Достапни линкови

Гошинце небезбедно за новинари?


Конвој полициски џипови се упатија кон Гошинце
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:32 0:00

Конвој полициски џипови се упатија кон Гошинце

Новинарските екипи денеска беа спречени кај браната Липково да одат до караулата во Гошинце, во меѓувреме и две возила на ОБСЕ исто така не отидоа кон селото. Конвој полициски возила пак попладнево се упатија кон Гошинце. МВР вели дека нападот на караулата е терористички чин. Партиите со осуда за настанот, а претседателот свика состанок на државниот врв.

Не може да одите кон Гошинце заради ваша безбедност. Со овие зборови полицијата ги пречека новинарските екипи денеска околу 15 часот пред браната Липково.

Лицето што ја предводело групата на албански јазик преку преведувач којшто говорел на лош македонски јазик со србизми им се обратил на врзаните полицајци со следниве зборови – Ние сме од УЧК пренесете на сите дека ниту Ахмети, ниту Груевски не може да ве спасат.
Иво Котевски, МВР.

Новинарите и ОБСЕ до Липковска брана, полициските џипови до Гошинце

Иако дел новинари кои стигнале порано веќе беа заминати кон селото, попладнето полицијата беше децидна дека не може да ни дозволи да одиме кон местото каде што утрината околу 2 часот и 30 минути, како што информираше МВР, била нападната караулата во Гошинце во близина на северната граница.

По патот во липковскиот крај движењето изгледаше вообичаено со исклучок на конвојот полициски џипови кои заминаа кон селото. Два џипа пак на ОБСЕ, исто како и новинарите, не ја минаа полициската блокада кај браната.

Овој инцидент за кој се јавува во медиумите изгледа е некое сценарио на владата, на Груевски, како и на Министерството за внатрешни работи. Сигурно планира некое сценарио за да може да го дефокусира вниманието на граѓаните и да се спаси од она што се случува.
Абедин Зимбери, поранешен член на ОНА.

МВР - Македонија цел на терористички напад

Како што информираше портпаролот на МВР Иво Котевски претходно Македонија рано утрината била цел на терористички напад. Според полицијата во нападот учествувале повеќе од 40 лица кои биле добро вооружени и носеле маскирани униформи на УЧК и меѓусебе комуницирале на албански јазик. Тој додаде и дека биле заробени четворица полициски службеници кои во моментот биле дежурни во караулата.

„Лицето што ја предводело групата на албански јазик преку преведувач којшто говорел на лош македонски јазик со србизми им се обратил на врзаните полицајци со следниве зборови – Ние сме од УЧК пренесете на сите дека ниту Ахмети, ниту Груевски не може да ве спасат. Ние сакаме наша држава и не сакаме никакви Охридски договори. Повеќе никој не смее да дојде нагоре“, рече Котевски, кој додаде дека откако ја соопштиле пораката на врзаните полицајци им било дадено време од половина час пеш да си заминат од караулата.

Граѓаните не треба да бидат вознемирени, но истовремено не треба да дозволат да паднат во замка на таквите провокации.
ДУИ.

Зимбери - инцидентот во Гошинце е сценарио на владата

Поранешниот член на ОНА , Абедин Зимбери, кој живее во липковскиот регион, тврди дека таму нема никакви вооружени лица.

„Овој инцидент за кој се јавува во медиумите изгледа е некое сценарио на владата, на Груевски, како и на Министерството за внатрешни работи. Сигурно планира некое сценарио за да може да го дефокусира вниманието на граѓаните и да се спаси од она што се случува. Велам дека ова нема да им успее, затоа што граѓаните не сакаат војни, сакаат мир, перспектива, сакаат работа, да живеат“, вели Зимбери во изјава за Радио Слободна Европа.

Партиите го осудија настанот

Во меѓувреме реакции за инцидентот стигнаа од ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Според партијата на Али Ахмети случката во Гошинце е акт кој е пред се на штета на албанската агенда во Македонија и во регионот.

„Граѓаните не треба да бидат вознемирени, но истовремено не треба да дозволат да паднат во замка на таквите провокации. Ваквите провокации нема да не поместат од претходно утврдената платформа“, е наведено во соопштението на партијата. Од ДУИ побараа од надлежните институции да преземат одговорност за гарантирање на безбедноста на граѓаните и што побрзо да го расветлат овој случај.

Граѓаните треба да останат смирени и да не дозволат реализација на сценарија чија цел е дестабилизација на земјата и загрозување на редот и поредокот.
ВМРО-ДПМНЕ.

И од ВМРО-ДПМНЕ го осудија, како што се наведува во соопштението, терористички настан и ги повикаа институциите одлучно и решително да постапат за расчистување на случајот и да ја обезбедат законитоста, сигурноста и стабилноста по сите основи. Од партијата наведуваат дека граѓаните треба да останат смирени и да не дозволат реализација на сценарија чија цел е дестабилизација на земјата и загрозување на редот и поредокот.

И СДСМ ги повика граѓаните на воздржаност и да не подлегнуваат на какви било како што наведуваат режирани сценарија. Според партијата која најостро го осуди случувањето во Гошинце, нерасветлувањето на инцидентите од безбедносен карактер за коишто информира власта последниов период отвора можност за различни шпекулации и тензии.

Нерасветлувањето на инцидентите од безбедносен карактер за коишто информира власта последниов период отвора можност за различни шпекулации и тензии.
СДСМ.

Иванов свика состанок на државниот врв

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов свика состанок на кој надлежните институции од областа на одбраната, безбедноста и разузнавањето ќе го информираат државниот врв на Република Македонија за актуелните настани.

Состанокот, како што се наведува во соопштението ќе се одржи вечерва во Кабинетот на Претседателот, по враќањето во државата на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски од Рим и на претседателот на Владата Никола Груевски од Брисел.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG