Промовирана „Една митопоетика“ на Софија Тренчовска

„Една митопоетика“ е насловена книгата на Софија Тренчовска што, како издание на „Македоника литера“ од Скопје, се појави неодамна. Станува збор за своевиден прилог кон феноменологијата на новата македонска драмска книжевност и за објава чија промоција се одржа вечерва во Завод и Музеј – Струмица. Промотор беше проф. д-р Кристина Николовска.

„…Авторската херменевтика на Тренчовска е веќе оформена и препознатлива стилема, која го краси нејзиниот подвиг и го искачува до ранг на монументалност…Една митопоетика – дом на безброј митопоетики. Еден Јордан Плевнеш – милион поетики кои се влеваат во едната митопоетика“.

Се откриваат митените на митолошкото страдање, раѓање, умирање...двојникот и сенката, на театарот како двојник на стварноста. Го откривам огледалниот принцип, она огледало како реквизит, како парадигма за едно себеоткривање. И она што вели професорката Николовска дека „самоогледувајќи се преку другиот можеме да се видиме себе си.
Софија Тренчовска, филолог, писател и културен активист.

Ова меѓу другото ќе го запише проф. д-р Кристина Николовска во рецензијата за книгата „Една митопоетика“ на Софија Тренчовска, чија промоција се одржа овој четврток во Завод и Музеј – Струмица. Станува збор за објава на „Македоника литера“ и за еден од ретките трудови кој претставува своевиден прилог кон феноменологијата на новата македонска драмска книжевност.

Софија Тренчовска.

Во првиот дел е содржан магистерскиот труд на Тренчовска или студиозното монографско истражување „Митопоетиката во раните драми на Јордан Плевнеш“ со херменевтички, митопоетски, филозофски и научен дискурс кон драмското творештво на овој македонски писател. Притоа авторката прави интерпретации на пиесите „Еригон“, „Мацедонише цуштенде“, „Југословенска антитеза“, „Р“ и „Слободен лов“ кои, како што е забележано, упатуваат на еден автентичен митопоетски систем.

Навистина многу ретки се ваквите видови на истражувања кај нас и затоа планирам и натаму да продолжам со ваков тип на драмско-театролошки и филмолошки истражувања, значи поврзување на книжевноста, театарот и филмот.
Софија Тренчовска, филолог, писател и културен активист.

„Оваа магистерска теза јас ја подготвував студиозно две-три години од причина што се работи за еден комплексен автор од чија што поетика извира еден богат, метафоричен и митопоетски свет кој што е полн со знаци и симболи кои требаа да бидат растолкувани“, вели Тренчовска.

Дополнува дека преку оваа теза, преку теориите на митот и научната методологија што ја користела, таа се обидувала да ја најде врската помеѓу митот и литературата и да го одгатне тој богат, автентичен, митопоетски свет кој што извира од раната драматика на Јордан Плевнеш.

„Се откриваат митените на митолошкото страдање, раѓање, умирање...двојникот и сенката, на театарот како двојник на стварноста. Го откривам огледалниот принцип, она огледало како реквизит, како парадигма за едно себеоткривање. И она што вели професорката Николовска дека „самоогледувајќи се преку другиот можеме да се видиме себе си.“

Вториот дел на книгата содржи три текста кои што се однесуваа на творештвото на темелниците Војдан Чернодрински (текстовите „Слав Драгота“ и „Причините за поразот на Беласица“), Ѓорги Абаџиев („Табакерата“) и Коле Чашуле („Тибурсио и Синфороса“), во областите: театар, интермедијалност, филм и наратологија.

„Јас се надевам дека овој труд, ова истражување ќе претставува соодветен прилог кон феноменологијата на новата драмска книжевност и дека книгата ќе биде добро прифатена од научната јавност. Навистина многу ретки се ваквите видови на истражувања кај нас и затоа планирам и натаму да продолжам со ваков тип на драмско-театролошки и филмолошки истражувања, значи поврзување на книжевноста, театарот и филмот. Во прилог на тоа еве подготвувам уште една книга која што ќе биде наречена „Дело и знак“ и ќе ја обработува истата тематика. Ракописот е скоро готов е треба да биде печатен во текот на 2016 година.“

Родена 1975 година во Струмица, Софија Тренчовска е филолог, писател, преведувач, уредник и културен активист. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде подоцна и магистрирала токму со тезата „Митопоетиката во раните драми на Јордан Плевнеш.

Преведувала од српски, хрватски и бугарски на македонски јазик, а од основањето во 2007 година е уредник на електронското издание „Проект Растко – Македонија“, пионерски потфат во земјава.

Досега учествува на бројни меѓународни симпозиуми и научни собири и објавила повеќе стручни текстови. Пишува и објавува текстови од областа на книжевноста и уметноста во повеќе периодични печатени и електронски списанија меѓу кои: Премин, Акт, Сум, Лоза, Театарски гласник, Медиантроп и други.

Тренчовска има и богато организациско искуство. Соосновач е на филмскиот фестивал „Астерфест“ и негов координатор од самиот почеток. Била директор на телевизиската играна серија во шест епизоди „Мартин од скалите“, а од 2010 година е вработена како постојан стручен соработник – библиотекар во СОУ „Димитар Влахов“ во родниот град.