Фокус - Терористичка претстава со лоши глумци и режисери
Терористичка претстава со лоши глумци и режисери“. За неделникот има премногу случајности и премногу пропаганда со лош квалитет за да не се сомневаме во мотивите на власта да ја режира оваа драмолетка!Фокус.
„Нападот на УЧК врз Гошинце - реалност или фикција?“ - прашува во насловот Фокус, за потоа да констатира: „Терористичка претстава со лоши глумци и режисери“. За неделникот има премногу случајности и премногу пропаганда со лош квалитет за да не се сомневаме, вели, „во мотивите на власта да ја режира оваа драмолетка!“ Оваа своја теза авторот на анализата во Фокус ја поткрепува со неколку прашања: за какви терористи станува збор кога не испорачаа никакво барање, ниту, пак, посеаја страв кај локалното население; како никој од Косово, држава со која имаме интензивна полициска соработка, не успеал да забележи 40-мина вооружени бандити; зошто наводните терористи не зедоа заложници, не испукаа ниту еден куршум во полицајците, туку само ги врзале со лисици и ги избркале од караулата; зошто полицајците не се обиделе да се бранат; како Македонија се бори против тероризмот, ако полицијата не интервенираше веднаш ноќта или рано утрото во Гошинце, туку дури 12 часа по настанот хеликоптери и оклопни возила театрално патролираа на теренот; зошто едни новинари и цивили се движеа во селото, а МВР одвраќаше други новинари оти не било безбедно?
Прво, нападот во Гошинце е режиран и поврзан со актуелната политичка криза во државата со намера да предизвика меѓуетнички судири, и второ, нема никакви реални причини за предизвикување нов конфликт меѓу Македонците и Албанците.Република.
Република - Режиран напад во Гошинце
И Република во уводникот смета дека нападот е режиран, со таа разлика што „режисерот“ го наоѓа во редовите на опозицијата и, како што ги етикетира, „соросовите“ медиуми и „експерти“ кои ја посочиле власта како организатор на инцидентот. Потоа тврди дека Гошинце требало да биде новото Танушевци преку кое ќе се изврши „контролирана дестабилизација“, а потоа, водејќи се по сценариото од 2001 година, да очекуваме, вели, „крвав расплет на кризата“. За ова тврдење, Република наведува две работи, како што вели, „општоприфатени од целата јавност“. Прво, нападот во Гошинце е режиран и поврзан со актуелната политичка криза во државата со намера да предизвика меѓуетнички судири, и второ, нема никакви реални причини за предизвикување нов конфликт меѓу Македонците и Албанците.
Глобус - Препораките за политичка реанимација на Црвенковски се лоши
Колумната Офаманаман во Глобус е посветена на втората јака случка изминативе денови, писменото обраќање на Бранко Црвенковски до јавноста во кое ја објаснува својата двегодишна апстиненција од политиката и посочува начини како земјава да се „реши“ од власта на Груевски. Авторот на колумната во неделникот смета дека „препораките за политичка реанимација на Црвенковски се лоши“ и дека писмото е многу лош состав на поранешниот претседател, премиер и партиски лидер. „Лошо срочени елементи на политичко алиби, лошо срочени скици на политичкиот императив на моментот... Порано се залагав за децрвенковизирање на СДСМ, а сега сакам да истапам со идејата самиот Црвенковски да се децрвенковизира ако сака на квалитетен начин да му ги отстапи на општеството своите несомнени квалитети!“, порачува авторот на колумната во Глобус.