Ердоган кој во август минатата година победи со огромно мнозинство на првите директни претседателските избори во Турција вели дека на земјата и е неопходен претседателски систем за да се обезбеди продолжување на економскиот развој.
Според сегашниот парламентарен систем, моќта на претседателот, односно на Ердоган е повеќе симболична.
Сепак, постојат извесни знаци дека Ердоган кој полека почна да ја концентрира својата моќ во судството и медиумите нема да може да ги постигне посакуваните бројки во 550 члениот турски парламент кои ќе му овозможат менување на Уставот.
Првата е неговата партија да добие 330 места што ќе значи дека ќе може да прави референдум за уставните измени.
Втората бројка е 367 пратеници што ќе значи дека Партијата на правдата и развојот ќе може директно да го менува Уставот во парламентот.
Она што Ердоган го вика претседателство ние го викаме диктаторство.Селахатин Демиртас, лидер на Народната демократска партија
Сега оваа партија има 311 пратеници, додека главната опозициска Републиканска народна партија 125. Преостанатите места се поделени меѓу помалите партии и независните пратеници.
Аналитичарите набројуваат многу причини зошто популарноста на Ердоган и на неговата партија е нагризена.
Меѓу нив се обвинувањата за корупција, падот на турската економија и релативно високата невработеност од над 11 насто.
Освен тоа имиџот на Ердоган е малку нарушен и по насилното справување со демонстрантите кои се противеа на уривањето на паркот Гези во Истанбул.
Во меѓувреме во Турција почна да расте популарноста на некои помали партии, како на прокурдската Народна демократска партија предводена од харизматичниот поранешен активист за човекови права 42 годишниот Селахатин Демиртас.
Тој деновиве изјави дека многу граѓани на Турција во неговата партија гледаат како на единствена која може да му застане на патот на Ердоган.
„Она што Ердоган го вика претседателство ние го викаме диктаторство“, вели Демиртас.
Доколку неговата партија го достигне прагот од 10 насто за влез во парламентот, според аналитичарите, тоа ќе значи дека владејачката партија нема да ја постигне целта, апсолутно мнозинство.
Ердоган уште за време на неговата кампања на претседателските избори вети дека таа функција ќе ја направи помоќна.
По се изгледа дека тоа ќе биде тешко остварливо.
Некои веќе оценуваат дека тоа била една од малкуте погрешни пресметки на човекот кој доминира во турската политика уште од 2002 година.