Новинарски протест - Нема да му целиваме рака на пастирот

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Новинарски протест: Борбата продолжува

Новинарот Томислав Кежаровски беше во прв ред на протестот кој новинарите го организираа поради одлуката тој да биде затворен. Новинарите и порачаа на власта дека борбата за слобода ќе продолжи.

Со извици „Слобода“ „Кежо“ и „Нема правда, нема мир“ новинарот Томислав Кежаровски беше дочекан пред толпата насобрани новинари и граѓани пред Апелациониот суд. Тие денеска протестираа поради одлуката новинарот да биде осуден на казна затвор од две години и неговото експресно приведување во петокот вечерта. Но непосредно пред денешниот протест стигна веста дека тој е пуштен на т.н. условен отпуст поради лошата здравствена состојба.

Неколку саати пред овој протест Кежаровски е пуштен за да се лечи. Тој повторно треба да се врати во затвор. Тоа значи дека не се суди според правда, се суди според сила и според притисок, епа еве им го притисокот.
Тамара Чаусидис, Самостоен синдикат на новинари и медумски работници.

„Неколку саати пред овој протест Кежаровски е пуштен за да се лечи. Тој повторно треба да се врати во затвор. Тоа значи дека не се суди според правда, се суди според сила и според притисок, епа еве им го притисокот“, рече претседателката на Самостијниот синдикат на новинари и медумски работници Тамара Чаусидис.

Потоа насобраните се упатија кон зградата на владата а на чело на толпата во која имаше околу илјада граѓани беше Кежаровски.

Новинарот Зоран Димитровски кој е и од Иницијативниот одбор за ослободување на новинарот ја критикуваше владата дека ги замолчува медиумите и слободите во општеството.

„Не дојдовме да бараме милост. Му пресудија на Кежаровски две години зандана, а побараа да им речеме фала ви што сте толку милостиви. На кого да му целиваме рака? На овој неранимајко што нè цензурира, кој катаден нè казнува, нè понижува, ни куси од лебот, од хонорарите, од правдата, од слободата, нè апси и ни се заканува. Тој им вети и на европските пратеници дека Кежаровски ќе биде веднаш на слобода и сто пати ги излажа. Дојдовме да му се насмееме в лице и да му порачаме оти Кежаровски ќе издржи, а нашата борба за слобода ќе продолжи“, рече Димитровски.

Протест против затворската казна за Кежаровски

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани, пак, нагласи дека Кежаровски бил затворен затоа што верувал дека Македонија е демократска земја во која новинарите можеле слободно да ја вршат својата работа како коректив на власта.

Не дојдовме да бараме милост. Му пресудија на Кежаровски две години зандана, а побараа да им речеме фала ви што сте толку милостиви. На кого да му целиваме рака. На овој неранимајко што не цензурира, кој катаден не казнува, не понижува, ни куси од лебот, од хонорарите, од правдата, од слободата, не апси и ни се заканува.
Зоран Димитровски, Иницијативен одбор за ослободување на Кежаровски.

„Ние дојдовме тука да ја разголиме нашата болна реалност во земја каде е забранета цензурата , каде се затвораат новинари за напишан збор. Сакаме да ги потсетиме дека можат да затовораат новинари, но не можат да ја затворат слободата, затоа што таа живее во нас“, рече Селмани.

На крајот на протестот насобраните пуштија бели балони на кои со фломастер напишаа пораки за Кежаровски, а во владата новинарите однесоа и карикатура на која е нацртан премиерот Никола Груевски како држи торба на која пишува слобода на медиуми, а од која тече крв.

Во рацете пак носеа транспаретни кои пишуваше „Слобода за Кежо“ „Не можете сите да не затворите“ „Ако новинар е во затвор кој ќе каже за неправдата“ „Сите сме Кежо“. Учесниците на протестот носеа и маски со ликот на Кежо.

Протестот што го организираа Здружението на новинари, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски беше поддржан и од други граѓански организации и неформални групи. Меѓу присутните можеа да се забележат и лидерот на СДСМ Зоран Заев, неговата заменичка Шеќеринска и другите лидери на опозициските партии.