Кога слонови се тепаат, тревата останува уништена и страдаат глувците. Така е и со регионот, кој е колатерална штета во мигрантската криза, затоа што Балканот не е конечна дестинација за мигрантите, но како транзитна рута трпи последици, вели Желимир Кешетовиќ од белградскиот Факултет за безбедност.
Ајде јас малку да си го смалам проблемот и да го префрлам во дворот на комшијата, таквиот став е едноставно лоша и неодржлива приказна. Ние мораме со интегрален холистички пристап, ние на овие простори со слични или малтене со исти безбедносни проблеми, мораме да најдеме минимум заеднички интерес.Желимир Кешетовиќ, Факултет за безбедност во Белград.
Тој, на денешната дебата за безбедносните предизвици за Македонија и регионот, истакна дека е неопходно земјите од западнобалканската рута да изградат заеднички црвени линии со кои ќе настапат во справувањето со бегалската криза.
„Ајде јас малку да си го смалам проблемот и да го префрлам во дворот на комшијата, таквиот став е едноставно лоша и неодржлива приказна. Ние мораме со интегрален холистички пристап, ние на овие простори со слични или малтене со исти безбедносни проблеми, мораме да најдеме минимум заеднички интерес. Мислам дека Србија и Македонија мора да подвлечат една црта и во преговорите со ЕУ под која не ќе може да преминат и покрај најдобрата волја, затоа што би ги загрозиле елементарните услови за живот, тоа не е работа на добра волја, туку на физика, едноставно не е можно“, вели тој.
Кешетовиќ додава дека регионален консензус во однос на мигрантската криза ќе помогне да се слушне гласот на Балканот.
Неговиот хрватски колега Сандро Кнезовиќ од Институтот за развој на меѓународни односи во Загреб смета дека во Европската унија постојат различни приоритети и тоа е еден од проблемите во справувањето со мигрантската криза, особено во делот на прифаќањето на мигрантите и квотите предложени како решение.
„Лошата координација на ЕУ, не само што доведува до загрозување на шенгенската спогодба, туку и доведува до кревање на ѕидови во самата Европска унија. Една работа е што за мене е концептуално тешко прифатливо кога кревате ѕидови на надворешните граници на Европската унија, но кога тоа го правите внатре во Унијата, меѓу Унгарија и Хрватска, тогаш имате сериозен концептуален проблем во однос на темелните вредности на Европската унија“, вели тој.
Томе Батковски од македонскиот Факултет за безбедност вели дека Европската унија е пасивна и дека не може да се снајде во решавањето на овој проблем.
„Криза во која Европската унија никако не може да се снајде и сметам дека час поскоро водечките структури во ЕУ на стратегиски план да најдат свој пристап во однос на кризата, а стратешкото прашање е во сопирање на судирот во Сирија и Ирак“, вели тој.
Европските решенијата предложени како квоти за прифаќање на мигранти и кревањето на погранични ѕидови само го зголемуваат проблемот, согласни се експертите. Тие велат дека во ситуацијава, мали држави со мало влијание се соочени со наметната криза и работат само на последиците, но не и на причините поради кои е наметната. Тие изразија загриженост дека постои веројатност оти во мигрантскиот бран може да бидат инфилтрирани и припадници на исламско-џихадистички организации.
Постојат ризици и од аспект на организиран криминал, на пример фалсификувањето на сириски документи во Грција и Турција стана лукративен бизнис, а во Германија е забележана и појава на луѓе кои доаѓаат од Балканот, а се претставуваат како Сиријци, злоупотребувајќи го мигрантскиот бран за други цели, вели Кешетовиќ.
Според податоците на МВР, од почетокот на годинава досега низ Македонија транзитирале над 424 илјади мигранти.