Достапни линкови

Многу нелогичности во екстерното тестирање


Имаме прашања на албански јазик, а одговори на македонски или прашања на албански јазик даден еден одговор на англиски јазик, а други два одговори немаме, велат од Средношколскиот пленум.

Многу пропусти и нелогичности го следат екстерното тестирање кое е во полн ек. Родителите и децата реагираат на многу технички и нелогични грешки кои, како што велат, секоја следна година се сѐ повеќе. Ставот на дел од наставниците е дека оваа образовна реформа е неквалитетна и непотребна.

Јас како професор не можам да одговорам, бидејќи нема никаква логика. Не знам какви одговори бараат од нелогично прашање, а што да очекуваме од децата кои имаат трема.
Љатив Исмаили, професор во средното училиште.

Љатиф Исмаили, професор во средното училиште „Осми септември“ во Тетово, вели дека забележал низа нелогичности во самите тестови.

„Јас сум професор по стручни предмети. Го гледав тестот по сметководство. Јас како професор не можам да одговорам, бидејќи нема никаква логика. Не знам какви одговори бараат од нелогично прашање, а што да очекуваме од децата кои имаат трема, меѓутоа се уште се фалат министерот и премиерот дека ова е успешна реформа, а всушност од ова нема ништо и само се уназадува образованието“, вели Исмаили.

Од Мултиетничкиот синдикат за образование, пак, во целост ги поддржуваат анализите на Наставничкиот пленум, кои укажуваат на тоа дека постојат бројни недостатоци на оваа реформа. Претседателката на овој синдикат Сузана Стефановиќ, вели дека оваа реформа треба да се укине или пак да се менува во корен.

Нашиот став е да нема екстерно или да се менува од корен, затоа што екстерното гледате до какви состојби доведува и кај учениците и кај наставниците.
Сузана Стефановиќ, Мултиетнички синдикат за образование.

„Нашиот став е да нема екстерно или да се менува од корен, затоа што екстерното гледате до какви состојби доведува и кај учениците и кај наставниците. Значи, непотребни се. Нека има проверка со тестови, но нека не влегува во успехот на учениците и во оценувањето на наставниците“, вели Стефановиќ укажувајќи на низа недостатоци во тестирањето.

Средношколците кампуваа пред МОН за да се укине екстерното.
Средношколците кампуваа пред МОН за да се укине екстерното.

„Многу смешно беше годинава. Дадени се прашања и одговори. И сега што учење на памет на одговорите. Ученик кој цела година работел ќе добие пак петка, но и ученик кој цела година не работел може да добие тројка или четворка ако ги научи напамет понудените одговори. Многу нелогично“, додава таа.

Имаме прашања на албански јазик, а одговори на македонски или прашања на албански јазик даден еден одговор на англиски јазик, а други два одговори немаме.
Александар Милевски, Средношколски пленум.

Љатифи вели дека ваков тест не треба да постои во образованието. Според него Министерството за образование нема слух за реалните барања на наставничкиот и средношколскиот пленум.

„Реформите се добри и ако некој ги прифаќа нив тоа се најпрво просветните работници. Меѓутоа не овие реформи, не реформи по диктат на политички партии, туку реформи по квалитет на образованието. Ако оваа реформа се донесеше во соработка со училиштата и наставниците, немаше да има такви реакции. Вака излегува дека целта била само казнување на наставниците и полнење на празниот буџет“, вели Исмаили.

Веќе подолго време преку протести и јавни настапи своето незадоволство од оваа реформа ја покажуваат и средношколците. И од Средношколскиот пленум денеска реагираа на голем број неправилности и технички пропусти во тестовите, за што како што рекоа пристигнале многу приговори од учениците.

„Имаме прашања на албански јазик, а одговори на македонски или прашања на албански јазик даден еден одговор на англиски јазик, а други два одговори немаме. Сакаме да го прашаме министерот Абдилаќим Адеми дали екстерното тестирање треба да изгледа вака и дали е тоа она екстерно тестиање кое тој ни го ветуваше на нас и на јавноста? И дали не му е барем малку срам поради некои негови грешки или на некои луѓе од министерството за со тоа учениците да бидат деградирани и оштетени?“, изјави Александар Милевски од Средношколскиот пленум.

Сепак, бурните реакции во јавноста и неколкуте протести на учениците и наставниците не ги предомислија надлежните институции да направат измени околу овој проект. И годинава предвидено е оценките од екстерното тестирање да влезат во свидетелствата и во вкупниот успех на учениците.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG