Сега главната дилема во јавноста е дали материјалите што ги пушта опозицијата се од странски служби кои сакаат да ја разнебитат Македонија, но мислам дека проблемите се домашни и автентични, вели претседателот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов во интервјуто на Радио Слободна Европа што ќе го емитуваме в недела. Пратеникот кој е дел од владејачката коалиција има различен став и од претставниците на ВМРО-ДПМНЕ кои тврдат дека материјалите што ги објавува опозицијата се креирани.
Знаете овие работи се специфични само за авторитарни држави, тогаш кога тојшто практично ја води државата сака да има информации, да навлезе во интимата на секој граѓанин.Павле Трајанов, пратеник.
„Јавниот обвинител мора да спроведе една опширна јавна транспарентна истрага и тие информации коишто се презентирани на еден или друг начин да ги документираат и зависно од тоа дали тие ќе се покажат како точни информациите, да спроведат соодветна постапка, инаку нема сомнение дека се работи за автентични материјали“, вели Трајанов, кој додава и дека според досегашните информации во јавноста повеќе од јасно е дека системите во МВР, како што додава, биле употребени или злоупотребени за прислушување. Затоа тој нагласува дека одговорноста паѓа врз власта, бидејќи државата мора да има контрола.
„Ние мора да го расчистиме до крај овој случај или оваа мега афера за да не се повтори никогаш повеќе, значи ние постојано имаме злоупотреба на овие системи, од 90-тите години наваму постојано имаме и никогаш докрај не сме ги расчистиле. Знаете овие работи се специфични само за авторитарни држави, тогаш кога тој што практично ја води државата сака да има информации, да навлезе во интимата на секој граѓанин“, вели Трајанов.
Мислам дека како што ќе се случуваат овие интензивни информации, не само помалите коалициони партии, туку и внатре во членството на ВМРО-ДПМНЕ ќе се разјаснуваат некои работи.Сулејман Рушити, поранешен пратеник и министер.
Според поранешниот пратеник и министер Сулејман Рушити ваквите издвоени мислења на поединци во владејачките коалиции не менуваат многу веднаш, но ќе придонесат во понатамошниот процес.
„Мислам дека како што ќе се случуваат овие интензивни информации, не само помалите коалициони партии, туку и внатре во членството на ВМРО-ДПМНЕ ќе се разјаснуваат некои работи“, вели Рушити.
Откога опозицијата почна со објавувањето на материјалите од прислушуваните разговори сите владини претставници, вклучителни и опозициската ДПА во јавноста тврдат дека материјалите се креирани, а дека зад потегот на Заев стојат странски служби. Трајанов смета и дека оваа, како што вели, војна требало да ја водат политичките партии, а не, како што додава, медиумите со манипулативна кампања и пропаганда. Со тоа нагласува пратеникот се создавало конфузија и паника кај граѓаните дека Македонија ја разорувале странски служби што како што додава било апсолутно неточно.