Унковски со праизведба на „Ајнштајновите соништа“ во Прилеп

„Ајнштајновите соништа“ е насловена претставата што, според бестселерот на американскиот физичар и писател Алан Лајтман, на сцената на театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп ја режираше Слободан Унковски. Премиерната изведба е закажана за сабота, 28 ноември, во 19.30 часот, а оваа „некласична драма“, патем работена како копродукција со театарот „Навигатор Цветко“, „се бави со различните аспекти на времето и ја покажува неговата релативност преку шаренилото од разиграни светови“.

Слободан Унковски, по „Солун град на духови“ како прв дел од трилогијата во која се планирани и „Лерин – полиња жито, ридишта крв“ и „Скопје – Скопје“, на сцената на театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп ја постави новелата на Алан Лајтман - „Ајнштајновите соништа“. Станува збор за бестселер на американскиот физичар и писател преведено дури на 40 јазици и за идеја на режисерот стара две децении, практично од моментот кога лично добил дозвола од авторот за ваквиот чин.

Во тој смисол претставата е необична, нема класичен заплет, нема класичен склоп, туку има само прелевање на разни аспекти на времето и за кое што сметам дека е возбудливо бидејќи не е класична драма. „Ајнштајновите соништа“ не се бави со политика, туку е многу нежна и отвора многу аспекти на времето и животот.
Слободан Унковски, режисер.

Говорејќи за проектот Унковски вели дека оттогаш, од деновите поминати во Бостон, имал голема желба романот на Лајтман да го постави на сцена. Дека многупати го предлагал на разни места, некаде дека го работел како работилница со студенти на постдипломски студии и т.н., за да сега Русомир Богдановски направи драматизација, а Златко Ориѓански подготви музика.

„Во новелата има 29 можни соништа на Анштајн врзани за разни аспекти на времето. Ние овдека не можевме сите да ги обработиме туку зедовме некаде 15-тина и се обидуваме да одиграме разни аспекти на времето во однос на човечкиот живот, на природата...Во однос на разни други аспекти на вртење на времето, на повторување и т.н. Во тој смисол претставата е необична, нема класичен заплет, нема класичен склоп, туку има само прелевање на разни аспекти на времето и за кое што сметам дека е возбудливо бидејќи не е класична драма. „Ајнштајновите соништа“ не се бави со политика, туку е многу нежна и отвора многу аспекти на времето и животот“, вели Унковски.

Во експликацијата за „Ајнштајновите соништа“ ќе биде запишано дека во овие светови времето се движи наназад, а во други се врти во круг. Некогаш прелетува со огромна брзина, а некогаш воопшто не минува. На некои луѓе животот им трае еден ден, а на некои – цела вечност. Во еден свет животот се повторува безброј пати, а во друг се дели на повеќе паралелни животи. Луѓето во овие светови наликуваат на делови од некаков механизам, или пак на марионети кои се движат, зборуваат, дејствуваат, но не според својата волја, туку под контрола на нивниот господар – времето. На моменти се чувствува нивниот очајнички обид да ја преземат судбината во свои раце и да се справат со времето. Но тоа е недофатливо и наметнува свои правила. Можеби некој ќе препознае дел од себе си во овие нереални ликови, сегменти од својот свет и од својата реалност во овој колаж од светови.

Овие „нераеални ликови“ ги играат деветмина актери, четворица од Прилеп и останатите од театарот „Навигатор Цветко“ - копродуцент на претставата. За Марија С. Илијеска, Наталија Теодосиева, Јасмина Мицоска Станкоска, Катерина Чакмакоска – Клинческа, Симона Димковска, Ивана Павлаковиќ, Игор Трчески, Владимир Ѓорѓијоски, Димитар Ѓорѓиевски, Александар Тодески, Димитар Црцороски, Мартин Манев и Илија Волчески, режисерот знае да каже дека „ја чинат младата екипа која што навистина воодушевува со својата енергија и со посветеноста во претставата“.

„Еве после толку години на постоење на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп дојде да режира и Слободан Унковски, а јас да бидам дел од тој проект - „Ајнштајновите соништа“ што за прв пат се поставува во историјата воопшто во театар. Задоволството беше големо да се соработува и со актерите од театарот „Навигаторот Цветко“ кој ни дојдоа како гости во претставата и милам дека направивме едно навистина интересно и современо дело кое разработува многу прашања, сериозни прашања, и за кое се надевам дека ќе биде многу допадливо и духовито за публиката“, истакнува актерот Игор Трпчески.

Инаку, по праизведбата во НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, „Ајнштајновите соништа“ треба да стигнат во Скопје и да бидат прикажани на 4 декември на новата сцена на театарот „Навигаторот Цветко“, која е предвидено да осамне во некогашното кино „Култура“.

„Тој датум не е сигурен бидејќи таму се уште се случува адаптацијата на просторот и согласно на тоа како ќе се одвиваат градежните работи, во наредниве два-три дена ќе процениме дали ќе ја прикажеме на 4 декември или некој ден подоцна. Едноставно таа сцена не е користена со години и сега интензивно се прават разни поправки, вложуваме големи напори, но за тоа ќе ја известиме публиката дополнително“, реле Унковски.

Кон ова само уште информацијата дека во процесот на подготовка на „Ајнштајновите соништа“ голем придонес со своите костими дала Роза Трајческа – Ристовска и дека Унковски искуствата од актуелната постановка ќе ги искористи за продолжението што е планирано да се случи во Југословенско драмско позориште во Белград.

„Би сакал да направам втор дел на истиот текст - „Ајнштајновите соништа“ во Југословенско драмско позориште во Белград каде што би понудил еден сосема поинаков пристап и поинакво читање на целата материја со некои сцени што тука технолошки не можевме да ги развиеме. Така да на некој начин ќе ја комплетирам оваа своја идеја која што ја носам повеќе години и која што сакам да ја артикулирам на сцена“, вели Унковски.