Европа се соочува со три силни предизвици: влошената безбедносна ситуација на јужното и североисточното крило, продолжената економска евро криза и бранот мигранти од Блискиот Исток и Северна Африка, констатира во написот за Политико, авторот Ендрју Михта.
Не сме во добра состојба. Има недостиг на Европа во Европската унија, а има недостиг и на единство во Европската унија. Тоа треба да се смени.Жан Клод Јункер, претседател на Европската комисија.
Истовремено, традиционалното гледање на улогата на НАТО како мост за внатрешните разлики е ставена на тест со политиката на Турција кон Курдите и европските Исток – Запад разлики околу начините за справување со Русија. Така, според Ендрју Михта, Европа влегува во спирална криза која веројатно ќе се продлабочува во следните години.
И тука да потсетиме на изјавата на претседателот на Европската комисија за состојбата на Унијата пред пратениците на Европскиот парламент во Стразбур минатиот месец.
„Не сме во добра состојба. Има недостиг на Европа во Европската унија, а има недостиг и на единство во Европската унија. Тоа треба да се смени“, порача Јункер.
И претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, за време посетата на Турција, оцени дека играта со меѓусебни обвинувања нема да им помогне на бегалците.
Војните на Блискиот Исток веројатно уште ќе го поттикнат бранот бегалци што можеби ќе бара ангажман од НАТО за зацврстување на редовите. Затоа во написот на Политико се бара од администрацијата на американскиот претседател Барак Обама да работи врз консензус на Алијансата. Никој не верува дека САД би се вратила на нивото на воено присуство во Европа како од времето на Студената војна, но американските сили би требало да бидат распоредени во разумна големина.
Американскиот државен секретар Џон Кери на почетокот на септември изјави дека Соединетите Држави се залагаат да преземат повеќе сириски бегалци. До ова доаѓа откако неколкумина американски конгресмени побараа администрацијата да преземе дополнителни напори за решавање на кризата со бегалскиот бран во Европа.