И додека се уште нема најавено продолжување на преговорите за излез од политичката криза, двете засегнати страни остануваат на своите цврсти позиции. Од Социјалдемократскиот сојуз даваат шанса на продолжување на преговорите и ја оставаат вратата отворена за оваа можност. Во меѓувреме, раководството на партијата одржа состаноци со коалициските партнери и невладините организации за да ги информира за преговорите и тековните актуелности. Од партијата велат дека опозициската коалиција е хомогена во ставовите и дека останува на веќе кажаните барања за формирање на преодна влада без Никола Груевски, прочистување на избирачкиот список, организирање нацелосно слободни и демократски избори, избор на нов јавен обвинител и др.
Позицијата која е застапувана од опозицијта е позиција од која нема отстапување. Од друга страна власта не е подготвена на сегашното ниво на меѓународен и внатрешен притисок да си поднесе оставка.Здравко Савески, универзитетски професор.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ се на став дека една партија која во континуитет губи, ја уценува целата држава и предизвикува политичка криза. Велат дека се подготвени за избори во кој било термин до април и дека своите активности ги базираат на поддршката од граѓаните.
Според експертите шансите за продолжување на кризата се минимални без надворешен и внатрешен притисок. Политичкиот аналитичар Здравко Савески вели дека во ситуација на непопустливост од двете страни и статус кво позиција не е возможно да се најде решение.
„Позицијата која е застапувана од опозицијта е позиција од која нема отстапување. Се смета дека Никола Груевски е загрозувач на демократијата и од таа позиција не е возможно да се направи отстапка која не би била на сметка на демократијата тука. Од друга страна власта не е подготвена на сегашното ниво на меѓународен и внатрешен притисок да си поднесе оставка“, изјави Савевски.
Но, во ситуација во која едниот сака да танцува, а другиот одбива, не можете да изиграте валцер. Токму тоа е ситуацијата во која во моментот се наоѓа Република Македонија.Јованка Додовска, универзитетски професор.
Професорката Иванка Додовска, пак, вели дека иако преговорите стагнираа, и дојдовме до ќор-сокак, тоа не значи дека нема простор за политички дијалог. Ќе мора да се најде нов модел по кој ќе може да се дојде до некакво решение за кризата која ги троши и внатрешните и меѓународните ресурси, вели Додовска.
„Она што се очекуваше од премиерот Никола Груевски беше да направи отстапка и да прифати иако е легитимен победник на минатогодишните предвремени парламентарни избори, да дојде на сред пат и да се изнајде решение кое ќе покаже дека е во интерес на двете страни. Но, во ситуација во која едниот сака да танцува, а другиот одбива, не можете да изиграте валцер. Токму тоа е ситуацијата во која во моментот се наоѓа Република Македонија“, вели Додовска.
Решение е можно и има излез само ако се промени некој од следниве фактори, смета Савески.
„Прво позицијата на опозицијата, позицијата на власта, нивото на надворешен притисок и нивото на внатрешен притисок. Без промена на овие четири фактори нема да има атмосфера за излез од политичката криза“, вели Савески.
Според професорката Додовска најважно во моментот е да се смират страстите и да се направат отстапки во рамките на Социјалдемократскиот Сојуз. Според неа и меѓународните фактори не можат да гарантираат излез од политичката криза, ако политичките лидерства не покажат политичка волја за тоа.
„На крајот од денот нашите политички елити треба да се договорат дека треба Македонија да се рестартира и да тргне понатаму. Треба волја внатре во самите лидерства, која во моменотот не постои во СДСМ. Таму го лоцирам главното жариште и таму се прави главната кочница“, заклучува Додовска.