Достапни линкови

Јовановиќ: Радио Слободно Скопје е бунт против репресираната слобода на мислење


Со заложба радиото да биде негов личен протест против медиумските (не)слободи, уметникот Ѓорѓе Јовановиќ Мобилно/Монтажна галерија на Центарот за современи уметности од Скопје ја претвори во своевидна „скулптура“ од чии пазуви во интернет просторот говори и се бунтува „Радио Слободно Скопје“. Зад него веќе застана добар дел од културната јавност.

„Идејата ја имав неколку години наназад и после еден неуспешен обид да ја раеализирам надвор од земјава под друго име, кога ја добив поканата од Центарот за современи уметности од Скопје, некако природно ми дојде да пробам повторно да го реализирам овој проект. Инаку, претходно во Канал 103 со некои мои колеги, неколку години, ја работевме емисијата „Свирачиња“ така што можре да се каже дека имам одредено искуство со овој медиум. Од друга страна загрижен сум, не само како и луѓето од медиумите туку и воопшто како граѓанин за медиумските слободи кај нас во Македонија. Така што тоа беа некои појдовни точки за да се определам да го работам проектот.“

Радиото е мој личен протест кон медиумските слободи во Македонија. Имам чувство дека живееме во време кога слободата на мислење е се повеќе репресирана. Од друга страна просторот за култура што постои во електронските и во пишаните медиуми е се помал и помал.
Ѓорѓе Јовановиќ, уметник.

Вака уметникот Ѓорѓе Јовановиќ ќе ја започне сторијата за „Радио Слободно Скопје“, шестдневниот радио зафат ( стриминг-интернет радио) што ќе биде реализиран од 27 октомври до 1 октомври во Мобилно/Монтажна галерија која за оваа пригода е трансформирана во објект-радио приемник, а нејзината внатрешност е претворена во студио од кое ќе се емитува програма со различни содржини од кои дури цели 20 часа се продуцирани специјално за оваа пригода.

Macedonia - artist Djordje Jovanovic
Macedonia - artist Djordje Jovanovic

Ова подразбира дека „Радио Слободно Скопје“ во овој период стана отворен медиум за визуелните уметници, музичарите, теоретичарите, социолозите, студентите, работниците, активистите и граѓаните. Неговата програма е местото каде тие ќе ги претстават своите идеи и предизвици што произлегуваат од тековните политички и економски потреси, како и нивните ставови и размислувања за иднината.

„Радиото е мој личен протест кон медиумските слободи во Македонија. Имам чувство дека живееме во време кога слободата на мислење е се повеќе репресирана. Од друга страна просторот за култура што постои во електронските и во пишаните медиуми е се помал и помал. Познавам доста новинари и мислам дека голем дел од нив го делат ова мое мислење. Такашто, на крај, ова е некој мој скромен обид да допринесам кон актуелизирање на овие теми, на овие проблеми во нашето општество кои секако и регионално се многу актуелни.“

Јовановиќ дополнува дека уметноста, всушност голем број на уметници денес се обидуват да посочат на некои работи што се случуваат во општеството и затоа во зависност од проектот, од делото тоа може да привлече внимание, да иницира дискусии. Вели дека притоа е битно од различни страни да се посочуваат проблемите и секогаш одново да се актуелизираат.

„Кој ќе биде ефектот од ова делување на „Радио Слободно Скопје“ не знам. Битно е, според мене, на микро ниво константно да има поголем број на прогласи од различни луѓе. Сметам дека како што го имаме досега концепирано проектот тој ќе може и после овие шест дена да се повторува дури и во формата што ја замисливме со Мобилно/Монтажна галерија. Самата Галерија веќе неколку пати патуваше по Македонија, а Радиото како медиум е доволно флексибилен и лесно може да се адаптира на различни услови. Би било убаво, ако можеме да речеме и на подолг рок да го продолжиме овој проект како што го осмисливме сега. Мислам дека би била дури и убава глетка во некои од градовите да ја видите оваа скулптура од чија што внатрешност се емитува програма која што се занимава со важни општествени прашања и теми од културата.“

Појаснувајќи го насловот на проектот, уметникот вели дека нема докрај некој логичен одговор.

„Насловот на едно дело за мене е одлучувачки. Зошто „Радио Слободно Скопје“ јас немам некој до крај логичен одговор. Се наметна некако природно иако работниот наслов беше „Ново Радио Луксембург“, но тоа повеќе се врзува со подготовките на проектот кога имаше малку други насоки и каде реферирав на култното Радио Луксембург од 1960-те години кое за луѓето од поранешна Југославија има големо значење во однос на возприемањето на поп културата и културата воопшто. Едноставно било „прозорец кон светот“.“

И кон ова уште збор – два за програмската понуда. На „Радио Слободно Скопје“ слушателите ќе имаат можност да проследат: паравести, разговори и предавања, радиодрами и музика.
Подетално Рамадан Рамадани ќе чита делови од своите прозни дела „Трошки“ и „Политички анализи“. Ќе биде емитуван разговорот со Анастас Вангели - „Вуна во Кина“, предавања на Владимир Јанчевски и на Гоце Наумов, а тука се и оние во организација на Институтот за општествени и хуманистички науки од Скопје (Катерина Колозова, Светлана Слапшак, Артан Садику...).

Во етерот ќе се чуе и провокативната дискусија меѓу Никола Гелевски, Борис Буден, Љубомир Фрчковски и Жарко Трајановски во организација на „Контрапункт“, разговор со режисерот Желимир Жилник и др. Ќе биде емитувана и емисијата „Кој се плаши од... “ со Александра Бубевска, посветена на табуизираните теми во нашето општество: луѓето со попреченост, геј-правата и феминистичките прашања. Ќе има и контактни емисии со наслов „Ало, извршителе!“ и „Алоооооооооооооооооооооо!“, а во музичкиот дел ќе може да се проследат концертите на „Поклон“ и на „Супрематистички човек“.
Планирано е и одново заживување на радиодрамата како израз и од таму на програмата ќе се најдат „Животинска фарма“, „Голема работа“, како и драми од архивата на Македонска радиодрама.

Посебно поглавје од проектот се и интервјуата со македонските писатели, па така зад микрофонот на „Радио Слободно Скопје“ се очекуваат Румена Бужаровска, Владимир Мартиновски, Владимир Јанковски и други.

Конечно проектот е реализиран во соработка со Центарот за современи уметности од Скопје и радиото МОФ, а ќе може да се слуша преку веб-страницата на радио МОФ.

Инаку, роден 1980 година во Скопје, Ѓорѓе Јовановиќ дипломирал на Факултетот за ликовни уметности. Досега има реализирано повеќе проекти во чиј фокус се прашањата за интеграција и дезинтеграција на современиот човек. Во своите дела тој ги преиспитува меѓучовечките односи во контекст на општата состојба на редефинирање на универзалните вредности, односот човек-општество и конзумеризмот како клучен фактор на модерниот начин на живот, политиката како фактор на распаѓање на градовите, државите и семејствата. Во творештвото на Јовановиќ присутен е и елементот на авто-референцијалноста, како и преиспитувањето на себеси во потесен и поширок контекст на распадот на старите и создавањето нови вредности.

Јовановиќ самостојно изложувал во Скопје, Белград, Њујорк и Грац, а за муралот „Каде плови овој брод?“ беше добитник на наградата за најуспешен автор и дело на 10-тото Биенале на млади уметници што се одржа во мај минатата година.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG