Доналд Трамп го спореди неговиот предлог со планот од Втората светска војна кога во Соединетите Држави беа приведувани Американци со јапонско потекло.
Според Трамп, неговите идеи не биле полоши од оние на тогашниот претседател Френклин Рузвелт кој ја надгледувал интернацијата на над 110 илјади луѓе во владини кампови откако јапонските сили го бомбардираа Перл Харбур на 7 декември 1941 година.
„Немаме друг избор од овој. Имаме луѓе кои сакаат да ги разнесат нашите згради, нашите градови. Мора да се справиме со нив“, изјави Трамп, додавајќи дека забраната ќе била привремена и оти таа нема да важи за оние што веќе живеат во Соединетите Држави.
Немаме друг избор од овој. Имаме луѓе кои сакаат да ги разнесат нашите згради, нашите градови. Мора да се справиме со нив.Доналд Трамп.
Во понеделникот тој побара блокирање на муслиманите, вклучувајќи ги и можните мигранти да влегуваат во земјата.
Тоа беше најдраматичното барање од еден можен претседателски кандидат по масовното убиство во Калифорнија извршено од муслимански брачен пар со екстремистички врски.
Белата куќа ги повика републиканците да се изјаснат дека нема да го поддржат со оценка дека неговите коментари ја поткопуваат американската безбедност.
Портпаролот на Белата куќа Џош Ернст изјави дека предлогот го дисквалификува Трамп од евентуален претседателски мандат.
Двајцата републикански лидери во Конгресот, спикерот на Претставничкиот дом Пол Рајан и лидерот на републиканците во Сенатот Мич Меконел, го критикуваа Трамп, но со забелешка дека ќе ја поддржат неговата номинација доколку тоа го реши нивната партија.
Според сегашните анкети, Доналд Трамп води меѓу републиканските кандидати со 35 насто поддршка.
Сево ова и помага на неговата другарка Хилари Клинтон, секако.Џеб Буш.
Меѓу републиканците има и такви кои сметаат дека неговите изјави можат да и помогнат на Хилари Клинтон која води во трката на Демократите за претседателски кандидат.
„Сево ова и помага на неговата другарка Хилари Клинтон, секако“, вели Џеб Буш, кој исто така е во трката за кандидат за претседател на Републиканците.
Во меѓувреме, Демократите го осудија Трамп за неговите екстремистички изјави, но предупредија дека тие можат да му помогнат и да ја добие републиканската номинација за изборите догодина.
Самата Клинтон, предлогот на Трамп го оцени за опасен кој им одговара на екстремистите.
Според некои испитувања, постои голема разлика меѓу Републиканците и Демократите околу тоа како ги гледаат муслиманите чиј број во Соединетите Држави е околу 3 милиони или нешто помалку од еден процент од американската популација.
Некои републиканци сметаат дека Трамп би требало да оди чекор понапред и целосно да ги затвори границите на земјата.
Инаку, Трамп во вторникот на Твитер постави линк во кој се наведува дека 68 насто од неговите поддржувачи би гласале за него и ако ја напуштел Републиканската партија и би бил независен претседателски кандидат.