската криза не може да се решава како и досега, бидејќи ќе потраела.

Во Сирија во моментов има околу осум милиони раселени, додека во соседните земји околу 4 милиони бегалци, што според, Доналд Туск, укажува дека во иднина милиони луѓе ќе се упатувале кон Европската унија.

„Конфликтите на Блискиот Исток, посебно во Сирија и Ирак, нема наскоро да завршат. Тоа значи дека ние денес зборуваме за милиони потенцијални бегалци кои сакаат да стигнат во Европа, не за илјадници“, рече Туск.

Скоро половина милион од нив, главно преку балканската рута, веќе стигнаа во Унијата. Овој огромен мигрантски бран, како и справувањето со него предизвика поделби меѓу членките на Унијата.

И додека Германија ги отвори вратите за мигрантите и бегалците Унгарија подигна ограда на границата со Србија, додека некои источни земји членки на Унијата не се согласуваа со задолжителните квоти на релоцирање на бегалците.

Францускиот претседател Франсоа Оланд ги критикуваше овие земји.

„Оние кои не ги делат нашите вредности, кои дури не сакаат да ги почитуваат овие принципи, треба да почнат да се прашуваат самите за тоа дали им е местото во Европската унија“, изјави Оланд.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG