Специјалната обвинителка Катица Јанева денеска до Советот на јавни обвинители поднесе листа со 14 предложени кандидати кои би работеле во нејзиниот тим за гонење на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите. Во листата на Јанева се наоѓаат обвинители од постојните јавни обвинителства од повеќе градови.
Се работи за истакнати професионалци кои уживаат доверба и висока репутација. Би сакала да нагласам дека бројот на јавни обвинители кој е предложен е неопходен за успешно работење на специјалното јавно обвинителство.Катица Јанева, специјален обвинител.
За нејзини соработници, таа ги предлага обвинителите Артан Ајро, Гаврил Бубевски, Дарко Јакимовски, Ленче Ристовска, Марија Ѓорѓева, Снежана Бундалевска, Трајче Пеливанов и Фатиме Фетаи од скопското обвинителство, обвинителот Бурим Рустеми од кумановското обвинителство, Елизабета Јосифоска од гостиварското обвинителство, Лејла Кадриу од тетовското обвинителство, обвинителот Љубомир Лапе од Крива Паланка, обвинителот Стевчо Дончев од кочанското обвинителство и обвинителката Лиле Стефанова од обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
„Се работи за истакнати професионалци кои уживаат доверба и висока репутација. Би сакала да нагласам дека бројот на јавни обвинители кој е предложен е неопходен за успешно работење на специјалното јавно обвинителство, поради што очекувам Советот на јавни обвинители, имајќи ги предвид кратките временски рокови за формирање на тимот во Специјалното јавно обвинителство, ќе ја потврди довербата во колегите со нивен избор за јавни обвинители во специјалното јавно обвинителство“, рече Јанева.
Таа посочи дека очекува нејзините предлози да бидат избрани во најкус можен рок и во рамките на законските рокови специјалното обвинителство да започне со работа.
Веднаш по објавувањето на предлозите на Јанева уследија низа реакции во јавноста. Коментарите најчесто се однесуваат на изборот на соработниците на Јанева, кои досега работеле на контроверзни случаи за кои имаше критики дека се политички мотивирани.
Најголеми реакции има за обвинителката Лиле Стефановa од обвинителството за организиран криминал и корупција. Таа меѓу другото е обвинителка во случајот Фаланга 2, во случајот Машинопромет против претседавачот со Советот на Општина Центар Мирослав Шиповиќ, во случајот Шпион и во случајот Ликвидација во кој побара притвор за новинарот Томислав Кежаровски. Трајче Пеливанов, пак, беше обвинител во случајот за примање мито против поранешниот претседател на Синдикатот на клиничкиот центар, доктор Дејан Ставриќ.