Достапни линкови

Специјалната обвинителка во фокусот на дневниот печат


Новоизбраниот специјален обвинител Катица Јанева даде свечена заклетва пред Советот на јавни обвинители
Новоизбраниот специјален обвинител Катица Јанева даде свечена заклетва пред Советот на јавни обвинители

Изборот на Катица Јанева за нов специјален главен обвинител е главна тема во речиси сите дневни весници.

Весниците се полни со информации за тоа дека е исполнета една од главните точки на Договорот од Пржино - изборот на специјалниот јавен обвинител. Утрински оди со наслов: „Катица Јанева - жената што треба да ја промени Македонија“. Од Утрински дознаваме дека преговорите оделе тешко, дека траеле цела ноќ и дека странците биле тие што ја „стегнале“ работата: „Маратон со висок тон во Клубот на пратеници“.

Катица Јанева - жената што треба да ја промени Македонија.
Утрински весник.

Сите весници ја објавуваат и нејзината изјава по преземањето на новата функција дека: „Ќе работам совесно и одговорно“ и дека за еден месец ќе го избере тимот со кој ќе работи.

„Мугрите донесоа промени“, насловува Нова Македонија, но Вечер пророчки најавува: „За три дена законот за специјален обвинител ќе се најде пред Уставен“, додавајќи дека „експерти“, цитирајќи ја професорката на Правниот факултет Тања Каракамишева, имаат резерви затоа што се „воспоставува паралелна институција обвинител“.

За три дена законот за специјален обвинител ќе се најде пред Уставен.
Вечер.

Вечер уште со една „боцка“: „Испочитуван договорот за специјалниот јавен обвинител, како Заев ќе бега сега од избори?“.

За Дневник изборот е „Вовед во анархија“ затоа што „Обвинителството на Јанева не влегува во чл.106 на Уставот на РМ“.

Весниците информираат дека сега се на ред останатите „жешки“ точки од Пржино; Дневник појаснува дека тоа е изборното законодавство за кое „нема доближување за ниту една точка“, а Утрински најавува: „По обвинителството, на ред се ДИК, избирачкиот список, одвојување на партијата од државата.“

Вечер го турка „Досието Телеком“ па прашува: „Колку пари треба за Заев и Шекеринска да се запрат“, инсинуирајќи дека Владата на СДСМ му обезбедила на Телеком незаконски екстра-профит, а, како што пишува, „според американските судски и истражни органи за таа цел меѓусебно поделиле 8 милиони евра мито“.

И, на ниво на општина Центар и градот Скопје се отвора нова „војна“: Слободен печат ја објави изјавата на Жерновски дека „На местото на бараките на Град Скопје во Градскиот парк власта сака да изгради 100 метри висок хотел“. А Утрински наслови: „Градоначалникот на Центар му објави војна на премиерот Груевски против новиот ʼкинески ѕидʻ “.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG