Господине Тодоровски, како претседател на Синдикатот на македонската дипломатска служба, како гледате на состојбите во Министерството за надворешни работи во однос на услови за работа, права на вработени и плати?
Практично на сите овие прашања одговорот е „НЕ“. Не сме задоволни во ниту еден од овие сегменти и тоа незадоволство го искажавме преку еден првомајски протест во кој се обидовме на министерот да му посочиме кои сè области се деформирани до ниво на катастрофа. Меѓу тие области се и овие прашања, вклучувајќи ги условите за работа, што значат специфики на нашата служба и движењето во дипломатско-конзуларните претставништва, работата овде во Скопје, како во централа, па сè до она што значат плати, не толку овде во Македонија, колку она што значат плати во странство. Меѓутоа најстрашно во сето тоа веројатно е она што значи дерогирање на македонското Министерство за надворешни работи во смисла на тоа дека се чувствуваме дека сме некој вид на протоколарна служба или некој вид дипломатски патнички сервис. Ниту една од суштинските ингеренции што Министерството треба да ги врши не се вршат во Министерството, туку се дислоцирани и практично надвор од системот на институции на Република Македонија.
Зошто е тоа така?
Значи, мислам дека два фактора се клучни. Едниот е дека има целосно неразбирање на актуелната власт за тоа што е дипломатија и како таа функционира, а од друга страна е интенцијата сѐ да биде затворено во некакви партиски кругови и да нема дисеминација на информациите надвор од тие кругови. Иако Министерството веќе подолг број години се надополнува исклучиво и само со партиски кадри, сепак кога тие ќе влезат во она што значи мелница на Министерството, поминуваат редица испити, се соочуваат со професионализацијата и се професионализираат, автоматски тие се оддалечуваат или барем делумно се дистанцираат од она што значи партиски тек и автоматски нивното дејствување значи поделба на луѓето внатре во Министерство кои треба да бидат партиски чисти и да се дел од еден затворен тек на информации и она што значи кадри неподобни за актуелната партија на власт, коишто се пред сè професионални, но дел од нив се и со друга политичка ориентација. Поради овие два фактори, нужно е да се дислоцира не само креирањето на надворешната политика надвор од министерството, туку и она што значи спроведување на таа надворешна политика.
МНР функционира како професионална или како партиска установа?
Во моментов мислам дека име едно двојство. Значи дел од кадрите кои се од полна доверба на раководството функционираат по тие партиски шавови, партиски линии, можеби една среќна околност е што има редица професионални задачи коишто не може баш секој да ги врши и автоматски и тие неподобните кадри можат да бидат употребени, односно да ги покријат тие професионални задачи. Не можете да очекувате од еден човек кој никогаш немал контакт со дипломатијата да ги знае конзуларните функции или конзуларните услуги, па на тој начин ќе добиете известување дека ние во овој генерален конзулат не вршиме конзуларни услуги. Во секој случај, во моментов има 22, ако не се лажам, амбасадори кои немале никаква допирна точка со дипломатијата и автоматски тие не умеат да постапат по тие технички работи. И практично Министерството се појавува како супститут на самите дипломатско-конзуларни претставништва и една определена да ја наречеме професионална структура во министерството ги врши тие стручни работи, меѓутоа имаме редица амбасади каде што амбасадорот е оставен сам, самиот непрофесионалец, потполно не ги знае, тој или таа, тие работи, и автоматски резултатот е дека со електронска комуникација се обидува Министерството да ги заврши тие работи за нив. Не секогаш е тоа можно.
Имате ли конкретни барања до министерот за да се надминат ваквите проблеми?
Ние веќе подолго време имаме еден дијалог на глуви. Ние упатуваме барања, министерот ги игнорира. Барањата се намножуваат, меѓутоа министерот досега не прифаќа никаков дијалог и никакви реакции. Од време на време таму каде што, условно речено, ќе загусти, може и ќе преземе нешто, ама само да не се види дека Синдикатот бил на кој и да е начин инволвиран во таа процедура. Тоа, за жал, не можеме да го третираме ниту како соработка, ниту ништо, па конкретно во моментов подготвуваме платформски барања коишто извршниот одбор реши да ги упати и до актуелната власт и до актуелната опозиција, па оној што ќе прифати да разговара по тие линии со нас, ние се разбира ќе соработуваме со таа страна.
Имате ли на ум други мерки коишто не се однесуваат само на пишани барања доставени до институциите?
Ние сме и малку мешовита средина, имаме доста кадри коишто се со партиска провиниенција и тие кадри не се спремни да излезат јавно и да го искажат јавно своето незадоволство од актуелните состојби, иако, да бидам искрен, тие сè повеќе имаат полно право да бидат максимално незадоволни. Тие луѓе можеби дошле по партиска линија во министерството, меѓутоа си ги направиле сите чекори, многу коректно, многу јасно, многу квалитетно си положиле приправнички испит, си положиле дипломатски испит, одат натаму со советнички испити и така натаму. Сите тие луѓе се прескокнати и одеднаш доаѓаат некакви си партиски кадри коишто немаат никаков контакт со дипломатијата, стануваат амбасадори или генерални конзули. Автоматски се пореметува и она што значи циклус на напредување и движење во рамките на самото министерство, она што значи движење меѓу централата во Скопје и дипломатско–конзуларните претставништва и во сите тие ситуации, буквално речено тие се ситно поткупувани со некои кратки мандати, испомош од два до шест месеци, со некои така да ги наречам пакет аранжмани. И од тука и кај нив се билда едно огромно незадоволство, се гради веќе подолго време, но уште нема, така да кажеме, можеби спремност, можеби храброст, отворено да се излезе и отворено да се искаже незадоволството. Па од тука тие притискаат врз раководството на Синдикатот, Синдикатот да ги артикулира, па и вокализира сите вакви барања, но сè уште не мислам дека постои една зрела состојба кога би излегле на терен директно да се спротивставиме на ваквите политики на министерството.
Како ја оценувате работата на македонската дипломатска служба?
Со дваесет и двајца тотални аматери и потенцијални „трабл мејкери“, а што е речиси половина од сите дипломатско-конзуларни претставништва, со паралелна дипломатија составена од дипломатските промотори коишто практично ние не ги контролираме ама баш на никаков начин, единствено противзаконски им даваме дипломатски пасоши и дипломатски звања, што е апсолутно противправно и на крајот на краиштата со цела една мрежа на почесни конзули кои де факто не се во наша надлежност, практично се во надлежност на можеби некои други структури во државата, ние не можеме воопшто да зборуваме за некоја дипломатска мрежа која вака или онака кореспондира со Министерството. Она што ние го гледаме од работата на амбасадите, генералните конзули, конзулати и постојаните мисии е дека имаме многу слаби резултати, имаме цели периоди кога во клучни земји немаме амбасадор. Да, некогаш имаме професионалец во тие места, меѓутоа не на соодветно ниво. Има редица земји во кои си ги нарушуваме односите или ги уназадуваме односите со праќање на партиски војници коишто не ја застапуваат Македонија, туку ја застапуваат најверојатно партијата. Тоа е моја претпоставка, бидејќи навистина немам соодветни показатели и автоматски деградацијата на она што значи меѓународна положба на Република Македонија во меѓународните односи е верувам видлива на дневна основа.
Каква порака се испраќа до земјите домаќини на македонските амбасадори со ваквото однесување кое пред малку го опишавте?
Некои од попријателските земји умеат да ни пратат тивки или полутивки пораки дека во најмала рака се зачудени од таквите кадровски решенија, а во други ситуации дека тоа кадровско решение автоматски значи и нарушување на добрите односи. За жал, тие пораки не беа примени или барем не беа процесуирани, па во некои од земјите малку веќе станавме и тема за потсмев. Во трети земји буквално речено нè бришат. Ние и така сме мала земја која треба да се избори за своето место под сонцето, односно во меѓународните односи, уште кога ќе пратите некој таков партиски кадар, едноставно ќе ве избришат, немаат зошто да се мачат или да се распнуваат на крст за вас, едноставно креваат раце од вас и кршете си глава. Така што ерозијата на нашата меѓународна положба е дефинитивно видлива и во последниот период кога отворено ни се кажува дека сега пак сме во фокусот на интересот, ама заради нашата криза, значи имаме негативен интерес, за позитивен интерес не станува збор.
Како ги коментирате информациите што ги објави опозицијата, поврзани со како што велат, прислушување од страна на власта на странски амбасадори во Македонија?
Тоа е многу сериозно прекршување и на дипломатската регулатива и на дипломатската практика. Обично ако има таков случај дипломатиите се договараат за да не пукне брука и за да не бидат принудени прислушуваните страни да преземат реципрочни мерки. Нема некој суд или некоја судска постапка каде што може Македонија или која било друга земја да биде ставена во процедура и на тој начин да биде казнета или санкционирана на кој и да е начин, меѓутоа во такви ситуации неретко доаѓа до сериозни реципрочни мерки. Една од тие мерки е дека и нашите амбасадори ќе бидат прислушувани, ама ако бидат прислушувани и притоа малку ја загрешат работата во сферата на кривично-правно однесување, тоа значи дека не ќе можеме ни имунитетот да го искористиме за да ги спасиме од таа беља. Тие си имаат така наречени инфлагранти докази, а тоа е една од ситуациите кога имунитетот практично не важи. Второто е дека може да се случи и повлекување на амбасадори или дури и раскинување на дипломатски односи. Јас верувам дека сè уште нема ниту една од тие земји да си дозволи една таква драстична мерка, меѓутоа ако тоа се случи, тоа може да повлече нешто што значи директна правна последица, а тоа е нашето членство во меѓународните организации. Што значи тоа однесување да биде искористено како процедура да ни биде даден отказ од членството во тие меѓународни организации и сега замислете една земја која по игра на случајот и со огромни дипломатски напори успеала да се избори да влезе барем во определен број меѓународни организации, да биде вратена на почетокот, со една соседна земја кога го негира нашето име и која ќе ни го блокира враќањето во тие меѓународни организации, буквално речено на секој чекор. Или ќе имаме ситуација како што имаме сега со ЕУ и НАТО, да стоиме пред вратите на НАТО повеќе од десет години и сепак да не можеме да влеземе, затоа што има една членка која ќе не блокира.
Неодамна побаравте од министерот за надворешни работи да се огради од однесувањето на амбасадорката во Хрватска поради нејзините објави за оставките на неколку функционери во земјава. Каков одговор добивте на тоа ваше барање?
Тоа имаше една мала ескалација, ние прво интерно се обративме до министерот и му свртевме внимание на едно крајно непрофесионално поставување кое што многу лесно можеше да се претпостави дека ќе ескалира. За жал министерот реши, како и во редица други ситуации, да остане глув. И се разбира, ситуацијата ескалираше, можеби и многу побргу од она што ние очекувавме и многу подрастично, тоа дури и на едно многу ниско да не речам некултурно ниво. Таа амбасадорка си дозволи наши луѓе што живеат во Хрватска да ги прогласи за луѓе кои не се Македонци во Хрватска. Се обидувам да цитирам од нејзиниот акт, па уште тој акт да го крсти нота. Нота е специфична дипломатска коресподенција која се одвива меѓу дипломатски служби и меѓу никој друг. Уште и кога на крај се потпишала со Н.Е. односно нејзина екселенција, нормално дека новинарите во Хрватска искористила и објавиле јавно. И од тој момент па натаму она што беше тивок потсмев во дипломатската заедница во Загреб и Хрватска одеднаш стана јавен потсмев. Но ние сме тема, ние Македонија, не госпоѓата Караѓозоска, заради тоа што ако таа толку не знае елементарни работи во дипломатијата, оној што треба да се засрами е оној што ја пратил во таа држава како амбасадорка и нормално е дека срамот паѓа на наши плеќи. Оттука ми е многу жал што дури постоеше заеднички интерес министерот не изреагира, иако многу добронамерно изреагиравме, многу навреме, веднаш штом нотиравме дека објавила еден хвалоспев за Гордана Јанкулоска на својот Фејсбук профил, каде што еве можеби лекоумно но сепак искрено верувала дека е нешто приватно, иако не е. Меѓутоа дека понатаму тие и такви ставови ќе ги продуцира и во други ситуации и, за жал, продолжила и во устни контакти и во јавни настапи пред хрватската јавност и со еден ваков обид со некаква си нота да побара од хрватскиот медиум да демантира дека тоа биле Македонци во Хрватска. Тоа не се некакви анонимуси, тоа се луѓе, за кои ние знаеме дека се Македонци кои живеат во Хрватска, луѓе со дигнитет и со авторитет, не се буквално речено некои луѓе собрани од улица. Тоа не е единствен инцидент, имаме и други амбасадори коишто ете, можеби малку и се воздржаа, единствено што ние имаме сознанија дека на оваа линија многу блиску постапил и нашиот амбасадор во Љубљана. Меѓутоа другите по игра на случајот или не, во секој случај немаа вакви груби јавни грешки. Сепак ова се можеби мали пикантерии од дипломатската практика, но за жал тие многу сериозно се одразуваат на меѓународната положба на Македонија.