Протагонист означува лик, карактер во некое дело – книга или филм сеедно. Од таму, ако би одбрал само еден и единствен збор за да го опишам она што ние го творим,е тоа би бил само „еклектичност“. Тоа за нас е Д ПРОТАГОНИСТ.
Ние сме доста еклектични. Значи имаме доста варијации и широк спектар на теми во она што го работиме. Независно дали се социолошки или научно-фантастични. Дали кажуваме некоја приказна или, пак, одредена вистина.Рашид Салиу Раш, музичар.
Вака Рашид Салији Раш, пејач и магистер по уметност во комуникациски науки, ќе ја започне сторијата за дуото во кое што е и музичарот и педагог Кузман Маркоски. Обајцата деновиве се исправени пред предизвикот, во комплетно изместени општествено-(суб)културни услови, да ја сторат промоцијата на своето првенче „No Exit Museum“, албумот на кој му ги посветија последните неколку години од својот живот и од кој првите неколку промо-синглови („Atom From The Sun“, „Hyper real“ и актуелниот „Space Station“) се најдоа на топ 20 листата на регионалната Ем-ти-ви Адрија.
Да не се занимаваме со нерешени теми и проблематики на Македонија од 19 век наваму или Балканот глобално, туку да бидеме во 21 век и да одиме ако може, и колку што може, малку понапред да дофрлиме со погледот. Затоа што нас, мене лично, единствено што ме возбудува е иднината.Рашид Салиу Раш, музичар.
„Ние сме доста еклектични. Значи имаме доста варијации и широк спектар на теми во она што го работиме. Независно дали се социолошки или научно-фантастични. Дали кажуваме некоја приказна или, пак, одредена вистина. На пример, имаме една песна на албумот „Information bomb“ која е всушност наслов на книга на Пол Вилирио, кој е еден од најбитните филозофи на нашето време заедно со Жан Бодлиер. Мене отсекогаш социологијата ми била блиска тема како „научник“. Од друга страна, од кога знам за себе, сум ги сакал тие приказни, таа можност во музиката да се отворат некои други светови. Дали внатре во нас или воопшто во вселената“, вели Раш.
Тој дополнува дека Кузман и тој со сите сили се обидуваат да понудат малку поинтелигентен пристап кон текстот, кон интертекстот и да го живеат времето онакво какво што е.
„Да не се занимаваме со нерешени теми и проблематики на Македонија од 19 век наваму или Балканот глобално, туку да бидеме во 21 век и да одиме ако може, и колку што може, малку понапред да дофрлиме со погледот. Затоа што нас, мене лично, единствено што ме возбудува е иднината. А, „No Exit Museum“ е двосмислено име и отсекогаш сум сакал инспирацијата за насловите на албумите да ја најдам во таквите теми затоа што тие ги тераат луѓето да размислуваат. Значи албумот е семиконцептуален. Почнува со вселенски теми и се дели со една инструменталка, за да потем понудиме неколку социјални теми и на крај има една песна која ги поврзува тие светови и претставува некаков епилог“, вели тој.
Појаснува дека нивната творба во Македонија може да се разбере на еден начин, во Србија на друг, а во Велика Британија на трет.
„Има универзалност во нашите песни. Значи, јас сум во Македонија. Живеам со оваа реалност. На пример „Hyper real“ има врска со нашава стварност, со она што е овде и сега, но истовремено со времето што го живеат во Рим. Тие се некакви универзални теми до кои сме дошле преку макотрпна работа. Треба навистина многу труд и посветеност за да се дојде до такви текстови, до таква интертекстуалност“, вели Раш.
Инаку идејата за Д ПРОТАГОНИСТ е зачната во 2010 година. Тогаш Раш и Кузман започнуваат да творат оригинална музика која се базирала на потребата за звуковен и мисловен експеримент. Резултат на таквата нивна заедничка настојба е фузијата на висококвалитетна електроника и органски гитарски звук со моќни вокали која едноставно го изнудува вниманието врз себе.
Не многу потоа во приказната влегува Сајмон Хејворт, продуцент кој во својата плодна биографија има соработки со имиња како Брајан Ино, ДИПЕШ МОУД, Мајкл Олфилд, Ник Кејв, СИМПЛ МАЈНДС и други, па така Д ПРОТАГОНИСТ со силен ветар во грбот, ќе ги стекнат сите предуслови за оширока афирмација, процес што треба да биде заокружен со претстојната промоција на албумот која официјално започнува со неделниот концертен настап во емисијата „Ако никој не свири“ што се емитува од Глувата соба на култното скопско радио „Канал 103“.
„Ние во понеделник, дефинитивно во едно „чудно“ време, во ова невреме, го објавуваме албумот и тој ќе биде достапен за слободно симнување од интернет. За жал и во таквата намера имаме пречки. Некои луѓе, од којзнае какви причини, се обидуваат да ни го затворат сервисот „Саундклауд“, да ни го хакираат нашиот вебсајт, но правиме сè да не ни ги попречат плановите. На ваквиот чекор се решивме затоа што сметаме дека во една ваква ситуација во Македонија не би имало никаква смисла да печатиме цедеа и навистина би било перверзно, дури и безобразно некому да му кажеме ајде платни 500 денари за да го слушнеш ова наше издание. Иако не ми е сеедно што на овој начин, за бадијала до даваме нашиот долгогодишен труд, нашето авторство, сепак мислам дека така е најпаметно. Еве ќе кажам и тоа дека веќе работиме и на вториот албум кој е планирано да излезе во некој поарни услови некаде таму 2016. Знаете, кога работите со музика, посебно со алтернативна музика, треба време нешто да се изгради. Ние почнавме од овде, од нашето јадро и се надеваме дека со тек на време таа приказна ќе се шири. Се надеваме и веруваме дека тоа ќе се случи. Оваа смела констатација е резултат на остварената соработка со Сајмон Хејворт кој го мастеризираше нашиот деби албум и тој ни упати убави зборови дека треба да продолжиме по патот по кој што сме тргнале. Можеби нешто ќе се случи за 10, можеби за 15 години, но дефинитивно ќе се случи. Досега од Балканот ништо не излегло во светот. Порано Југославија ни беше доволна, но сега е друго време со други медиуми и сè е можно. Само треба верба. Кузман и јас сме борци и се надевам дека со музиката ќе остариме“, вели Раш.