Условен круг – Интимната исповед на Марија Сотировска Богдановска

Условен круг е насловена шестата самостојна изложба на Марија Сотировска Богдановска што овој четврток, на 3 септември, во 20 часот, ќе биде отворена во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, во Скопје. Постановката формално се состои од четири одвоени целини низ кои е претставена интимната приказна на уметницата што допира до привидот и до содржината на различните социјални, општествени и родови системи на вредности.

Цикличното повторување на нашето постоење, категориите време и простор, перцептивното и визуелното се повторно присутни и во најновиот проект на Марија Сотировска Богдановска, насловен „Условен круг“. Уметницата со вметнувањето нов елемент - везот, со својата директна релација со народниот вез и со женскиот принцип во традицијата ја почнува и ја завршува целата родова приказна на кружна условеност.

Појдовна точка од којашто ги создадов овие дела се везовите од македонската орнаментика и тие ми се како една интимна исповед во однос на ѓерѓефот којшто е апстрактен и претставува вез на младоженската кошула или вез на невестинската кошула и слично. Во моментов сум во таа фаза од животната предодреденост.
Марија Сотировска Богдановска, уметница.

Кај Сотировска доминираат нетрадиционална везбена орнаментика и геометриски мотиви во повеќе бои и нијанси. Авторката, осовременувајќи ја оваа вештина, го видоизменува и благо го иронизира овој значаен облековен елемент во одредувањето на општествениот, економскиот и родов статус на носителот.

Ова, меѓу другото, ќе го забележи кураторката Маја Чанкуловска – Михајловска во текстот за изложбата „Условен круг“ на Марија Сотировска Богдановска, што ќе биде отворена овој четврток, во 20 часот, во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, во Скопје.

Не е ова народен вез. Ова е, можам да кажам, мој личен вез преку инспирација од народниот вез. Го видоизменувам и алудирам на постојаното учење на женските деца од нивното созревање до крајот на животниот пат. Делото конечно цели кон ослободување од конзервативните традиционални општествени влијанија и сугерира отфрлање на стегите.
Марија Сотировска Богдановска, уметница.

„Појдовна точка од којашто ги создадов овие дела се везовите од македонската орнаментика и тие ми се како една интимна исповед во однос на ѓерѓефот којшто е апстрактен и претставува вез на младоженската кошула или вез на невестинската кошула и слично. Во моментов сум во таа фаза од животната предодреденост“, вели Сотировска Богдановска.

Уметницата појаснува дека изложбата се состои формално од четири дела коишто се поврзани меѓу себе. Истакнува дека реципиентите првично влегуваат во една просторија со рефлектирачка осветленост од кружни површини, потем патеката ги води до објектот каде што се поставени слушалки од кои допираат три вида звуци – црцорење на птици, измешани машки гласови кои отсечно го изговараат зборот „Замолчи!“ и конечно текстот на борхесовата песна „Ти учиш!“. Сите тие се поврзани во контекст на делото – сребрена чаша на која што има релјеф на девојка што игра, за да конечно се влезе во просторијата каде што се везовите.

„Не е ова народен вез. Ова е, можам да кажам, мој личен вез преку инспирација од народниот вез. Го видоизменувам и алудирам на постојаното учење на женските деца од нивното созревање до крајот на животниот пат. Делото конечно цели кон ослободување од конзервативните традиционални општествени влијанија и сугерира отфрлање на стегите, стереотипите и лажните морални обележја на културната историја и културниот идентитет, кои условно се наследени од општествената подреденост“, вели таа.

Родена 1983 година во Скопје, Марија Сотировска дипломирала во 2006 година на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методи“, отсек сликарство, со насока конзервација и реставрација под менторство на професор Благоја Маневски. Половина декада подоцна магистрирала сликарство на истиот Факултет.

Добитник е на втората награда на Студентското интернационално арт биенале, што се одржа во Музеј на град Скопје. Член е на ДЛУМ од 2006 година, а три години подоцна во соработка со повеќе македонски ликовни уметници ја оформуваат уметничката група АРТ И.Н.С.Т.И.Т.У.Т., која истовремено станува уметнички културно – алтернативен центар во градот сè до неговото постоење во 2011 година. По растурањето на овој артистички колектив станува дел од женската уметничка група МОМИ, кои сè уште делуваат со нови креативни проекти на домашната и интернационалната ликовна сцена.

Изложбата под наслов „Условен круг“ е нејзина шеста самостојна постановка, а учествувала и на бројни значајни групни претставувања во земјава и во странство.