Зелена униформа и црвена петокрака, Мирко и Славко, Боро и Рамиз, ученичка кафена кожна торба и на двете џепчиња по еден партизан. „И три дена на раце те носевме збрана“ од Ацо Шопов посветена на Вера Јоциќ. Тука е и Дуња. Па Мирче Ацев и Страшо Пинџур кои биле мачени, но не ги издале информациите кои се барале од нив. А тука се и Ибе Паликуќа и Бајрам Шабани, Лиман Каба, со што се покажува дека војната не ја водела само етнички Македонци, туку и Албанци, Власи и други народности во земјава. Знајни и незнајни борци кои го трасирале патот за македонската држава.
НОБ претставува една од најсветлите точки во нашата историја во која низ тешки и крвави битки и со животите на најдобрите синови и ќерки, извојувана е слободата и удрени се темелите на нашата државност во рамките на југословенската федерација. Таа држава по распадот на Југославија стана темелница на денешна самостојна и суверена Република Македонија.Борис Стојановски, пензиониран генерал.
„Народот беше војската, војската беше народот “, пензионираниот генерал Борис Стојановски, го цитира, како што вели, легендарниот командант на македонската војска генерал Михајло Апостолски.
Денот над победата на фашизмот и Денот на Европа како меѓусебно да си конкурираат. Европа овој 9-ти Мај го одбележува разединето. Русија со воена парада предност дава на победата над фашизмот, останатиот дел од Европа, пак, лут на Русија поради нејзината улога во кризата во Украина, го откажа присуството во Москва и предност му дава на Денот на Европа. Во Македонија ни едното, ни другото, оти народот не ги чувствува како свои празници.
Актуелната власт тоа воопшто не ја интересира, а победата ја донесе токму таа антифашистичка борба во која македонскиот народ активно се вклучи, не само за ослободување на Македонија, туку и за конечно ослободување на Југославија.Лазар Лазаров, историчар.
Кога станува збор за победата над фашизмот земјава за поблиски има други датуми, како почетокот на НОБ и првите пушки во Прилеп и Куманово и ослободувањето на Скопје на 13 Ноември, додека Денот на Европа изминатите неколку години имаше обид да се етаблира меѓу народот, па Ода на радоста, официјалната химна на ЕУ се слушаше и кај нас и се вееше синото знаме со жолти ѕвездички, но како спласнува поддршката на членството во ЕУ, така подалечен станува и овој празник.
Прв пат се создаде држава. Илинден не создаде држава, создаде Република, но не ја нарече македонска, ама овде прв пат се нарече Македонија, македонска држава.Марјан Димитријевски, историчар.
Но, Македонија како активен учесник во борбата против фашизмот го заслужи местото во групата држави кои го победија најголемото зло што го памети човекот, велат историчарите. На овој 9-ти Мај му претходеше научна конференција посветена на победата над фашизмот, на која во интимно друштво говорниците зборуваа за значењето на овој ден. Високи претставници на власта не може да се забележат меѓу присутните. Па имаше и по некоја изложба, а неизбежни се и положувањата на цвеќиња пред спомениците на борците.
Генералот во пензија Борис Стојановски вели дека најголем бенефит од учеството во антифашистичката борба е што Македонија доби држава во рамките на тогашната СФРЈ, иако, како што вели, тоа е платено скапо, со над 24 илјади загинати во текот на војната.
Веќе со години владее политика во која еден многу сериозен државотворен дел од историјата на македонскиот народ, меѓутоа и на сите останати етнички заедници коишто живеат во Македонија се брише од историјата, се брише од учебниците, се брише комплетно од јавноста. Погледнете само, дури и физички ги истераа луѓето од Сојузот на борци од нивното седиште и на тој начин до јавноста, но и до нив, до последните преживеани борци од војната се испрати една силна и јасна порака - вие не постоите за нас, вие сте практично непријатели на она што ние сакаме да го постигнеме.Џабир Дерала, граѓански активист.
„Затоа НОБ претставува една од најсветлите точки во нашата историја во која низ тешки и крвави битки и со животите на најдобрите синови и ќерки, извојувана е слободата и удрени се темелите на нашата државност во рамките на југословенската федерација. Таа држава по распадот на Југославија стана темелница на денешна самостојна и суверена Република Македонија“, вели тој.
Актуелната власт повеќе придава значење на Илинден и револуционерните движења од 19 и почетокот на 20 век, отколку на борбата против фашизмот, дури и основа Музеј на жртвите од комунизмот, вели историчарот Лазар Лазаров.
Сакам да упатам една порака и до сегашните власти и до сите што ќе доаѓаат после нив. Последното нешто што може да им паѓа на ум е да ги ставаат под сомнение придобивките од НОБ. Непочитувањето на придобивките од НОБ значи корнење на корените на нашата држава.Трајко Стаматовски, Сојуз на борци.
„Актуелната власт тоа воопшто не ја интересира, а победата ја донесе токму таа антифашистичка борба во која македонскиот народ активно се вклучи, не само за ослободување на Македонија, туку и за конечно ослободување на Југославија, значи сè до австриската и италијанската граница, и даде околу 25 илјади жртви, а оваа власт го заборава тоа, навистина нека ѝ е на чест, тоа не е добро. Јас не велам дека не треба да се слави Илинден, меѓутоа ние тогаш не остваривме создавање на македонска држава, додека во антифашистичката и народно-ослободителна борба од 1941-45 година македонскиот народ даде свој придонес, но и создаде своја држава“, вели Лазаров.
На исто стојалиште е и професорот по национална историја Марјан Димитријевски.
„Прв пат се создаде држава. Илинден не создаде држава, создаде Република, но не ја нарече македонска, ама овде прв пат се нарече Македонија, македонска држава“, вели тој.
Никој нема нешто особено да се потресе поради присуството или неприсуството на Македонија. Во интерес на Македонија е да им покаже на идните партнери дека е солиден партнер. Значи, ништо страшно нема да се случи, се разбира, но тоа само ќе даде потврда дека ние немаме идеи како кон членство во ЕУ или кон членство во НАТО, а ќе отворат разговори за некаква проруска македонска ориентација, која, според мене, е неизводлива практично како некоја трајна политичка ориентација.Денко Малески, универзитетски професор.
Професор Димитријевски вели дека не секогаш борбата против фашизмот наидувала на плодно тло.
„Можеби полувековното живеење со борбата против фашизмот и традициите што ги негувавме потоа, по ослободувањето, дадоа за право антифашизмот да си го најде своето место, но по 1990 година веќе се измени ситуацијата и силите коишто беа незадоволни од она што се случи по Втората светска војна полека и постепено си го бараат своето место под небото. Имено, тие сакаат да алудираат дека победата над фашизмот и не е толку голем празник, туку нешто друго, дека борбата што е водена е водена како една Втора светска војна после Првата и тука нема што многу да се додаде, но историчарите не велат така, барем не поголемиот дел, односно оние што научно ги фундираат своите трудови“, вели тој.
Во Македонија се заборава тоа што го постигнаа партизаните, вели професор Лазаров.
„Не им оддаваме почест. Ако погледнете, спомениците во Скопје и низ Македонија, ќе забележите дека претежно доминираат спомениците што го одбележуваат античкиот период, од Филип и Александар, Цар Самоил и да не ги редам другите, а најмалку од НОБ. За жал тоа е вистината. Како научник и како професор кој ги воспитува студентите секогаш треба да има објективна оценка и гледање на работите“, вели Лазаров.
Не само што се заборава, туку и намерно се брише тој дел од историјата, вели граѓанскиот активист Џабир Дерала.
„Веќе со години владее политика во која еден многу сериозен државотворен дел од историјата на македонскиот народ, меѓутоа и на сите останати етнички заедници коишто живеат во Македонија се брише од историјата, се брише од учебниците, се брише комплетно од јавноста. Погледнете само, дури и физички ги истераа луѓето од Сојузот на борци од нивното седиште и на тој начин до јавноста, но и до нив, до последните преживеани борци од војната се испрати една силна и јасна порака - вие не постоите за нас, вие сте практично непријатели на она што ние сакаме да го постигнеме“, вели тој.
Дерала додава дека Македонија одамна го напуштија евроинтегративниот пат, а тоа се покажува и со начинот на кој се одбележува Денот на победата на фашизмот, а воедно и Денот на Европа.
„Неодбележувањето на овој сериозен и важен датум во европската, но и во нашата историја е само резултат и последица на политиката на партиите на власт. Сметам дека дури и не морале посебно да се потрудат за да испратат порака дека не сакаат да имаат никаква врска со европската перспектива на победата над фашизмот и со Денот на Европа“, вели Дерала.
Многупати досега сме известувале дека се кршат и оштетуваат бистите и спомениците на партизаните или дека не се одржуваат и обновуваат. На ова се надоврза и менувањето на улиците кои носеа имиња на партизани. Па така пишувавме дека по обновата на градскиот центар во 2005 година, локалните власти во Тетово не сакаат да ги вратат на место бистите на народните херои Тодор Циповски-Мерџан и Ѓоце Стојчевски, дека се распаѓа куќата на Стив Наумов, дека „Фалангата ги замени југословенските партизани во Битола“, се мисли на преименувањето на улиците, алејата на партизаните во Кичево остана без бисти, а со години се чека да се обнови бистата на Ибе Паликуќа и уште многу други примери, како и тоа дека во илјадниците споменици, дел од Скопје 2014, партизаните заземаат само мал дел. Пред две години преживеаните борци протестираа против игнорантскиот однос на власта кон нив и одземањето на просториите на Сојузот на борците. Тогаш Трајко Стаматовски од Сојузот на борци порача на никого да не му паѓа на ум да ги става под сомнение придобивките на НОБ, оти, како што рече, тоа значи корнење на корените на Македонија.
„Сакам да упатам една порака и до сегашните власти и до сите што ќе доаѓаат после нив. Последното нешто што може да им паѓа на ум е да ги ставаат под сомнение придобивките од НОБ. Непочитувањето на придобивките од НОБ значи корнење на корените на нашата држава“, рече Стаматовски.
Од Сојузот на борци неодамна реагираа на актуелната политичка криза, тие преку соопштение оценија дека Македонија во моментов ја доживува најголемата политичка криза од постоењето на слободната македонска држава. Според нив, обелоденетиот податок за прислушување на над 20 илјади граѓани (сеедно од кого било) е најголем удар на човековите права и слободи во земјава и укажува на целосен распад на безбедносниот систем на државата.
Професор Димитријевски вели дека денешниот ден во Европа се одбележува двојно, со различни поводи и со различни симболи. За едните, тоа е денот кога фашистичка Германија потпиша капитулација и со тоа се означи крај на фашизмот на европско тло. За други, тоа е Ден на Европа, ден на сеќавање на Шумановата декларација од 1950 година, кога Роберт Шуман одржал говор во кој за првпат биле изложени идеите на евро-единството.
„Како и да е, сведоци сме дека денеска се чувствува дека овие два величествени настани според своите историски и цивилизациски вредности, наместо да се обединуваат, тие, согласно своето значење, како меѓусебно да си конкурираат и засенуваат еден со друг“, вели Димитријевски и додава дека историчарите велат оти идејата за обединета Европа се зародиле и настанале на темелите на борбата против фашизмот, бидејќи обединета Европа е проект на помирување на народите.
Претседателот на државата Ѓорге Иванов годинава одлучи да присуствува на деветтомајската парада во Русија. Одбележување кое западните лидери решија да го бојкотираат. Дел од домашните аналитичари сугерираат Иванов да ги следи стапките на европските партнери и оваа година да не присуствува на парадата во Москва, оти како што велат, Македонија е земја кандидат за членство во Европската унија и НАТО и со тоа, покрај правата кои ги добива во однос на прашањето за безбедноста, дополнително има и обврски кои треба да ги почитува.
„Никој нема нешто особено да се потресе поради присуството или неприсуството на Македонија. Во интерес на Македонија е да им покаже на идните партнери дека е солиден партнер. Значи, ништо страшно нема да се случи, се разбира, но тоа само ќе даде потврда дека ние немаме идеи како кон членство во ЕУ или кон членство во НАТО, а ќе отворат разговори за некаква проруска македонска ориентација, која, според мене, е неизводлива практично како некоја трајна политичка ориентација“, вели универзитетскиот професор и поранешен министер за надворешни работи Денко Малески.
Претседателскиот Кабинет соопштувајќи за одлуката да се оди во Москва, нотираше дека Иванов ја донел водејќи се од политика базирана на државните интереси и отвореност кон сите и дека оваа одлука не е во спротивност со стратегиските приоритети на земјава, односно членството во ЕУ и НАТО, објаснувајќи оти се несериозни шпекулациите дека со одење, односно неодење во Москва, Македонија прави избор.
Русија покани 68 лидери на земји и меѓународни организации, но само околу 20 од нив го потврдија присуството во услови на меѓународна осуда на земјата поради нејзината улога во конфликтот во источна Украина и анексијата на Крим.