Ад хок фестивал во одбрана на автономијата на Универзитетот

Со идеја да бидат погласни од било кога и наново да ја изразат својата креативност и упорност, чистиот и неуморен дух за просперитет, студентите собрани околу Студентскиот пленум, од 10 декември, на платото пред УКИМ, го организираат тродневниот мултимедијален АД ХОК ФЕСТИВАЛ. Станува збор за натпартиски, надетнички и наднационален настан на кој е планирано да се одржат бројни концерти, работилници, изложби и други форми на младешко (суб)културно битисање и бунт.

Веќе цела година нè заокружуваат, нè етикетираат и нè лажат. Се обидуваат да ни ја одземат моќта и гласот кој го имаме. Затоа одлучивме да бидеме погласни од кога било. Високото образование ни го сведоа на соголен костур, се обидоа да ја спречат нашата академска слобода за интелектуално развивање и креативно достигнување. Сакаат од нас да направат роботи и слуги на нивниот режим.

Ние како бенд настапивме и на Големиот студентски протест што се одржа пред Владата на Република Македонија каде што свиревме пред огромен број на наши колеги и истомисленици. Тогаш се обидовме да испратиме една силна порака – дека вреди да се бориш за својата права. Затоа сега, како студенти, воопшто не се двоумевме околу поддршката на Студентскиот пленум во организацијата на овој АД ХОК ФЕСТИВАЛ.
Марко Џамбазовски, гитарист на ВИЗИЈА.

Ние имаме морална одговорност и должност да не ги почитуваме нивните неправедни правила. Нашите животи завршуваат во моментот кога ќе станеме тивки за работите кои се важни.

Ние, студентите, сме многу повеќе од број. Ние сме многу повеќе од тоа што бараат да бидеме. Време е да ви ја покажеме нашата креативност, упорност, интелект, но највеќе од сè, нашиот млад, чист и неуморен дух за просперитет!

Ова ќе го запишат во својот проглас студентите собрани околу Студентскиот пленум во предвечерието на претстојниот АД ХОК ФЕСТИВАЛ, тродневниот мултимедијален настан што ќе започне овој четврток напладне, на 10 декември, на Платото пред УКИМ во Скопје.

„Зошто баш Фестивал, а не протест? Поради тоа што сметаме дека протести во периодов претходно имавме многу и едноставно сакаме на еден поинаков и позитивен начин да го искажеме нашиот револт. Преку еден позитивен пример да создадеме чувство кај студентите дека тие се дел од Универзитетот и дека Универзитетот е нивниот дом, па така заеднички да застанеме во негова одбрана. На Фестивалот е планирано да има музичка програма во рамките на која ќе настапуваат млади музичари од Македонија и изложби, работилници и алтернативни предавања од кои дел за студентските проблеми, а дел за други општествени проблеми“, вели Дарко Малиновски, од Студентски пленум.

Во контекст на ова веќе се договорени настапите на бендовите и артистите како НОВИОТ ПОЧЕТОК, Д ЏОН, ПИ ЕМ ЏИ КОЛЕКТИВ, БАНДИКС, РОВЕРС ХЕНГАУТ, ФАНК ШУИ, БОНА ДЕА, ЗАД АГОЛОТ, ЕКСЦЕС, Диџеј Ајри Скреч, Диџеј Гоце САФ, Диџеј Илина Ангел и други.

„Ние како бенд настапивме и на Големиот студентски протест што се одржа пред Владата на Република Македонија каде што свиревме пред огромен број на наши колеги и истомисленици. Тогаш се обидовме да испратиме една силна порака – дека вреди да се бориш за својата права. Затоа сега, како студенти, воопшто не се двоумевме околу поддршката на Студентскиот пленум во организацијата на овој АД ХОК ФЕСТИВАЛ. Најважно е дека со овој чин ние наново ќе го изразиме бунтот на една генерација. Ќе посочиме повторно на местото на младиот човек во општеството. Не треба да се заборави дека младите се движечката сила во едно општество и тие неминовно мора да останат будни и да реагираат на секоја промена што се случува во нашата стварност“, истакнува Марко Џамбазовски, гитарист на ВИЗИЈА.

За време на концертите, во аулите на четирите факултети ќе бидат изложени цртежи и фотографии на студенти и уметници ( ПМС - „AD HOK SCIENCE“ и Ина Михајлова - „Студентски домови...), а ќе бидат организирани и алтернативни предавања и работилници. Така, Марио Јовановски ќе се обиде да развие дискусија околу здравиот начин на исхрана и физичките активности, Првото македонско здружение на студенти по психологија ПСИХЕСКО ќе иницира расправа за тоа што е морал и како се развива моралниот развој на човекот, ќе биде организиран и тренинг за студентските права. Културниот центар „Кула“ ќе го претстави „Стенсил арт во активизмот и уметноста“, Младинскиот образовен форум оди со темата „Како да (не) правиш пропаганда“, ЈУТКАН - „Преку активизам до личен развој“, и Светлана Сиљјаноска со „Симулација за решавање проблеми.“

„Ние се обидуваме, условно кажано, да ги анимираме студентите, да ги приближиме кон оние работи кои што им се случуваат и да ги натераме да ја зголемат нивната партиципативност во општествените текови. Сметаме дека преку еден ваков настан, каков што е АД ХОК ФЕСТИВАЛ-от, студентите, односно сите граѓани можат да добијат добра доза на забава, а воедно од друга страна да бидат конструктивни решавајќи ги проблемите“, дополнува Малиновски.

Конечно, Фестивалот ќе биде затворен со трибина на која ќе се говори за студентските и генерално за општествените проблеми во земјава.