Кумановци сакаат силна граѓанска опција

Оние што ги следат случувањата со објавените прислушувани разговори и работата на актуелната власт велат дека им е преку глава и од едните и од другите и дека за да се опорави државата, треба една силна граѓанска опција.

Продуцираната политичка криза во државава кумановци не се многу расположени да ја коментираат. А тие што по нешто ќе кажат главно е незадоволство, безизлез и став дека младите тука немаат перспектива и дека треба да си заминат. Оние што ги следат случувањата со објавените прислушувани разговори и работата на актуелната власт велат дека им е преку глава и од едните и од другите и дека за да се опорави државата, граѓаните да здивнат од сето ова, треба една силна граѓанска опција.

Ништо не функционира. Ни судство, ни здравство, ни просвета. Жали боже. За младите нема никаква перспектива.
Анкетиран граѓанин.

Многумина од запрашаните партиски неопределени кумановци, кои не користат интернет, забележуваат дека не се доволно информирани за случувањата, а од она што можат да го следат на националните телевизии ги збунува. И, како што велат, премногу се засегнати од егзистенцијалните проблеми, така што политиката е најчесто последното нешто на што размислуваат.

Најмногу би сакала да се појави трета, повеќе граѓански ориентирана опција.
Анкетирана граѓанка.

„Не знам. Овде ништо не се знае, ниту кој пие, кој јаде и кој плаќа.“

„Не не интересира.“

„Ништо не функционира. Ни судство, ни здравство, ни просвета. Жали боже. За младите нема никаква перспектива.“

„За младите само странство е спас. Не може таму да се посреќни, но овде нема услови, иако е најубаво да си останат во Македонија. Многу политики се измешани, тоа е проблем“, велат анкетираните граѓани.

Поупатените и поинформираните, пак, сметаат дека во секое лошо има и нешто добро, како за власта, така и за опозицијата. Власта на овој начин може малку да си ги поисчисти сопствените редови. За опозицијата, ова е добар инструмент, но нешто големо нема да постигне.

„Мене лично како на граѓанин ми пречи предимензионираноста дека се работи за 20-26 илјади прислушкувани луѓе. Не гледам добра аргументација дека власта се снимала самата себе си“, вели граѓанин.

Како и да е, кумановци потајно посакуваат нови избори, можеби и оваа година.

„Не е пријатно во државата во која ви се случува нестабилност. Недостасува една конструктивна опозиција, а ние како граѓани тука најмногу губиме, оти како граѓанин не можам да ги кажам незадоволствата од законите, освен преку некои граѓански организации. Најмногу би сакала да се појави трета, повеќе граѓански ориентирана опција“, вели една граѓанка.

Некои кумановци, пак, „изгорени“ од новите и самонаречени граѓански опции во кои се појавуваат исти луѓе незадоволни од големите партии, за лични интереси стануваат приврзок на големата партија на власта, сметаат дека македонските граѓани постојано навлегуваат во лавиринти од кои тешко можат да излезат.