Американците доаѓаат

Средба на премиерот Никола Груевски со Хојт Брајан Ји во Скопје на 27 јануари 2014.

Американскиот висок политичар Хојт Ји со политичкиот врв ќе ја скенира состојбата во земјата. Партиите го очекуваат со нивните познати ставови. Утре во посета доаѓа уште една делегација на странски дипломати.

Американскиот заменик помошник државен секретар за Европа и Азија Хојт Ји, денеска и утре во Скопје на средби со владиниот врв и партиските лидери ги скенира состојбите во Македонија до кои дојде по аферите „Пуч“ и „Прислушување“.

Конкретно ќе нагласеле дека инсистираат на формирање преодна влада, смени на Јавниот обвинител Марко Зврлевски и обвинителот за гонење на организиран криминал Јован Илиевски и смена на раководството на Македонската радио телевизија.
СДСМ.

Од СДСМ велат дека на средбата со нивното раководство на американскиот дипломат ќе му ги презентирале веќе познатите нивни позиции. Конкретно, велат од партијата, ќе нагласеле дека инсистираат на формирање преодна влада, смени на Јавниот обвинител Марко Зврлевски и обвинителот за гонење на организиран криминал Јован Илиевски и смена на раководството на Македонската радио телевизија. Со тие позиции, тврдат од опозициската партија, настапиле и на разговорите во Брисел, чија втора рунда заврши вчера. Според извори од СДСМ тоа е единствената опција за излегување од политичката криза во Македонија.

Архивска фотографија.

Од ДУИ, пак, со чиј лидер исто така се сретнува Хојт Ји, велат дека остануваат на ставот оти политичкиот дијалог мора да се зацврсти и интензивира за да се стави крај на политичката криза во Македонија и истовремено земјава да се врати на приоритетната агенда, односно решавањето на проблемот со името и интеграцијата на земјава во Европската унија и во НАТО. Од партијата на Али Ахмети очекуваат дека Соединетите Американски Држави како партнери на земјава можеле да придонесат во надминувањето на актуелната криза како и за решавањето на спорот за разликите за името со Грција.

Политичкиот дијалог мора да се зацврсти и интензивира за да се стави крај на политичката криза во Македонија и истовремено земјава да се врати на приоритетната агенда, односно решавањето на проблемот со името и интеграцијата на земјава во Европската унија и во НАТО.
ДУИ.

Вашингтон загрижен за состојбите во Македонија

Според професор Мерсел Биљали посетата на Хојт Ји е сигнал дека Вашингтон се загрижил за состојбите во Македонија, пред сè поради најавите за дестабилизација на која, како што тврди, биле подготвени структурите околу власта.

„Последните постапки и информациите што ги добиваат странците дека овие се докрај бескрупулозни во играта, така што може да инсталираат и групи криминалци коишто би предизвикале национална дестабилизација и затоа сега се брза меѓународната заедница, посебно Американците, и ние очекуваме во наредните недели да зајакне тој притисок, дури и од повисоко ниво за да се реши таа ситуација“, вели Биљали.

Професорот Димитар Мирчев, пак, оценува дека ваквите посети не мора да значи дека се сигнал за поголемо ангажирање на странците, оти, како што вели, можеби е коинциденција. Тој смета и дека странците може донекаде да помогнат, но дека тие не може да најдат решенија.

Инаку утре во Скопје ќе допатува уште еден американски дипломат. На страницата на мисијата на САД во ОБСЕ е наведено дека постојаниот претставник на земјата во меѓународната организација Даниел Баер ќе дојде во Македонија со неколку колеги амбасадори. Тука, како што пишува во соопштението, амбасадорите ќе се сретнат со владини претставници, претставници на опозицијата и на други политички партии, граѓанското општество и локалната мисија на ОБСЕ во Скопје.

„САД и неколку други во меѓународната заедница изразија загриженост за политичката криза која е во тек. За време на посетата амбасадорот Баер и неговите колеги ќе имаат можност да слушнат различни перспективи за тоа како Македонија може да оди напред во согласност со постојаните принципи на ОБСЕ и евроатланските вредности и како ОБСЕ и меѓународната заедница може да ги поддржат позитивните чекори“, се наведува во соопштението.