Во извештајот на ЕУ ќе доминира политичката криза

Вицепремиерот за евроинтеграции Бесими очекува објективен извештај од ЕУ во кој ќе доминира политичката криза.

Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими очекува да биде доставен наредната недела и да биде објективен, а во него да доминира политичката криза.

Со жалење морам да кажам дека поголемо место во содржината на извештајот за напредокот ќе има политичката криза со оптимизам дека оваа криза е канализирана и има можност да се реши.
Фатмир Бесими, вицепремиер за евроинтеграции.

„Со жалење морам да кажам дека поголемо место во содржината на извештајот за напредокот ќе има политичката криза со оптимизам дека оваа криза е канализирана и има можност да се реши“, вели Бесими.

Бесими ова го кажа на седницата на Собраниската комисија за европски прашања на која присуствуваа и пратеници од Европската зелена партија. Игор Шолтез од Словенија ја нагласи потребата секоја држава која претендира да биде дел од Европа да има силни и независни институции, што ќе ја контролираат владата и трошењето јавни пари. Како што кажа Шолтез, исто така важно е секоја држава да има слободни медиуми, но и независни тела кои ќе контролираат како се трошат парите за време на изборните кампањи. Тој наведе дека Македонија има институционални проблеми.

„Би можела да видиме не само во Македонија, туку и во други држави некаков вид на недостаток не на моќ, туку на независност на овие институции. Знаеме дека некоја мора да биде назначен како водач на институциите, но понекогаш се добива чувство дека мешањето во работата на овие институции се премногу чести“, вели Шолтез.

Тој нагласи дека е важно да се изгради систем на стабилни и независни институции. Тоа е важно за да се врати довербата на граѓаните и да се покаже дека не е важно кој ја има моќта, туку дека во државата има високо ниво на транспарентност и на демократија“,рече Шолтез.

Ребека Ханс од Партијата на Зелените од Германија потенцираше дека Балканот ќе се врати високо на Агендата на ЕУ во наредниот период и оцени дека ситуацијата со бегалската криза налага потреба од опсежна соработка со цел справување со тешката ситуација во ЕУ поради овој светски проблем. Ханс наведе дека ЕУ треба да ја поддржи Македонија на патот кон Унијата, но и дека треба да се подобрат внатрешните состојби во земјата.

„Бидејќи во Македонија има политички застој Брисел не може да биде обвинет и за тој застој. За да се излезе од оваа ситуација тоа е одговорност на оваа држава, но гледаме исто така европска одговорност за да се помогне во наоѓање начин за излез од овој политички застој“, вели Ханс.

Ханс наведе дека крајно време е Македонија да отвори нови поглавја во процесот на преговори со ЕУ во делот на правната држава, човековите права и заштитата на животната средина. Според неа отворањето на овие поглавја овозможува подобри услови за демократските процеси во Македонија.

На седницата за европски прашање пратеничката Ермира Мехмети критички се осврна кон работата на Собранието, оценувајќи дека не може да се зборува за политички дијалог ако во Парламентот нема вистинска дебата, а Лидија Димова од СДСМ изрази разочараност што Македонија назадува на нејзиниот европски пат во споредба со земјите од регионот. Таа наведе дека ЕП треба малку подлабоко да влезе во самиот процес на пристапување на Македонија кон ЕУ и да се најаде институционален начин како соработката да се зацврсти.