Плаќањето парно за тие што не го користат е криминал

Ние сме исклучени од системот на парно греење, а тие нè третираат како „исклучени потрошувачи“. Значи, ако сум исклучен, не може да бидам потрошувач. Тоа е некоја категорија којашто е измислена, вели Марјан Ненов од движењето Уа лопови!, кое бара луѓето што се исклучени од парно да не плаќаат.

Господине Ненов, веќе неколку месеци, секоја сабота напладне пред Триумфалната порта во Скопје протестирате против високите сметки за парно греење. Што точно барате? Од што сте незадоволни?

Не сме незадоволни сега од цените на парното греење, меѓутоа сме незадоволни од третманот на државата кон нас. Ние всушност сме исклучените граѓани кои веќе не сакаат да бидат дел од системот за колективно загревање. Ние сме се исклучиле на време, за тоа сме си платиле, меѓутоа сега некој со сила нè тера повторно да се вратиме во тој систем, а тој систем сега веќе не е на Топлификација, туку е на приватна компанија – БЕГ ДООЕЛ. Затоа ние протестираме, затоа што ние сме исклучени граѓани, а тие нè третираат како „исклучени потрошувачи“. Значи, ако сум исклучен, не може да бидам потрошувач. Тоа е некоја категорија којашто е измислена и според која нам ни пуштаат фактури, односно секој месец ни прават мобинг и според тие фактури нè тужат на суд.

Имавте иницијатива пред Уставниот суд и тој одлучи дека и исклучените граѓани треба да плаќаат. Кој е сега правниот лек против тоа?

Уставниот суд има одлука, има решение. Уставниот суд донесе одлука според која исклучените граѓани не треба да плаќаат парно греење. Тоа падна на Уставен суд, меѓутоа откога се смени Уставниот суд пред некоја година, ние повторно дадовме иницијатива, зашто во меѓувреме се донесе нов Правилник од Регулаторната комисија за енергетика, којшто е противуставен и ние баравме нивниот Правилник да се смени. Уставниот суд сега не донесе одлука, туку донесе само решение според кое се прогласува за ненадлежен. Значи, според Уставниот суд, сè уште е на важност одлуката дека не треба да плаќаме, меѓутоа и покрај тоа нас нè тужат на суд, БЕГ нè дава на суд.

И на суд губите?

Во одредени случаи губиме, во други случаи добиваме. Тоа е битка во зависност од тоа колку судијата е спремен да го почитува законот и Уставот на Република Македонија. Досега сфативме дека имаме проблем со судството, имаме судии кои судат со страв или судат по некоја директива и сега моментално правиме една кампања тие судии да ги ставиме на една листа и тие судии потоа да одговараат за своите дела. Тие судии судат спротивно на законот и Уставот на Република Македонија. Ние не бараме да судат за нас, ние само бараме да судат според законот и Уставот на Република Македонија.

Ги повикувате граѓаните да ја тужат Топлификација, односно БЕГ за, како што велите, тоа што неправедно им наплаќа сметки. Сметате ли дека граѓаните може да добијат на суд?

Сметаме дека во една правна држава граѓаните сигурно ќе добијат, зашто ова е апсурд. Ние имаме пресуди од судии во наша корист каде што судиите буквално им имаат одржано лекција на другите судии како треба да се суди според закон. Значи, ние според закон сме во право, ние бараме само да се применува законот. Проблемот е друг. Во Македонија има една цел, а тоа е да се украде граѓанинот. Законот на тој лопов му смета, законот мора некако да се заобиколи. Тоа се прави со Правилник во Регулаторна комисија за енергетика. Таму е прекршен Уставот на Република Македонија, во Регулаторната комисија за енергетика и според тој Правилник, којшто е на ниво под закон, сега судиите и БЕГ го земаат и го ставаат над законот и над Уставот и според тој Правилник нас нè осудуваат. Тоа е проблемот. Прекршени се основните човекови права на избор. Ние како исклучени граѓани не сакаме да се грееме од компанијата БЕГ ДООЕЛ. Претпоставуваме дека зад неа стојат некои големи моќници, бидејќи толку се моќни што и судиите им се плашат и судат во нивна корист. Зошто? Се прашуваме кој нè краде?

Движењето го нарекувате Уа лопови. Кои се лоповите? Може ли да ги лоцирате?

Ние веќе имаме испратено соопштение според кое оценуваме дека ова е организиран криминал. Вклучени се повеќе инстанци, прво се вклучени компаниите БЕГ ДООЕЛ и АД Топлификација. Еве еден прост пример. Топлификација имала голем број корисници од кои околу 20 илјади се исклучиле и сега наеднаш Топлификација згаснува, а на нејзино место доаѓа БЕГ и претпоставуваме дека личните податоци на сите тие исклучени корисници се пренесени во БЕК, зашто никој од нив нема склучено договор со БЕГ, а тие им праќаат сметки на нивно лично име. Од каде им се податоците? Дали БЕГ ги украл, односно незаконски ги зел од Топлификација? Сето ова е еден организиран криминал, каде што се вклучени овие две компании, Регулаторната комисија за енергетика на чело со претседателот Димитар Петров, тука се вклучени и нотарските канцеларии. За да ве осудат, прво предметот за извршување оди кај нотар, тој предмет нотарот треба да го проследи до вас, меѓутоа тој предмет за извршување мора да биде поткрепен со веродостојни исправи. Што дава БЕГ како документ? БЕГ како документ дава извод од книга на фактури, конто 120. БЕГ сам си ги печат фактурите, сам си ја прави листата, значи сето тоа е едностран документ, не е потврден од друга страна, од корисникот, односно од граѓанинот, и тогаш БЕГ тие документи ги дава до нивни нотари, а тие потврдуваат дека се веродостојни, а не се. Самите нотари го кршат законот и за тоа еден ден ќе одговараат и тие потоа тој предлог за извршување го проследуваат понатаму преку курирски служби. Меѓутоа, самиот нотар си бира курирска служба која не ја врши работата соодветно, таа курирска служба не го информира граѓанинот, можеби не ни оди на лице место, значи не му дава на граѓанинот документ на рака дека дека за него има предлог за извршување, граѓанинот не знае дека за него има предлог за извршување и дознава на крај кога извршителот ќе му одбие од трансакциона сметка, кога ќе му ја блокира, тогаш луѓето дознаваат дека се блокирани поради сметките за парно за кои воопшто немаат договор. Значи, тука се вклучени нотари и се вклучени курирски служби. Ако граѓанинот евентуално дознае и даде приговор во рок од осум дена, тогаш целиот предмет оди на суд и тука почнува нова, судска борба. Граѓанинот треба да има луда среќа во првостепениот суд да се падне кај судија којшто има основни познавања на законот и којшто го почитува законот па тука веднаш да го добие предметот, но во 90 отсто од случаите, тој предмет оди во полза на БЕГ, што е нон-сенс, па ако даде приговор оди на виши судови. Тука сметаме дека БЕГ има помали шанси да манипулира, меѓутоа и кај тие виши судови има влијание од некои моќници.

Со оглед дека прашањето за кое протестирате засега голем број луѓе, зошто протестот не се омасовува, туку на протестите излегуваат само десетици луѓе. Толку ли им е сеедно на луѓето?

Не би рекол дека на луѓето им е сеедно. Ние знаеме дека кај луѓето врие. Врие на социјалните мрежи, врие во разговор со луѓето. Сè уште кај дел од луѓето постои оној страв. Доста луѓе не сакаат да се појават на протести за да не ги видат, затоа што некои од нив, дали лично или нивните деца или внуци се вработени во јавна администрација, па не сакаат да им направат проблеми, па не доаѓаат, но нас секојдневно не контактираат и бараат помош од нас во врска со овој грабеж. Дел од луѓето, пак, си велат нека се борат, тие ќе се изборат и за мене, па на некој начин сеирџиски настапуваат во однос на овој проблем, но тоа нема да им го реши проблемот. Од септември планираме омасовување на овие протести. Сакаме да ги информираме граѓаните дека некој се бори да го реши овој проблем и да го сопре овој организиран криминал и доколку граѓаните не дадат поддршка, овој организиран криминал нема да се реши, туку овие моќници со вакви компании ќе продолжат да ги ограбуваат и да вршат мобинг врз нив.