Исклучено поради заостанат долг во износ од околу 60 милиони денари кон ЕВН Македонија за потрошена електрична струја, кумановското ЈП „Водовод“ веќе една седмица не може да функционира. За сега водоснабдувањето се одвива непречено, но неизвесно е како ќе се надмине уште еден од бројните финансиски проблеми на претпријатието.
Затоа што не се работи за ЈП „Водовод“ како издвоен сегмент на живеење во овој град. Целото водоснабдување ќе се доведе во прашање. Нашите наплатни центри не работат, како и софтверскиот систем, ниту ние можеме да плаќаме, ниту некој може нам да ни плаќа.Горан Стојковски, директор на „Водовод“- Куманово.
Директорот на „Водовод“ Горан Стојковски вели дека има разбирање што ЕВН ги користи сите можни мерки за да го наплати долгот и додава дека сепак, малку е симптоматично сето ова.
„Последната година и три месеци кон ЕВН имаме платено девет милиони и 600 илјади денари и не исклучуваат. Претходните четири години се платени вкупно девет милиони и ниту еднаш не е исклучена електричната енергија.“
Стојковски се надева дека надлежните од ЕВН ќе имаат разбирање со оглед на мерките што „Водовод“ ги презема за раздолжување.
„Затоа што не се работи за ЈП „Водовод“ како издвоен сегмент на живеење во овој град. Целото водоснабдување ќе се доведе во прашање. Нашите наплатни центри не работат, како и софтверскиот систем, ниту ние можеме да плаќаме, ниту некој може нам да ни плаќа. Во овој момент доцниме со плаќање на ЈП „Водостопанство-Кумановско-Липковско Поле“, кои имаат сличен метод за исклучување, па и тие може да ја исклучат дистрибуцијата на вода, ако не им плаќаме.“
Дали и овојпат политиката ја фарба водата,како што не ретко е случај со прекинот од ЈП „Водостопанство“, Стојковски појаснува дека секогаш таа причина ја става на последно место. Особено што постои реален долг, но и реално плаќање, за разлика од претходните години кога било поинаку. Со оглед на респектот и кон ЕВН и кон менаџерскиот тим Стојковски не би сакал да верува дека се влезени во некој „филм“.
„Но, имајќи предвид дека во последно време имаат обичја и Липково да го исклучуваат, не би го тргнал и тој сегмент од целава прикаска.“
Локалната самоуправа и покрај блокади од сите страни се обидува да помогне во ублажување,ако не и целосно надминување на проблемот. Според Стојковски во тек се разговори со надлежните од ЕВН кои според него, имаат свои принципи, но оптимист е дека ќе се најде компромисно решение во интерес на граѓаните.
Како гледаат на можноста да останат без водоснабдување запрашаните кумановци велат:
„Тогаш ќе настапи уште еден проблем, водата е нешто најбитно за едно семејство.“
„Редовно плаќам сметки за вода, а тие нека си ги подмируваат долговите.“
Иако добро им е позната повеќе пати репризираната водна криза, некои пак со духовити забелешки.
„Кумановка сега е полна, штом е исклучена струјата, од река ќе си земаме вода.“
Како и да е, поголем дел од граѓаните редовно ги плаќаат сметките за потрошената вода, со што имаат право на непрекинато и непреченоводоснабдување.