Атина го поддржува гасоводот Турски тек

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Атина го поддржува гасоводот Турски тек

Шефот на рускиот гигант Газпром Алексеј Милер изјави дека грчката влада ја поддржува идејата за изградба на гасовод за транспорт на руски гас до Грција преку Турција. Деновиве во Атина, пак, американски и грчки претставници ќе разговараат за прашања од областа на енергетиката.

Алексеј Милер по разговорите во Атина со грчкиот премиер Алексис Ципрас изјави дека Руско европски конзилиум на бизнисмени ќе обезбеди средства за изградба на гасоводот познат како Турски тек кој ќе завршува во Грција со терминал за натамошна дистрибуција на гасот во Европа.

Тешко ми е да ја сфатам разликата меѓу Турскиот тек и Јужниот тек, освен во името и во отстранувањето од рутата.
Амос Хохштајн, специјален пратеник на Стејт департментот за енергетика.

Милер додаде дека гасоводот ќе биде во согласност со легислативата на Европската унија.

Соочена со критики од Европската унија, Русија во декември лани се откажа од гасоводот Јужен тек во вредност од 40 милијарди долари. Гасоводот требаше да минува под Црно Море и преку Бугарија да пренесува над 63 милијарди кубни метри гас годишно до Европа.

Со поддршка од Европската унија, тогаш е можна поголема заинтересираност на банките и на некои американски компании кои би сакале да инвестираат во таквите терминали.
Амос Хохштајн, специјален пратеник на Стејт департментот за енергетика.

Сега руските надежи се закачени на Турција, односно изградба на гасоводот познат како „Турски тек“ со ист капацитет до терминал на грчко-турската граница.

Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас при престојот во Вашингтон во интервју за новинската агенција Асошиетед прес позитивно го оцени предлогот на Русија за изградба на гасоводот Турски тек.

Тој наведе дека преговорите со Газпром биле од економска, а не од политичка природа.

Коѕијас најави дека во наредниве денови во Атина ќе престојува Амос Хохштајн, специјален пратеник на Стејт департментот за енергетика.

Хохштајн деновиве побара од земјите на југоистокот на Европа да градат нови врски за снабдување со гас и да се фокусираат врз помали проекти со цел да ја намалат зависноста од Русија.

„Тешко ми е да ја сфатам разликата меѓу Турскиот тек и Јужниот тек, освен во името и во отстранувањето од рутата“, изјави тој.

Според него, регионот кој зависи главно од гасот од Русија се соочува со ризици барајќи, како што рече, лесни волшебни куршуми кои го одвлекуваат вниманието од помалите проекти.

Хохштајн смета дека Русија останува клучен играч во снабдувањето на Европа со гас, но оти се неопходни и други извори и рути со цел да се зголеми енергетската безбедност.

Поврзувањето меѓу Грција, Бугарија, Романија, Унгарија и Србија со таканаречени двонасочни гасоводи е многу поевтино од ривалските мега проекти и многу поостварливо, вели Хохштајн.

Тој додава дека американски официјални претставници веќе имале неколку средби и разговори со новите грчки власти за пловен терминал за природен гас во Солун со што врската меѓу Грција и Бугарија нема да зависи од големите јужни проекти.

„Со поддршка од Европската унија, тогаш е можна поголема заинтересираност на банките и на некои американски компании кои би сакале да инвестираат во таквите терминали“, вели американскиот пратеник за енергија Амос Хохштајн.