Експериментот - Заложба на осмото издание на Лица без маски

Буре барут на Ана Батева.

Со изведбата на претставата „Буре барут“ што македонската режисерка Ана Батева ја работеше на текстови на Дејан Дуковски во бугарскиот театар „Николај Бинев“ и со поддршка на софиската „Арт продукција“, оваа сабота, на 18 април, во 20 часот, во Театар Комедија, ќе започне осмото издание на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“. Во натпреварувачката конкуренција на манифестацијата која го претпочита алтернативниот и експерименталниот израз годинава се шест проекти, меѓу кои и две независни македонски продукции - „Семејни приказни“ на Ангелчо Илиевски и „К“ на Хана Миленковска.

Во Скопје, на неколку сцени, од 18 до 21 април, ќе се обистини уште едно, осмо по ред, издание на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“. Манифестацијата која од година во година ја потврдува сопствената посебност овој пат ќе биде отворена со изведбата на претставата „Буре барут“ на македонската режисерка Ана Батева. Таа посегајќи по двата култни текста на Дејан Дуковски - „Буре барут“ и „ММЕ кој прв почна“, во бугарскиот театар „Николај Бинев“ и со поддршка на софиската „Арт продукција“, стокми самосвоен проект (еден тип кабаретско шоу) кој засега социјални теми за битисањето на Балканот, нашиот менталитет и перцепцијата за светот и животот воопшто.

Театарот сам по себе треба да биде радикален. Тој треба да биде опозит на суровата реалност којашто ја живееме. Да понуди некои нови светогледи. Секогаш можеме да најдеме не само различен простор, различна содржина, визуелизација... Можеме да експериментираме најмногу со светло и со уште мал милион елементи.
Игор Ивковиќ, селектор на програмата на ИТФ „Лица без маски“.

Претставата е играна со голем успех во соседна Бугарија каде што Батева работи и од таму е сосема разбирливо што нејзината изведба се очекува со нагласена љубопитност.

Инаку, во официјалната натпреварувачка конкуренција, овој пат се шест претстави, меѓу кои и независните македонски продукции „Семејни приказни“ на Ангелчо Илиевски, како и претставата „К“ на Хана Миленковска и Битолски културен центар, проекти кои експериментираат со просторот, содржината и визуелното обликување.

Копилиња во умот.

Годинашната програма е збогатена со повторното учество на лауреатите од пред две години, театарската академија „Софија Амендолеа“ од Италија, кои во случајов доаѓаат со најновата продукција насловена „Копилиња во умот“, во режија на Фабио Омодеи.

Како куриозитет, на своето осмо издание Фестивалот во програмата го вклучи и уникатниот експериментален перформанс „Ivet to tell something“ на римскиот театар „Doo performing group“, кој, пак, е планирано за сцена да ги има тоалетите на Македонска опера и балет.

На последната фестивалска вечер, на 21-ви април, публиката ќе има можност да ја проследи и магичната претстава „за деца и особено за возрасни“ - „Машината Јан Бибијан“, во режија на Петар Пашов Помладиот, а во изведба на театарот „Атеље 313“ од Софија.

Игор Ивковиќ, селекторот на програмата на ИТФ „Лица без маски“, во пресрет на манифестацијата, забележува дека ја продолжуваат интенцијата секоја година да бидат различни и иновативни и да понудат несекојдневна програма која ќе го предизвика вниманието на љубителите на оваа уметност. Тој дополнува дека тие се залагаат за потребата од експеримент и дека не секогаш стожерните, капитални дела треба да бидат урнек за да се претстават некои нови светови и нови визии во театарскиот простор.

„Театарот сам по себе треба да биде радикален. Тој треба да биде опозит на суровата реалност којашто ја живееме. Да понуди некои нови светогледи. Секогаш можеме да најдеме не само различен простор, различна содржина, визуелизација... Можеме да експериментираме најмногу со светло и со уште мал милион елементи кои што во практика и не треба да бидат габаритни како што се прави тоа во стожерните театри. Токму и затоа е наменет овој фестивал – да покажеме дека театарот може да се направи само со неколку платна или само со неколку хулахопи. Доволно е да најдеме во себе силна имагинација и контекст во кој што ќе ги втемелиме истите и да раскажеме една нова приказна, една нова бајка, една нова структура“, вели тој.

Ивковиќ потенцира дека особено годинешнава програма со сите свои аргументи говори дека „Лица без маски“ е фестивал наменет на алтернативата и експерименталниот театар и во формална и во суштинска смисла.

Како и во изминатите години, така и оваа за фестивалските награди: Гранд при за најдобра претстава во целина, Наградата за најдобра режија и Наградата за најдобро актерско остварување, ќе одлучува тричлено фестивалско жири во кое се: актерката Таци Илиева – Велјиќ, режисерот Бојан Трифуновски и новинарката на „Дневник“ - Сребра Ѓорѓијевска.

Кон ова само уште информациите дека на свеченото отворање поздравна реч ќе одржи драмскиот писател Дејан Дуковски, а претставите ќе се случуваат на неколку сцени во градот - Театар Комедија, Македонска опера и балет, Дом на АРМ и Малата сцена на Универзална сала.