Со листови во рацете на кои на повеќе јазици беше испишано „И јас сум Кежаровски“, новинарите денеска се собраа пред Апелациониот суд Скопје да го изразат незадоволството од вчерашната негова одлука новинарот да биде осуден на две години затвор.
Со оваа неправична одлука, Судот, наместо да дели правда, реши да направи политички калкулации место при одлучување да води сметка за правата еден невин новинар, кој не направи ништо лошо туку откри злоупотреба во работата на јавните институции.Насер Селмани, претседател на ЗНМ.
Претседателот на Здружението на новинари, Насер Селмани, рече дека единствената правилна одлука на судот ќе беше ослободителна пресуда за Кежаровски, а не намалување на казната.
„Со оваа неправична одлука, Судот, наместо да дели правда, реши да направи политички калкулации место при одлучување да води сметка за правата еден невин новинар, кој не направи ништо лошо туку откри злоупотреба во работата на јавните институции“, рече Селмани.
Кежаровски објави информација дека моќните и од позиција на моќ ја злоупотребуваат својата позиција да фалсификуваат изјава на лажен сведок. Со осудата за Кежаровски е осудено целото новинарство.Тамара Чаусидис, претседателка на ССНМ.
Претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници Тамара Чаусидис нагласи дека Кежаровски е невин, додавајќи дека нема да молчат и да се согласат, како што рече, со калкулациите и објаснувањата дека е добро што казната е намалена.
„Кежаровски објави информација дека моќните и од позиција на моќ ја злоупотребуваат својата позиција да фалсификуваат изјава на лажен сведок. Кежаровски е осуден затоа што на луѓето тоа сакаше да им го каже. Со осудата за Кежаровски е осудено целото новинарство“, рече Чаусидис.
И од Македонската асоцијација на новинари соопштија дека најостро се спротивставуваат на пресудата и дека за нив единствено прифатлива е ослободителна одлука.
Европската федерација на новинари, пак, уште синоќа изрази длабока загриженост за казната од две години затвор.
„Тој само ја извршуваше својата работа. Тој никогаш не требаше да биде притворен за овие обвинувања. Ова одлука е вистински срам за земјата“, оцени претседателот на Европската федерација Могенс Бјерегард, во писмена изјава.
Тој додава и дека прекумерната казна праќа порака за цензура кон другите новинари во земјата.
Кежаровски беше приведен на 28 мај 2013 година и од тогаш досега се наоѓа во притвор. Во октомври истата година Кривичниот суд во процесот наречен Ликвидација го осуди новинарот на 4,5 години затвор, одлука што Апелациониот суд ја намали на две години. Новинарите незадоволни од ваквата пресуда за во вторник во 12 часот најавија протест пред Судот.