Изминува година на протести

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Изминува година на протести

Студенти, професори, хонораци, новинари протестираа барајќи да бидат чуени. Се разбудија различни групи на општеството. Протестите од мали поточиња прераснаа во незапирлива река. Некои успеаја во своите барања, некои сè уште се борат.

2015 е година на протести, она што започна кон крајот на 2014, беше само увертира. Протестираа студенти, средношколци, професори, наставници, хонорарци, новинари, се протестираше против политиките на власта, за почист воздух, против полициска бруталност... Имаше протести, а имаше и контра-протести. Годината започна со протестот на студентите и професорите пред парламентот на 14 јануари.

Ако законот се донесе, еве уште утре можеме да ги распуштиме Универзитетите и диплома да добиваме од господинот Адеми лично, откако ќе ни постави пет квиз прашања. Ги прашувам министерот и владата дали да си носиме партиска книшка и на полагање на испитот или само на интервју за работа?.
Ана Нешовска, студентка.

„Ќе бојкотираме, ќе блокираме и ќе окупираме“, порачаа на 14 јануари 2015 од Студентскиот пленум пред Собранието, доколку пратениците ги усвојат измените во Законот за високо образование. Тие уште еднаш рекоа гласно „НЕ“ за реформите во високото образование.

„Ако законот се донесе, еве уште утре можеме да ги распуштиме Универзитетите и диплома да добиваме од господинот Адеми лично, откако ќе ни постави пет квиз прашања. Ги прашувам министерот и владата дали да си носиме партиска книшка и на полагање на испитот или само на интервју за работа?“, рече тогаш студентката Ана Нешовска.

Вечерта на 14 јануари професори, студенти и граѓани пред Парламентот запалија свеќи и го „погребаа“ високото образование. Во рацете држеа и некролози на кои пишуваше „Високо образование 1949-2015“. Протестот уследи откако Собранието ги усвои измените на Законот за високо образование и покрај противењето на студентите и голем дел од професорите, кои сметаат дека со нив се урива автономијата на Универзитетот. Власта велеше дека револт нема, студентите се изманипулирани и партиски оркестрирани, а Професорскиот пленум доби контра-пленум.

Февруари го одбележаа автономна студентска зона на факултетите. Студентите спиеја, јадеа, организираа дебати, предавања, свирки и перформанси на факултетите со денови.

„Очекуваме крајниот резултат да нè слушнат, да биде укинат законот и ќе почнеме од таму “, вели Марија Грубор од Студентскиот пленум.

На крајот од месецот неколку илјади студенти го следеа концертот на босанско-херцеговскиот бенд Дубиоза колектив на платото пред Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје. Членовите на бендот на почетокот од концертот рекоа дека се во Скопје за да ги поддржат Студентскиот пленум и автономната студентска зона.

По низата протести и 14 дена окупација на факултетите, Пленумци постигнаа договор со власта за изработка на нов закон за високо образование во чие креирање заедно со надлежните кратко се вклучија студентите и професорите и ги ставија во мирување измените во постојниот закон со кој се предвидуваше полагање на државен испит. Поради политичката криза, таквиот договор со Министерството за образование брзо беше раскинат, затоа што според нив, Владата на Никола Груевски е нелегитимна.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Дубиоза колектив - Протестите немаат националност

Пуч, „бомби“ и антивладини протести

Првиот месец од 2015 заврши со протести пред седиштето на опозицискиот СДСМ, откако премиерот Никола Груевски најави кривична против лидерот на СДСМ Зоран Заев за случајот „Пуч“. Стотици граѓани се упатија кон партиското седиште на СДСМ, но полициски кордон ги спречи да стигнат до зградата на најголемата опозициска партија. Граѓаните се собраа по повикот на социјалните мрежи насловен „Да го искажеме револтот против предавниците“.

Во Македонија, само во период од неколку години, се прислушувани над 20.000 граѓани! Зад оваа операција стојат Никола Груевски и неколку луѓе околу него, рече Заев на 9 февруари, кога ја објави првата таканаречена бомба.

Игнорантскиот однос на власта и „бомбите“ на опозицијата преку кои јавноста слушна за многу злоупотреби, криминал, изборни манипулации, контрола на целото општество, а во кои, тврдеше опозицијата, се вклучени високи претставници на власта, ја зовре атмосферата, па мај 2015 го одбележаа протести на кои се бараше оставка од власта, кампување пред Влада и Собрание, судири меѓу демонстрантите и полицијата, оставки на тогашните министри Јанкулоска и Јанакиески и првиот човек на УБК Сашо Мијалков.

Цела Македонија веќе се дига и очекуваме да се освестат, Груевски и Јанкулоска очекувано е дека нема да се освестат, но очекуваме овие специјални единици да се освестат и да застанат од страната на народот.

„Цела Македонија веќе се дига и очекуваме да се освестат, Груевски и Јанкулоска очекувано е дека нема да се освестат, но очекуваме овие специјални единици да се освестат и да застанат од страната на народот“, рече еден од луѓето кои протестираат.

Мирните протести кои започнаа по „бомбата“ на СДСМ за убиството на младиот Мартин Нешкоски на 5 мај вечерта завршија со жестоки судири меѓу демонстрантите и полицијата. Насобраниот народ извикуваше „оставки, „убијци“, „Никола излези“, „Готово е, готово.“ Од 5 мај до крај порачаа демонстрантите кои потоа секој ден во 18 часот се собираа пред владата, Собранието, Судот, МВР, зградата каде што живее премиерот во зависност каде ќе дозволеше полицијата да се протестира.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Жестоки судири меѓу демонстрантите и полицијата

Заев - Никола мора да замине

На 17 мај 2015 се одржа голем антивладин протест во организација на СДСМ и граѓански организации. На протестот се обратија студенти, режисери, активисти, хонорарци и сите побараа оставки од владата.

„Со волја или без волја на Никола Груевски, тој ќе замине, мора да замине. Друго решение почитувани граѓаните за кризата која е во кумулативна фаза, нема“, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев.

По протестот стотици граѓани остана во импровизираниот камп пред Владата, првично замислен да постои сè додека Никола Груевски не си замине од власт.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Прв ден камп - протест пред влада

Груевски - нема повлекување, нема предавање

Следниот ден, на 18 мај 2015, власта организираше контра-протест под мотото Македонија силна, а во организација на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија.

„Цврсто веруваа дека ќе нè скршат, дека ќе нè прелажат со креирани, сечени и лепени снимки, со лажни воведи и наративи, дека ќе нè исплашат со терористички банди, дека ќе потклекнеме, дека ќе се предадеме, но вечерва го добиваат одговорот – Македонија не се предава, Македонија е силна. Им порачуваме нема повлекување, нема предавање“, рече Груевски.

И поддржувачите на власта поставија свој камп, овојпат пред Собранието, рекоа дека ќе останат таму се додека не ја одбранат демократијата.

Летните горештини и маратонските преговори меѓу партиските лидери за излез од кризата го разводнија револтот. По безмалку два месеци и склучен договор за излез од кризата Кампот пред владата беше растурен на 15 јули, а тој пред собранието се растури после неколку денови.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Можно ли е заедничко кафе меѓу двата табора во Скопје?

Средношколците протесираа, маршираа и кампуваа пред МОН

Во 2015 неколкупати протестираа и средношколците, а поддршка добија и од студентите. Средношколците маршираа за да се стави крај на лошите реформи во средното образование, тие бараа враќање на старата државна матура односно учениците да имаат право на избор дали ќе полагаат математика или странски јазици, како и менување на ефектот на резултатот од полагањето на екстерното тестирање врз крајната оценка на ученикот.. Покажуваа жолт картон на владата, извикува „Преку матурава ми е“, ги закопуваат лошите реформи во образованието, а на крај поставија и камп пред Министерството за образование.

Претеруваат, експериментираат со нас како со заморчиња.
Средношколец.

„Претеруваат, експериментираат со нас како со заморчиња“, вели средношколец.

Тие кампуваа 25 дена, па се вратија на настава. Не успееја во сите барања, но генерацијата што матурираше во 2015 полагаше матура по стариот концепт, додека екстерното тестирање остана. Стартот на учебната година ги активираше средношколците, тие уште си ги бараат своите права и бараат да бидат вклучени кога се носат реформи кои се однесуваат на нив. Ресорниот министер Абдилаќим Адеми изјави дека не е време за измена на Законот за основно и средно образование кога политичките партии се подготвуваат за предвремени избори. Според него, образованието не треба да е во преден план и да не се злоупотребува за политички цели.

СОНК на штрајк

Во јануари на површина испливаа и проблемите на наставниците, па претседателот на СОНК, Јаким Неделков повика на генерален штрајк на почетокот на второто полугодие. Синдикатот меѓу другото бараше укинување на паричните казни за наставниците според резултатите од екстерното оценување на учениците и зголемување на платите.Но, власта не го виде штрајкот на СОНК, барем не во прво време. На провладините медиуми излегуваа директори и наставници од училиштата во Македонија и читаа соопштенија дека не штрајкуваат. Власта измисли и заменски наставници. Но кратко потоа, во предвечерието на најавениот протест СОНК стави крај на штрајкот, кога падна договор со МОН за продолжување на социјалниот дијалог.

Не се плашиме! - порака од новинарите до власта

Јануари беше месец и на протести на новинарите. Илјадници новинари и граѓани на 20 јануари 2015 излегоа на протест пред Апелациониот суд во Скопје и пред Владата против затворската пресуда за новинарот Томислав Кежаровски. Кежаровски им се придружи на колегите на протестот, откако дента беше привремено ослободен од затворот.

„Неколку саати пред овој протест Кежаровски е пуштен за да се лечи. Тој повторно треба да се врати во затвор. Тоа значи дека не се суди според правда, се суди според сила и според притисок, епа еве им го притисокот“, рече претседателката на Самостијниот синдикат на новинари и медумски работници Тамара Чаусидис.

Насобраните новинари ја обвинуваа владата дека ги замолчува медиумите и слободите во општеството.

Во 2015 неколкупати протестираа и хонорарците. Упатуваа порака до владата – нема да ви плаќаме. Власта тогаш не ги слушна нивните пораки, но неколку месеци подоцна, по неколку промени на законот, кој крајот на јули го укина, откако не успеаја да го спроведат.

Протестираа и ЛГБТИ активисти и нивни поддржувачи кои бараа од институциите да ги расветлат нападите врз заедницата.

Незадоволната маса се слеваше по улиците на Скопје, се протестираше, се маршираше, но протести имаше и во други градови.

Освен пред Влада, Суд, Собрание, протестите пред јавниот сервис МТВ исто така привлекоа внимание. Поранешниот полициски генерал Стојанче Анѓелов со недели протестираше пред зградата на МРТВ во обид да го ослободи јавниот сервиси и со барање и македонската телевизија да ги објавува бомбите на опозицијата.

Обид за „ослободување“ на МРТВ

„Денеска ќе ја нападнеме МРТВ со бомби, со политички бомби и ќе им покажеме што сме ние и кој сме ние. Наместо со нивната омраза, со нашата љубов повторно ќе ги совладаме“, изјави Анѓелов.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Ангелов: Милион евра награда за притвор на Никола Груевски

Протести за оставка на Тодоров

Протестираа и незадоволните од здравството во земјата. Граѓаните бараа министерот за здравство да си поднесе оставка поради смртта на неколку пациенти во измината година, нереализацијата на низа проекти, како и за заминувањето на околу 700 доктори од Македонија.

„Тамара го загуби својот живот чекајќи да и се даде можност да живее од страна на министерот за смрт Никола тодоров“, рече активистот Огнен Јанески на еден од протестите на кој се бараше оставка од Никола Тодоров и на другите одговорни функционери за смртта на деветгодишната Тамара Димовска, која боледуваше од сколиоза, а надлежните не и обезбедија можност за лекување навреме.

Незадоволство изразија и лекарите, откако пациент пукаше во хирург.

Но и како во многу други сегменти од општеството, освен незадоволните се појавија и задоволни лекари кои бараа поддршка за Тодоров.

Студентите на крајот на 2015 имаа низа настани, а годината ја завршија со блокирање на Ректоратот на УКИМ, откако преку ноќ беа исечени речиси 50 дрвја за да се градат нови барокни згради во универзитетскиот кампус, а студентите не биле консултирани за тоа. И овој пат имаше контрапротести. Додека првите го блокираа Ректоратот во обид да добијат објаснување за постапките, нивни колеги од ФИНКИ со помош на „Македонски шуми“ и под полициско обезбедување садеа садници во кампусот на УКИМ.

На крајот на годината уште еднаш се бараше оставка од Тодоров кога во собранието се расправаше за неговата интерпелација, но таа не помина. Во декември се протестираше и за поддршка на бегалците, а загадениот воздух ги извади на улиците тетовци, скопјани и битолчани.