Достапни линкови

Молк од владата за руското откажување од Јужниот тек


Од Владата денеска и покрај обидите не успеавме да добиеме реакција по информациите дека Русија се откажува од проектот Јужен тек.

Голем чекор за државата со кој се обезбедува енергетска стабилност на долг рок. Со овие зборови премиерот Груевски лани го оцени потпишувањето на договорот за Јужен тек. Сега, пак, од Москва стигна веста дека тие се откажуваат од изградбата на гасоводот. Поради ова се отвора прашањето доведена ли е енергетската сигурност на земјава во неизвесност со оглед на тоа дека главните владини надежи беа насочени кон овој руски проект.

Основно е Македонија да најде гас, значи изворот на гасот е проблем, не е самото поврзување во линијата, кога ќе се поврзете на линија во која нема гас за вас, исто како да не сте се поврзале.
Атанаско Тунески, универзитетски професор.

Од Владата денеска и покрај обидите не успеавме да добиеме реакција за ваквиот развој на настаните.

Македонија сега мора да најде начин да се поврзе на некој постојан гасовод или на некој друг иден кој ќе поминува во наша близина, вели професор Атанаско Тунески. Тој смета дека во меѓувреме државава требало да води разговори и за приклучување кон други гасоводи.

Јас пак очекувам дека тој проект не може да се угуши, ќе се смири ситуација може ќе задоцни една година, ќе видиме. Македонија не зависеше само од Јужен тек, таа си има гас за следните неколку години. За тие, за од 2019, 2020 се очекува да биде готов ТАП(Транс-адриатик проект) и исто може на него да се приклучиме.
Константин Димитров, универзитетски професор.

„Со Јужен тек ние не почнавме од почеток, туку почнавме кога тој беше во сериозна фаза на размислување да се гради. Сега веќе ако тој отпаѓа се плашам дека никакви разговори барем досега или никакви сериозни разговори не се водат за наше поврзување со другите гасоводи во близина. Основно е Македонија да најде гас, значи изворот на гасот е проблем, не е самото поврзување во линијата, кога ќе се поврзете на линија во која нема гас за вас, исто како да не сте се поврзале. Сега треба да се решат два момента, едно е физички да се поврземе со изградба на крак до некој иден гасовод или до постојан гасовод, а втор и да обезбедиме гас за нас како држава“, вели Тунески.

Според професор Константин Димитров, не е сè завршено со проектот Јужен тек. Уште на почетокот Турција ѝ понуди на Русија од кај нив да поминува кракот, но беше одлучено да оди преку Бугарија, објаснува Димитров, кој вели дека треба да се почека за да се види од каде точно ќе поминува и дали ќе остави можност и Македонија сè уште да биде во игра.

„Јас пак очекувам дека тој проект не може да се угуши, ќе се смири ситуација може ќе задоцни една година, ќе видиме. Македонија не зависеше само од Јужен тек, таа си има гас за следните неколку години. За тие, за од 2019, 2020 се очекува да биде готов ТАП(Транс-адриатик проект) и исто може на него да се приклучиме“, вели Димитров.

Според договорот што вицепремиерот Ставрески во присуство на Груевски го потпиша лани летото во Москва, до 2015 година требаше да се изгради морскиот крак под Црното Море до Југоисточна Европа, а до 2018 година тој проект целосно да биде завршен.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG