Средношколците денеска на 1 септември симболично се собраа во Паркот на новинарите спроти Министерството за образование и наука(МОН) за, како што велат од Средношколскиот пленум, да ја започнат својата битка против лошите реформи во образованието, односно да продолжат онаму каде што застанале пред три месеци. По тој повод беше организирана и панел дискусија по која следеше и музички дел.
Ако се постават игнорантно и ако направат реприза на изминатата учебна година и ние ќе го направиме истото. Ќе направиме реприза на изминатата година со тоа што оваа година имаме повеќе време и да преговараме и да протестираме, бојкотираме и кампуваме.Симона Туфегџиќ, Средношколски пленум.
Симона Туфегџиќ од Средношколскиот пленум вели дека идните активности ги планирале од летото и повторно ќе ги достават нивните барања, а потоа сè зависи од односот на МОН.
„Ако се постават игнорантно и ако направат реприза на изминатата учебна година и ние ќе го направиме истото. Ќе направиме реприза на изминатата година со тоа што оваа година имаме повеќе време и да преговараме и да протестираме, бојкотираме и кампуваме“, вели Туфегџиќ.
Средношколскиот пленум ќе се бори за подобро образование односно против лошите реформи. Конкретно изборите кои се планирани за април не мислам дека имаат влијание на нашата борба, а и не би требало да имаат.Андреј Битраков, Средношколски пленум.
Андреј Битраков од Средношколскиот пленум вели дека размислуваат за промена на барањето во поглед на државната матура по најавеното работење на нов концепт од страна на МОН.
„Средношколскиот пленум размислува барањето да гласи така да ние добиеме рамноправна инволвираност во донесувањето на новиот концепт и новиот концепт, доколку е донесен да стапи на сила за оние средношколци кои би се запишале по неговото донесување“, информира Битраков.
Коментирајќи ја денешната изјава на министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, тој вели дека тие се борат за нивните права независно од тоа дали во наредните месеци ќе се организираат избори.
„Нашето образование за нас е најбитно и во никој случај не сме инструирани од ниту една политичка партија. Нешто што сме го докажале неколку пати наназад. Независно кој е победник на изборите или кој е моментално на власт, Средношколскиот пленум ќе се бори за подобро образование односно против лошите реформи. Конкретно изборите кои се планирани за април не мислам дека имаат влијание на нашата борба, а и не би требало да имаат“, додава тој.
Адеми изјави дека не е време за измена на Законот за основно и средно образование кога политичките партии се подготвуваат за предвремени избори. Според него, образованието не треба да е во преден план и да не се злоупотребува за политички цели.