Куманово може да остане без вода поради политика?

Кумановски „Водовод“ е во долгови, и кон ЕВН и кон „Водостопанство-Куманово“. И додека траат отворените проблеми и вината се префрла од една на друга страна, граѓаните редовно плаќаат сметки и очекуваат да имаат вода.

Покрај напластените долгови кон ЕВН поради кои кумановското локално комунално претпријатие за водоснабдување „Водовод“ нема струја, претпријатието му должи и на , ЈП „Водостопанство-Кумановско-Липковско Поле“. Од таму потсетуваат дека времето за исплата истекува. Директорот на „Водостопанство“ Филип Филиповски ги отфрли формулациите дека несогласувањата помеѓу раководствата на двете претпријатија и повремени закани за прекин на водоснабдувањето на Куманово се од политичка природа. А градоначалникот Зоран Дамјановски останува на ставот дека политиката е проблем.

Филип Филиповски.

„Главниот виновник за севкупната состојба, Дамјановски, молчи. Не го презентира проблемот во Советот на Општината, туку пристапува кон стара политика, дека наводно станува збор за притисок од ЕВН, порано тоа било „Водостопанство“, сега ЕВН. Од аспект на „Водостопанство“ и обвинувањата сакам да потенцирам дека договореното од кај министерот Михаил Цветков не се испочитува од „Водовод“ кога требаше да се потпише договор и да се дефинира и цената и начин и испорака на вода“, вели Филиповски.

Главниот виновник за севкупната состојба, Дамјановски, молчи. Не го презентира проблемот во Советот на Општината, туку пристапува кон стара политика, дека наводно станува збор за притисок од ЕВН, порано тоа било „Водостопанство“, сега ЕВН.
Филип Филиповски, директор на ЈП „Водостопанство-Кумановско-Липковско Поле“.

Тој додава дека „Водовод“ го игнорирал потпишувањето на договорот и додава дека градоначалникот на тој состанок ветил дека долгот во износ од еден милион и 300 илјади евра кон „Водостопанство“ ќе биде саниран од Општината, ќе се потпише договор за делумно месечно плаќање кон „Водостопанство.“

Зоран Дамјановски, градоначалник на Куманово.

„За жал таков договор не се потпиша. Дамјановски продолжи да се однесува манипулативно кон „Водостопанство“, вели Филиповски.

Проблемот политички е дефинитивно непочитување на направениот договор, што е основна причина за тензичните ситуации и недоразбирање помеѓу двете претпријатија.
Зоран Дамјановски, градоначалник на Куманово.

И покрај тоа, според Филиповски „Водостопанство“ редовно и нормално му испорачува вода на „Водовод“. Меѓутоа, долгот и нередовното плаќање на сметките за услугите што „Водостопанство“ ги извршува кон „Водовод“ создава проблеми во нормалното функционирање на претпријатието, што во претстојниот летен период може да ескалира.

Дамјановски,пак, вели дека договорот го потпишуваат менаџерите на двете претпријатија, дека во присуство на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство бил направен договор за достава и исплата на вода по цена која била востановена и објавена во јавноста. Според градоначалникот еден месец по состанокот менаџерскиот тим на „Водостопанство“ доставувал фактури по цена пред договорот.

„Договорот помеѓу двата директора не е потпишан бидејќи стои иста цена од 6,8 дени која беше проблем за конфликт помеѓу двете претпријатија, а таква цена нема никаде во Република Македонија. Од тој аспект имаме достава на вода, но немаме солуција постигната пред министерот. Значи непочитување на основни договарања и гаранти што ги даде ресорното Министерство. Локалната самоуправа не потпишува договор, проблемот треба да се реши помеѓу директорите и надлежните од министерството.“

Општината е основач на јавното претпријатие „Водовод“, меѓутоа таму се работи согласно законските регулативи. Изминатата деценија, како што вели Дамјановски, претпријатието се соочува со големи проблеми, не само во испорака на вода до корисниците, туку и за одржување на водоводната и канализационата мрежа. А Фабриката за пречистување отпадни води е еден од горливите проблеми на „Водовод“, бидејќи за нејзино функционирање се создаваат големи трошоци, а еколошкиот бенефит, на како единствена од таков вид во државава, е капка в море.

„Проблемот политички е дефинитивно непочитување на направениот договор, што е основна причина за тензичните ситуации и недоразбирање помеѓу двете претпријатија. Се надевам дека во наредниот период ќе се обидеме да ги имплементираме условите од договарањето, мислам дека се оди на комплетно финансиско исцрпување на „Водовод“, бидејќи со пуштање фактури без основ за таа цена. Мислам дека според процедурите на судските процеси за кои знаеме како завршуваат, дефинитивно ќе имаме нови блокади, нови проблеми. Но се надевам дека ова нема да трае долго. Пролетта иако задоцнува се наближува, мислам дека ќе се решат многу работи и ќе се дознае како сето функционирало во изминатиот период“, вели Дамјановски.

Граѓаните пак, кои редовно ги плаќаат сметките за потрошената вода не ги интересираат конфликтите помеѓу двете претпријатија. Се надеваат дека и претстојниот православен празник Велигден нема да го одбележат со водни проблеми.