Достапни линкови

Моно-операта Дневникот на лудиот в недела на Младо охридско лето


Моно-операта „Дневникот на лудиот“ на неодамна формираниот Подвижен музички театар од Битола, в недела, на 26 јули, патува на „Младо охридско лето“. Проектот, кој според краткиот расказ на Николај Васиљевич Гогољ, го потпишуваат авторот на музиката, сценографијата и режијата Марјан Неќак, хрватскиот актер Озрен Грабариќ и неговиот сонародник Марин Лукановиќ, кој се погрижил за видеото, ќе биде изведен на сцената во предворјето на ОУ „Климент Охридски“ во рамките на ново промовираната јубилејна програма на нашата најголема летна културна манифестација.

Дневникот на лудиот од Н. В. Гогољ се смета за прв детален запис за шизофренија, уште пред болеста да биде призната и именувана во медицинската пракса. Како и да е, го доведува во прашање целиот свет во којшто личноста се обидува да го открие својот идентитет и општествен статус. Преку приказната на Попришкин, Гогољ на луциден начин зборува за болеста на општеството и нè потсетува дека сите ние сме во некаков конфликт со реалноста.

Пред секоја изведба ние ќе се обидеме некои работи да ги промениме. Да го вметнеме она што би ни го сугерирала публиката.
Марјан Неќак, режисер и композитор.

Додека конфликтите помеѓу Истокот и Западот, левицата и десницата, религиозниот и атеистичкиот свет, стануваат сè посилни, секој се бори за својата нормалност и во оваа борба тој е прогласен за луд.

Марјан Неќак, режисер и композитор.
Марјан Неќак, режисер и композитор.

Ова е за мене, ајде да кажеме, една нова форма со која се среќавам во театарот. Тоа е оној вид на музички театар којшто не им припаѓа ниту на Бродвеј ниту на холивудските лимонади. Ова е форма која мене многу ме интересира затоа што во прв план не е совршеноста на изведбата или музичката форма, туку се служи со музиката како средство за изразување.
Озрен Грабариќ, актер.

Спонтаноста е клучен сегмент кога ќе тргнете во креација, така се случи и оваа моноопера, која во себе содржи многу различни музички стилови, а сепак тргнува по патот на класично музичко дело Операта, на почеток Увертира за многу брзо да скршне од тој пат и да се претвори во Симфонија на менталните, на духовните и на емотивните состојби на протагонистот. Неговото заробеништво во самиот себе, неговите неможности и неговите полуинтересни реченици напишани од Гогољ без музичка партитура не би звучеле толку силно и запрепастувачки без разлика на успешноста на актерската интерпретација. Музиката е како вода, пловејќи по неа, пиејќи од неа и бранејќи се од неа кога е потребно, ние сме обвиткани во едно поинакво акустично руво за кое не сме ни сами свесни.

Ова ќе го запише Марјан Неќак непосредно пред премиерната изведба на моно-операта „Дневникот на лудиот“ на својот, новосоздаден Подвижен музички театар, која се обистини на 10 јуни годинава во Центарот за култура во Битола.

Видно задоволен од приемот на неговото актуелно остварување, композиторот и режисер на проектот знае да каже дека тие внимателно ќе ги следат реакциите на публиката и дека ќе се трудат да се подобруваат во од.

„Пред секоја изведба ние ќе се обидеме некои работи да ги промениме. Да го вметнеме она што би ни го сугерирала публиката. Кај нас, за жал, нема обичај да се прават разговори со публиката по претставата за тоа како таа го видела проектот, колку тој иницирал теми за размислување, што конечно им се допаднало на гледачите или не. Тоа надвор од нашава земја многу често се практикува и тоа е еден репер којшто ти покажува како тоа тие го доживеале и земајќи ги сите тие информации убаво е да се согледа што е добро, што може, а што не да се разбере итн“, вели Неќак.

Инаку, овој едночасовен камерен проект, преку музика, видео и театарска изведба ја истражува искривената претстава за нискиот државен чиновник кој е маргинализиран од страна на општеството и исфрлен како несакан. Него во случајов го толкува Озрен Грабариќ, актер на загрепскиот театар „Гавела“, уметник кој соработувал со мнозина реномирани режисери како Слободан Унковски, Едуард Милер, Томаж Пандур, Александар Поповски, Паоло Маџели и други и добитник на десеттина награди на фестивалите во Хрватска и надвор од неа. Тој, од своја страна, појаснува дека работејќи на овој проект со двајца енергични индивидуалци какви што се Неќак и Лукановиќ, често се прашувал колку е тенка линијата помеѓу ентузијазмот и лудилото и кој е полуд – оној којшто се вклопува во толпата или оној што сам стои на врвот.

„Ова е за мене, ајде да кажеме, една нова форма со која се среќавам во театарот. Тоа е оној вид на музички театар којшто не им припаѓа ниту на Бродвеј ниту на холивудските лимонади. Ова е форма која мене многу ме интересира затоа што во прв план не е совршеноста на изведбата или музичката форма, туку се служи со музиката како средство за изразување. Како средство на некакви органски импулси. Тоа е исклучително силен медиум кој на мнозина им помага да дојдат полесно до некои свои внатрешни скриени делови затоа што музиката е форма која го надминува разумот и оди директно до срцето и чувствата, до сето она што е длабоко скриено во нас“, вели Грабариќ.

Инаку, Подвижниот музички театар е формиран со цел да создава современа музика за театар и танц, современи форми на опера и музички и театарски експериментални изведби. Неќак како негов основоположник, потенцира дека за сите изведувачи, пејачи, музичари, режисери, кореографи и визуелни уметници театарот ќе стане „лабораторија за истражување на идеи и развој на иновативни изведувачки практики низ призмата на музичкиот театар“. Подвижниот музички театар, или скратено ММТ, исто така е планирано да работи во сферата на филмот, визуелните уметности и мултимедија, како и едукативни проекти за идните млади творци и изведувачи.

Иако со седиште во Македонија, Подвижниот музички театар ќе се стреми да ги претстави своите продукции насекаде низ светот. Во контекст на ова, по Битола и Охрид, моно-операта „Дневникот на лудиот“ ќе биде прикажана и на театарските фестивали во Сплит и на Бриони, а веќе е планирана и за следното издание на Фестивалот на монодрамата во Битола.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG