Изборна победа со вкус на пораз за Ердоган

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Партијата на Ердоган без мнозинството во парламентот

Надежите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека ќе си обезбеди поголема моќ наидоа на голема пречка откако Партијата на правдата и развојот што тој ја има формирано на вчерашните избори за прв пат не успеа да освои апсолутно мнозинство во парламентот. Затоа пак за прв пат во парламентот ќе има прокурдска партија.

Ердоган, кој истовремено е најпопуларен, но и најкритикуван лидер во Турција се надеваше дека со голема победа на неговата партија ќе успее да направи промени во Уставот и да си создаде претседателска функција од американски стил, односно со поголеми овластувања.

Најголем губитник е Ердоган со неговите две големи идеи: претседателски систем и еднопартиска влада. Веќе нема ниту едно од нив.
Синан Улген, шеф на Центарот за економски студии во Истанбул.

За тоа му беа потребни две третини од местата во парламентот.

Згора на тоа, сега Партијата на правдата и развојот за прв пат откако дојде на власт пред 13 години не ќе може сама да формира влада.

По се изгледа дека ќе бидат потребни неколкунеделни преговори со опозициските партии за формирање коалиција.

Некои посматрачи, пак, велат дека ваквите преговори би можело да завршат со неуспех што значи предвремени избори.

Сите можат да видат дека Партијата на правдата и развојот е победник на овие избори. Никој не би требало да гради победа од избори што ги загубил.
Ахмет Давутоглу, премиер на Турција.

По пребројувањето на скоро сите гласови произлезе дека партијата на Ердоган добила над 40 насто, што е за без малку десет насто помалку од довербата што ја доби на претходните парламентарни избори во 2011 година.

Партијата на правдата и развојот која е на власт од 2002 година ќе има 258 од 550 места во парламентот.

За апсолутно мнозинство се неопходни 274 пратеници.

Места обезбедија и опозициската Републиканска народна партија и десничарската Партија на националистичка акција.

„Сите можат да видат дека Партијата на правдата и развојот е победник на овие избори“, им се обрати на приврзаниците премиерот и лидер на партијата Ахмет Давутоглу, додавајќи:

„Никој не би требало да гради победа од избори што ги загубил“, рече тој.

Но, радосните Курди кои ги преплавија улиците во југоисточниот град Дијарбекир имаат многу причини за прославување.

Нивната Демократска народна партија или ХДП го мина изборниот праг од 10 насто и за прв пат ќе влезе во парламентот.

Лидерот Селахатин Демиртас исклучи секаква можност за коалиција со владејачката партија.

„Дискусиите за извршно претседателство и диктаторство завршија во Турција“, рече тој во Истанбул, оценувајќи дека изборните резултати се победа за плуралистите кои сакаат граѓански устав.

Неуспехот на Партијата на правдата и развојот да освои апсолутно мнозинство претставува крај на над децениското стабилно еднопартиско владеење и пораз за Ердоган и Давутоглу.

Претходно тие гласањето го означија како избор меѓу „нова Турција“ и враќање на историјата со постојано менување коалициони влади, економска нестабилност и воени пучеви.

„Најголем губитник е Ердоган со неговите две големи идеи: претседателски систем и еднопартиска влада. Веќе нема ниту едно од нив“, вели Синан Улген, шеф на Центарот за економски студии во Истанбул.