Тешко функционира Советот на Општина Тетово

ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ иако се во владејачка коалиција често јавно искажуваат несогласувања во тетовскиот Совет. Опозицијата вели дека или не се координирани или пак прават политички маркетинг.

Советот на Општина Тетово две години не работи според правилата и не фунцкионира во насока на подобрување на животот во градот, обвинуваат од опозицијата, посочувајќи ги честите несогласувања меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кои го сочинуваат владејачкото мнозинство. На последната седница, како често пати досега, советниците од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија работата на Советот.

Ветувањата што едни на други си ги дале за локалните избори, не се исполнуваат. Претпоставуваме дека ВМРО-ДПМНЕ учествува во креирањето на дневниот ред за секоја седница, но очигледно не е така. Често пати доаѓаат на седница затечени.
Драган Давидовски, советник на ВМРО Народна партија.

„Ветувањата што едни на други си ги дале за локалните избори, не се исполнуваат. Претпоставуваме дека ВМРО-ДПМНЕ учествува во креирањето на дневниот ред за секоја седница, но очигледно не е така. Често пати доаѓаат на седница затечени. Но понекогаш се поставува прашањето, можеби сè е маркетинг во смисол на добро договорена политичка игра. И едните и другите да бидат кај своите патриоти, кои се борат за правата на Македонците и Албанците“, вели единствениот советник на ВМРО Народна партија, Драган Давидовски.

Дурим Љума од ДПА вели дека на секоја седница бара од советниците на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ да ја подобрат меѓупартиската координација.

„И при формирањето и при продолжувањето на Советот, сè повторуваат. Не се запазуваат процедурите. Дневниот ред се надополнува на седница или пред седница. Така да тука имаме големи забелешки околу функционирањето на Советот. Се обидуваме да даваме наши забелешки, ама колку тоа од другата страна се прифаќа е друго прашање. Така што до сега не сме успеале да ги убедиме.“

Од ВМРО-ДПМНЕ и покрај честите вербални судири со коалициониот партнер во Советот, велат дека сè е во ред, но ја критикуваат работата на општинската администрација.

„Координација има. Но во демократијата има некои промени, мислења, прашања што треба повеќе да се мислат, како да се искажат или договораат. За многу советници од ДУИ сум им благодарен за поддршката што ни ја даваат и обратно и имаме координација. Овде ќе искажам повеќе пати сме кажале за кабинетот на госпоѓа градоначалник Теута Арифи, каде е кочницата и до каде треба да биде, значи таму треба очигледни промени во однос на комуникација и разбирање“, вели Горан Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ.

Причина за последните несогласувања меѓу ВМРО- ДПМНЕ и ДУИ беа точките од дневниот ред кои се однесуваа на урбанистички планови и легализација на дивоградби, за кои се бараше да се префрлат за наредна седница.