Кумановски „Водовод“ под критики од опозицијата

Опозицијата критикува за големите загуби на вода и за нередовното читање на водомерите. Директорот на Водовод вели дека има и објективни и субјективни причини за тоа.

Советниците од локалната опозиција со свои сугестии и предлози за поуспешна работа почнаа да ги поддржуваат програмите за работа на кумановскиот „Водовод“, јавно претпријатие кое подолг временски период се соочува со тешки финансиски проблеми. Менаџерскиот тим предводен од директорот Горан Стојковски постојано бара начини претпријатието да го постави на цврсти основи, за подобро и редовно водоснабдување на граѓаните.

Тука има еден дел каде што водата се губи поради потрошувачи кои водата ја земаат бесправно, на диво и дефектите што се случуваат многу побрзо и поуспешно.
Мирослав Стојановски, советник од ВМРО-ДПМНЕ во Совет на Општина Куманово.

Советникот Мирослав Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ на седницата на Општинскиот Совет рече дека водните загуби при преземањето на сировата вода од ЈП „Водостопанство-Кумановско-Липковско Поле“ се 54 проценти, при што додаде дека треба да се обрне внимание тие загуби да се сведат на минимум, со тоа „Водовод“ би работел поуспешно и без дополнителни големи загуби.

„Тука има еден дел каде што водата се губи поради потрошувачи кои водата ја земаат бесправно, на диво и дефектите што се случуваат многу побрзо и поуспешно“, вели Стојановски.

За брзина на надминување на дефектите аплициравме за еден проект освен за набавка на нови водомери во износ од околу еден ипол милион евра и за набавка на инструменти за детекција на дефектите кои не можат да се видат со голо око.
Горан Стојковски, директор на „Водовод“ Куманово.

За илустрација тој посочи пример кога пријавени дефекти биле отстранувани дури по 15 денови. Тој наведе и негативен пример за работа на администрацијата во однос на побарувањата и долговите на претпријатието кои според неговите сознанија биле фиктивни.

„Исто така имам забелешка и за работата на инкасаторите кои ги читаат водомерите. Тие треба да бидат пореални и поодговорни, зашто често пати не ги ни гледаат водомерите, туку пишуваат од рака и од ракав кој колку потрошил и колку треба да плати, се со цел, ЈП да остварува финансиски добивки, а не да прикажува нереални бројки со кои не можеме да се согласиме“, вели Стојановски.

Советникот Драги Караџински од ГРОМ забележа дека програмата за работа за 2015-та година на „Водовод“ е амбициозна.

„Честитки за досегашната работа што се сведе на пореално ниво, но дали ќе биде остварена програмата, иако мислам дека ќе има сили за тоа“, вели Киранџиски.

Горан Стојковски, директор на „Водовод“, вели дека штотуку бил завршен проектот за управување и контрола на загуби на водата, управување со притисоци, брзина на отстранување на дефекти, контрола на загуби и на инфраструктурата. Со тоа на делот од градот што бил зумиран загубата на водата била намалена за десет отсто.

„Загубата на водата не е проблем само на јавното претпријатие во Куманово или на останатите во Македонија. Тоа е глобален проблем и се работи на многу повисоко ниво, како што е Дунавски сливен регион, меѓународна организација на јавни претпријатија за водоснабдување и преку АТКОМ (Асоцијација на јавни и комунални претпријатија во Македонија), според анализата на состојба во периодот од 2012-та и 2013-та година, во МК загубите биле околу 60 отсто од вкупно произведената вода, а во малите претпријатија загубите оделе до 73 отсто од произведена вода“, вели Стојковски.

Затоа се преземаат мерки, а во кумановскиот „Водовод“ загубите на водата во 2014-та година се под просекот на републичкото ниво.

„За брзина на надминување на дефектите аплициравме за еден проект освен за набавка на нови водомери во износ од околу еден ипол милион евра и за набавка на инструменти за детекција на дефектите кои не можат да се видат со голо око. Очекуваме од Министерствата за транспорт и врски и финансии во текот на годината целосно да биде применет овој проект. Со тоа ќе работиме исто така на намалување на загубите на водата“, рече Стојковски.

За паушалното запишување на потрошената вода на корисниците, Стојковски појасни дека причините се објективни и субјективни. Затоа, според него, предвидено е формирање комисија за спорни сметки.