Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека главна причина за ова била руската анексија на Крим и поддршката на Москва на проруските сепаратисти во источна Украина.
„Ние сме обединети во врска со предизвиците со кои се соочуваме“, изјави тој, најавувајќи дека Алијансата планира да распореди мали единици во шест источно европски земји како одговор на конфликтот во источна Украина.
„Ќе формираме мали штабови во Бугарија, Естонија, Летонија, Литванија, Полска и Романија. Во нив ќе има по 40 луѓе кои ќе бидат важен дел во планирањето на вежбите и во помагањето на евентуалните дополнителни разместувања војници“, рече Столтенберг.
Соединетите држави деновиве објавија дека ќе распоредат тенкови и тешко оружје во земјите членки на НАТО кои се на границата со Русија.
Нема да бидеме вовлечени во нова трка во вооружување. Но мора да ја чуваме безбедноста на нашите земји. Ние исто така тесно ќе работиме со партнерите за да помогнеме во зачувувањето на стабилноста на нашето соседство.Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО
До овој потег на Вашингтон дојде откако рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Москва до крајот на годинава ќе има уште 40 ракети кои можат да носат нуклеарни боеви глави.
Официјална Москва го обвини НАТО дека ја турка Русија во нова трка во вооружување со тоа што ја зголемува воената активност во близина на руските граници.
Столтенберг, пак, го тврди токму спротивното. Според него, НАТО не сака нова трка во вооружување со Русија. Сегашните потези се за зацврстување на одбраната поради, како што рече, руската агресија во Украина.
„Нема да бидеме вовлечени во нова трка во вооружување. Но мора да ја чуваме безбедноста на нашите земји. Ние исто така тесно ќе работиме со партнерите за да помогнеме во зачувувањето на стабилноста на нашето соседство“, изјави Столтенберг.
Земјите од соседството на НАТО, особено оние кои биле дел од поранешниот Советски сојуз, но и балтичките земји кои имаат руско малцинство страхуваат од можни нереди кои би ги поттикнала Русија. Официјална Москва демантира дека имала такви намери.
Американскиот секретар за одбрана Еш Картер кој учествуваше на неговиот прв состанок на Алијансата изјави дека трите Балтички земји, како и Бугарија, Романија и Полска се согласиле на нивна територија да бидат разместени американски тенкови и тешко оружје.
И Германија е меѓу земји кои се подготвуваат на ваквото разместување, а министерката за одбрана Урсула вон дер Лејен ги отфрли сугестиите дека ваквото воено присуство ќе значи и враќање на тензиите од Студената војна.
„Нема да има враќање на Студената војна. За време на Студената војна светот беше сосема поинаков, со два големи блока кои беа спротивставени еден на друг. Денес светот е различен. Тој е глобализиран и економски поврзан и затоа не е можно и не треба да се случи враќање на Студената војна“, рече таа.