Македонските новинари за утре најавија протест пред Апелациониот суд во Скопје против затворањето на новинарот Томислав Кежаровски на кој ги повикуваат сите граѓани. Повикот за протест го упатија Здружението на новинари на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Иницијативниот одбор за ослободување на новинарот Томислав Кежаровски. Од Апелација, собраните новинари и граѓани ќе продолжат кон зградата на Владата, за и таму да го изразат своето несогласување со затворската казна за новинарот Кежаровски. Организаторите велат дека единствена прифатлива одлука е ослободување на Кежаровски, оти тој, како што велат е невин.
Не очекувам дека власта ќе има експресни потези во контекст на релаксирање на состојбите или ослободување на Кежаровски, но дотолку повеќе мислам дека тоа ќе предизвика солидарност и со меѓународната јавност.Зоран Димитровски, новинар.
Ние имаме работа со власт која не го слуша гласот на граѓаните и не очекуваме дека овојпат тоа ќе се случи, но со протестот ќе се прати порака дека граѓаните и новинарите се будат и дека не се плашат, вели новинарот Зоран Димитровски, кој е дел од Иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски и член на Управниот одбор на ЗНМ.
„Не очекувам дека власта ќе има експресни потези во контекст на релаксирање на состојбите или ослободување на Кежаровски, но дотолку повеќе мислам дека тоа ќе предизвика солидарност и со меѓународната јавност, односно со нашите колеги новинари во светот и дека ќе се зголеми притисокот кон партијата на власт, односно кон владата да го ослободи граѓанското општество и медиумите во Македонија.“
Затоа, додава Димитровски, на протестот треба да дојдат сите граѓани на кои слободата и демократијата нешто им значи.
„Да го изразиме нашиот револт и да и порачаме на власта дека не се плашиме, затоа што тој чин на експресно затворање на Кежаровски во петокот, фактички е таква порака до сите нас дека треба да внесе страв и дека треба да биде закана не само за слободата на говорот и слободата на изразувањето, туку закана за нашата физичка слобода, ако на некого му се загрозени физичката слобода, животот и ако не може да стигне до правдата тогаш нема што воопшто да зборуваме за медиуми и за слободна на новинарство и за слобода на изразување.“
Кежаровски во првостепена постапка беше осуден на 4,5 години затвор за откривање идентитет на заштитен сведок, но Апелациониот суд му ја намали казната на две години затвор, три месеци повеќе од притворот што досега го отслужил. По објавувањето на пресудата, Кежаровски во петок вечерта сред ноќ беше однесен во затвор од неговиот дом каде што беше во домашен притвор.
Одлуката на Апелациониот суд и експресното затворање на Кежаровски наиде на критики и дома и од меѓународните организации и медиуми.
Основниот суд Скопје 1, пак, ги смета критики за неосновани и законски непоткрепени, а повиците за протест ги оценува како притисок врз правосудниот систем.
Со слично соопштение излезе и Апелациониот суд, кој бара судовите да бидат оставени да работат согласно Уставот и законите на Р.Македонија без никакви притисоци, а за одредено незадоволство од судска одлука да се искористат сите институционални и законски предвидени права.
Ние протестиравме повеќе пати за Кежаровски, дававме аргументи , се објаснувавме, се убедувавме, тоа не наиде на слух од страна на судиите, така што овој протест е уште еден од низата, но веројатно протест кој зад себе носи најголема фрустрација и најголем бес, поради фактот што новинар заради два текста објавени е во затвор.Тамара Чаусидис, ССНМ.
ССНМ ги повикува граѓаните да не се плашат од етикети и заокружувања и да дојдат да ѝ се спротивстават на неправдата. Претседателката на Синдикатот, Тамара Чаусидис вели дека според досегашното искуство протестот не може да промени многу, но може да ја демонстрира фрустрираноста, а овој протест зад себе носи најголема фрустрација и најголем бес.
„Ние протестиравме повеќе пати за Кежаровски, дававме аргументи , се објаснувавме, се убедувавме, тоа не наиде на слух од страна на судиите, така што овој протест е уште еден од низата, но веројатно протест кој зад себе носи најголема фрустрација и најголем бес, поради фактот што новинар заради два текста објавени е во затвор“, вели Чаусидис.
Претходно и од Македонската асоцијација на новинари соопштија дека најостро се спротивставуваат на пресудата и дека за нив единствено прифатлива е ослободителна одлука, но не се изјаснија за протестот.
Протестот го поддржаа и Професорскиот и Студентскиот пленум.
„Неутралноста му помага на угнетувачот, никогаш на угнетуваниот. Молкот го охрабрува мачителот, никогаш мачениот. Граѓани, заземајте страни!“, се наведува во соопштението на Студентскиот пленум.
Професорскиот пленум, пак, наведува дека заробувањето на новинарот значи заробување на вистината, слободата на говорот, а со тоа и слободата на право на различно мислење.
Сопругата на затворениот новинар, Марина Кежаровска, пак, ја повика Македонската православна црква да побара ослободување на нејзиниот сопруг.