Сте се запрашале ли некогаш, чуму овој гнев кај младите? Од каде потекнува таа идеја за надвор, за излез, за бегство од суровата реалност која тука ги очекува? Би кажала иднина, но тој збор одамна се брише од нашиот вокабулар, оти неа тука навидум како да ја снемува. Како и би ја имало во држава на инстант небулозни реформи, закони, пропаднати образовни процеси и се повеќе споменици. А кога станува збор за нашиот образовен систем, сторивте ли спомен и од него?
Знаете дента кога ја започнавме нашата битка, во мислите одекнуваше ехото на многубројните гласови: „Залудно е дечки, оваа битка е загубена уште пред да започне!“. Но дали е навистина загубена, останува на нас да одлучиме. Не се предава така лесно средношколскиот активистички дух.
Четврта по ред година како младите генерации се подложни на владиниот модел на екстерното тестирање, но истовремено втора година по ред, како младите генерации не молчат. Знаете дента кога ја започнавме нашата битка, во мислите одекнуваше ехото на многубројните гласови: „Залудно е дечки, оваа битка е загубена уште пред да започне!“. Но дали е навистина загубена, останува на нас да одлучиме. Не се предава така лесно средношколскиот активистички дух.
Минатата година ние бевме едни обични плодови на ова мало парче почва, кои чекаа нешто да им помогне при созревањето. Кажете ми средношколци, нели се чувствувате позрело? Бевме заокружувани, омаловажени, етикетирани на секаков можен начин. Знаете ние сме борци за правдата, за вистината, а патот до неа е мошне тежок. Некои битки ги извојувавме, некои признавам сè уште тапкаат во место. Наше е да ги поттурнеме, да ги однесеме до крајот на тунелот каде не чека светлина.
Но иако не успеавме да ги кутнеме наземи сите пречки кои ни дишат во врат, сепак успеавме да изградиме фундаментална основа врз која ќе се потпираат сите следни генерации. Излеговме на улица и таму се случи онаа долгоочекувана промена која после толку изминати години не се случи седејќи во училишните клупи. Успеавме да изградиме цврсти карактери, личен став и успеавме да ослободиме една птица долгорочно заробена во кафез. Најважното од сè, во ниту еден момент не се предадовме. Научивме дека бројките кои се исцртани во графите од дневникот, не нè чинат луѓе, оти цел живот така сме учени. Ставивме дознаење дека не можат да си поигруваат со нашата иднина, оти тие така се учени. Луѓе нè чини начинот на кој размислуваме, талентот кој го истакнуваме и интелектот кој го поседуваме. Та кажете ми дали е во ред нашиот интелектуален распон да биде сведен на 30 проклети прашања? Дали е во ред нашата иднина и иднината на нашите професори да зависат од техничките грешки на кои нема крај? Налет друго, кажете ми дали е фер?
Но ете, на крајот од денот, кога сите светла ќе згаснат, нашата битка се сведува на тоа да не се обесхрабриме и во ниту еден случај да не потклекнеме на раните. Оти знаете, рани ко рани, зараснуваат. Вистинската храброст е во тоа да не отстапиме од фронтот и да останеме сплотени во едно. А средношколскиот колективен организам и разум не знае да функционира поинаку. Дали ни е преку глава? Дали сме уморни? Да. Најискрено? На колена се влечеме со последни сили, но не се предаваме. Зимата ќе ја направиме постудена од било кога, оти можеме да бидеме повеќе, многу повеќе.
Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.