Мартиновски со нова книга и изложба на фотографии

Владимир Мартиновски

„Narro ergo sum / Раскажувам значи постојам“ е насловена новата книга, а „Во движење“ изложбата на фотографии, што поетот, раскажувач, есеист, теоретичар, преведувач, музичар и фотограф Владимир Мартиновски, оваа среда, на 25 ноември, во 20 часот, во „Концепт 37“ , ќе им ги понуди на почитувачите на неговото творештво и на уметноста воопшто. Организатор на овој двоен културен настан е издавачката куќа „Антолог“ од Скопје.

Владимир Мартиновски во манир на искусен компаратист во книгата „Narro ergo sum / Раскажувам значи постојам“ докажува дека не само што современата литература мора да се храни од дијалогот со книжевната историја туку и современата теорија на литературата е невозможна ако во својата основа не е отворена, хибридна, комбинаторичка.

Фотографијата е многу сериозна работа. За тоа сум свесен, но ова за мене е некој вид страст. Така некако. Тие убави работи сакам да ги споделам. Како и сите други. Го сакам тој момент – да се раскаже некоја приказна и преку фотографиите што ги сликаме патувајќи. Затоа и го именував „Во движење“ целиот овој циклус.
Владимир Мартиновски, писател.

Се чини дека се ова и главните квалитети во есеите на Мартиновски – тој успева да ги препрочита големите книжевни канони за кои сите по малку веруваме дека знаеме речиси сѐ, додавајќи нешто свое: мала промена на аголот на читање, нова перспектива во однос со некоја современа тенденција, поврзување со некое подоцнежно поетичко начело, на тој начин уште еднаш потврдувајќи ја идејата на Хорхе Луис Борхес дека не само што претходниците влијаат врз оние писатели што доаѓаат по нив туку и современите писатели влијаат на начинот на кој ќе бидат читани нивните претходници.

Авторот во еден лежерен „борхeсовски манир“, со секогаш присутни, но не премногу наметливи референции, во оваа книга , всушност, ја раскажува приказната за она што Гете го нарекуваше „светска книжевност“ – концепт според кој една литература може да биде жива и актуелна само преку спојот и во креативниот дијалог со другата литература, како дел од големиот културен мозаик.

Ова, меѓу другото, ќе го запише Владимир Јанковски во рецензијата за новата книга есеи „Narro ergo sum / Раскажувам значи постојам“ на својот колега писател Владимир Мартиновски, што како издание на „Антолог“ се појави деновиве.

А, Мартиновски , пак, подвлекува дека уште со својот наслов книгата упатува на тоа дека во неа, пред сè се анализира уметноста на раскажувањето. Тој вели дека низ 22 есеи се обидува да загатне исто толку аспекти и да покаже всушност колку е комплексен чинот на раскажувањето.

„Станува збор за есеи посветени на многу различни автори. Корпусот е огромен, значи од античката епика, па се до современиот расказ преку драмата, автобиографијата и многу други раскажувачки форми. Се обидувам да повлечам паралели и меѓу различните раскажувачки традиции на Исток и на Запад. Од споменатата античка епика, па се до патеписот во јапонската литература или различни форми на раскажување во современиот роман. “

Од друга страна „Во движење“ е првата самостојна фото-изложба на Владимир Мартиновски. Тој за неа, по малку срамежливо, знае да каже дека е сочинета од фотографии снимени во последниве две-три години на неговите патувања. По планините или во градовите што имал можност да ги посети. Дека она што го обединува е што сите се во панорамски формат ( 30 х 90 развиени) и дека го имаат тој темпорален момент и токму затоа тој ги поврзува со една раскажувачка постапка, преку слика.

„Фотографијата е многу сериозна работа. За тоа сум свесен, но ова за мене е некој вид страст. Така некако. Тие убави работи сакам да ги споделам. Како и сите други. Го сакам тој момент – да се раскаже некоја приказна и преку фотографиите што ги сликаме патувајќи. Затоа и го именував „Во движење“ целиот овој циклус. “

Влатко Галевски, филмски критичар и промотор на изложбата, од своја страна истакнува дека тој не може да ги одвои двата сегмента од проектот – книгата и фотографиите. Затоа повикувајќи се на аналогијата која Мартиновски ја прави во есејот од романот „Дафнит и Хлоја“ од хеленскиот писател Лонго, каде што овој вели дека „не постои некој кој му побегнал на Ерос, се додека постои убавина и очи што гледаат“, заклучува дека авторот е еден од оние кои не можат да му помогнат на богот на раскажувањето.

„Владимир Мартиновски е еден од оние кои неможат да му побегнат на богот на раскажувањето. Дали преку збор или фотографија, каков што е случајот, сеедно. Кај него Ерос лебди над планинските сртови, над урбаните пејсажи и фрла ли фрла љубовни стрели. Зборувам за неговите фотографии. А, Влатко, како што знаете, е лесно заљублив човек. За него вљубувањето е креативен принцип. На создавање, на творење. Тој дури патува со љубов.“

Роден 1974 година, Владимир Мартиновски e поет, раскажувач, есеист, теоретичар, преведувач, музичар и голем вљубеник во фотографијата. Работи како вонреден професор по предметот компаративни поетики на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

Автор е на повеќе поетски збирки, книги со есеи и книжевно-теориски студии, а приредил и неколку антологии, како и неколку зборници научни трудови од областа на книжевноста. Член е на Извршниот одбор на Меѓународната асоцијација за семиотика, Извршниот одбор на Европската мрежа за компаратистички проучувања, Друштвото за компаративна книжевност на Македонија, Меѓународната асоцијација за компаративна книжевност, Друштвото на писателите на Македонија и на Македонскиот ПЕН центар.

Тој е добитник е на прва награда на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“ за 2009 година (за расказот „Бубамара на зрно калинка“), на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата за 2010 година (за книгата „Квартети“) и на наградата „Димитар Митрев“ за книжевна критика и есеистика во 2013 година (за книгата „Зоон поетикон“).