Македонија е стратешки ориентирана кон Запад, а „свртувањето“ кон Русија произлегува од одолговлекувањето на евроатланските процеси.
Ние сме европска земја и стратешки и географски сме свртени кон Западна Европа, нашите стратешки цели се влегување во НАТО и во ЕУ, а со Русија се разбира нè поврзуваат други работи – потекнуваме од исто словенско потекло, имаме иста вера и се разбира имаме економски интереси да соработуваме со Русија.Благој Зашов, поранешен дипломат.
Има ли Македонија дилема меѓу Русија и Европската унија, односно дали е можно свртување на нашата земја од Западот кон Истокот. Во последно време се поведе дебата на оваа тема која се изведува како логична последица од долгото чекање во ред на почеток на преговори со ЕУ.
Поранешниот дипломат од кариера, Благој Зашов, нагласува дека некакво свртување на македонската надворешна политика од досегашното стратешко партнерство со САД и ЕУ е само лажна дилема кај дел од обесхрабрените македонски граѓани дека имаме алтернатива во ситуација на одолговлекување со приемот на Македонија во евроатлантските интеграции. Тоа повеќе се изведува од намалениот процент на проевропски ориентирани граѓани, отколку од некои знаци на водење на поинаква надворешна политика од актуелната влада, вели Зашов.
И постојниот гасовод што го имаме не се користи максимално, односно се користи само со 15 отсто, меѓутоа долгорочно Македонија треба да го реши прашањето со снабдување со гас од Русија или од поранешните советски републики.Благој Зашов, поранешен дипломат.
„Ние сме европска земја и стратешки и географски сме свртени кон Западна Европа, нашите стратешки цели се влегување во НАТО и во ЕУ, а со Русија се разбира нè поврзуваат други работи – потекнуваме од исто словенско потекло, имаме иста вера и се разбира имаме економски интереси да соработуваме со Русија“, вели Зашов.
Како и да е, во изминатиот период може да се слушнат изјави од типот дека нема друга алтернатива за Македонија од интеграцискиот процес, но и дека последиците од зголемувањето на руското влијание во услови на игнорантскиот однос кон регионот најмалку зависат од политичките водства на балканските земји.
Европските земји членки на ЕУ соработуваат со источните земји како Русија и Кина, зошто ние како мала земја кандидат за членка на ЕУ да не соработуваме, особено на економски план, нагласува Зашов.
Осврнувајќи се на енергетската зависност на Македонија од Русија, тој оценува дека Македонија засега на кус рок нема проблем со гасот, но дека долгорочно е важно да има алтернативни патишта, а тоа е да бидеме приклучени кон Јужниот ток и ТАП.
„И постојниот гасовод што го имаме не се користи максимално, односно се користи само со 15 отсто, меѓутоа долгорочно Македонија треба да го реши прашањето со снабдување со гас од Русија или од поранешните советски републики“, вели Зашов.
Гасот генерално е слаба точка за цела Европа, зашто голем дел од европските потрошувачи се ориентирани со гас. Тоа Русија го користи, како што другите развиени земји користат други предности. Македонија мора да учи во надворешната политика од однесувањето на Грција и Турција, за тоа треба да се има и солидна дипломатија, заклучуваат експертите.
Инаку, ниту во историјата Русија немала некаков интерес за Македонија, а што се однесува на официјалните средби на македонски и руски политичари во изминатиот период, тие може да се каже дека не се многу и главно се однесуваат на економската соработка.