Македонија ќе ја затвори границата за бегалци?

Властите велат дека Македонија нема намера да ја затвори границата, но ќе се координира и ќе ги антиципира чекорите на ЕУ, која се обидува да воспостави поквалитетна контрола на границите.

Европа се обидува да воспостави покоординиран настап во справување со бегалската криза и тоа ќе донесе поквалитетна контрола на границата меѓу Македонија и Грција, велат упатените. Фајненшел тајмс објави дека ЕУ денеска ќе расправа за затворање на границата меѓу Македонија и Грција за да се запре протокот на бегалци. Лондонскиот весник пренесува изјава на грчкиот премиер Алексис Ципрас, кој таквите планови на Унијата директно не ги осудува, освен што забележува дека Атина стравува оти блокадата на границата кон Македонија ќе создаде бегалска „црна дупка“.

Но, позначајна и потемелна контрола на тоа кој поминува секако ќе значи еден нов квалитет во евидентирањето на бегалците и мигрантите кои од Грција доаѓаат во Македонија.
Трпе Стојановски, универзитетски професор и поранешен директор на регионалната иницијатива за азил, бегалци и миграција МАРРИ

Министерот за надворешни работи Никола Попоски истакна дека Македонија нема намера да ја затвори границата, но ќе се координира и ќе ги антиципира чекорите на ЕУ.

Професор Трпе Стојановски од Факултетот за безбедност и поранешен директор на регионалната иницијатива за азил, бегалци и миграција МАРРИ вели дека целосно затворање на границата не е можно, бидејќи таква мерка досега не постоела и невозможно е да биде воспоставена.

„Но, позначајна и потемелна контрола на тоа кој поминува секако ќе значи еден нов квалитет во евидентирањето на бегалците и мигрантите кои од Грција доаѓаат во Македонија“, смета Стојановски.

Според него, мерката секако ќе биде скапа и ќе се инвестира во многу потенцијали и човечки, материјални и организациски од страна на ЕУ. Тоа за Македонија, како што нагласува би значело дека земјата ќе биде препознаена како дополнителен фактор кој ќе придонесе за безбедноста и ќе помогне во европскиот приод за решавање на проблемот.

„Тоа е еден мал исчекор, бидејќи во една ваква глобална бегалска и миграциска состојба многу тешко може да се најдат некои квалитетни решенија. Но, од друга страна тоа е можност Македонија да се промовира како фактор кој придонесува кон градење на ако така може да ги кажеме европски вредности или европска контрола на приливот“.

Тој додава дека Македонија треба да се обиде да профитира од ситуацијата и на политичко и на друго ниво, а не се исклучува и присуството на ФРОНТЕКС на границата со Македонија со што ќе се создаде нова можност која земјата треба да ја процени и искористи.

Потребата од „блокирање на границата ја истакна и унгарскиот премиер Виктор Орбан. Чешкиот премиерот Бохуслав Соботка изјави дека земјите од Вишеградската група имаат план, според кој, ќе ја зајакнат контролата на јужните граници на Македонија или Бугарија, доколку во текот на февруари не профункционира договорот за заштита на турско-грчката граница.