„Педесет милиони дрвја“, а се потешко се дише

Акцијата „Ден на дрвото“ во Македонија. Министерката Елизабета Канческа Милевска на Ден на дрвото во Велес

Ден на дрвото по 14 пат - Стоп за катастрофите. Голема пропаганда со мал ефект, велат упатените за акциите во кои се наводно засадени 50 милиони садници. Тие се уште чекаат резултати и велат дека ефектите се речиси никави.

Педесет милиони дрвца засадени за шест години од кога почна акцијата „Ден на дрвото“, а во Македонија се потешко се дише, па паралелно со соопштувањето на ваквите големи бројки растат и бројките што ја покажуваат загаденоста во градовите. Поради секојдневното сечење на веќе пораснати дрвја во Битола, еден од позагадените градови во Македонија, за да им се отстапи место на новите градби, тамошните еколози одлучија да ја бојкотираат акцијата.

Кога би ги виделе тие резултати би биле пресреќни и секогаш би се одѕивале на такви акции, меѓутоа сметаме дека нешто не е во ред и дека тоа убаво звучи меѓутоа ефектите се скоро никакви.
Горан Пинза од организацијата „За нас се работи“.

Горан Пинза од организацијата „За нас се работи“ се сомнева во успешноста на пошумувањата, а тврди и дека ефектите од досегашните акции не се видливи. Како аргумент го истакнува садењето пред неколку години во опожарената област во приградската населба Баир во Битола.

„И ден денеска со голо око таму не се гледа дека е израснато многу и покрај многуте акции“, вели Пинза и додава дека генерално секогаш поздравуваат вакви акции но и дека бараат видливи резултати.

Јас сум бил на неколку акции, но и тоа беше неорганизирано, треба да садиш со раце, нема алат, ниту пак ние сме понеле, оти во град немаш таков алат.
Борис Анакиев, универзитетски професор во пензија.

​Мотото, пак, на денешната нова 14 акција е „Стоп за катастрофите“ и како што е најавено ќе се засадат уште нови пет милиони дрвца.

Според професорот во пензија од земјоделскот факултет Борис Анакиев никој точно не може да ја утврди бројката на засадени дрва а тој го отвора и прашањето дали е можно да има доволно луѓе за да се реализира тоа што е најавено за денеска.

„Кој може да провери дали се 100 милиона, никој не може да провери тоа. Мислам дека има голема доза на пропаганда, ама не корисна. Камо среќа навистина да сме засадиле толку. Јас сум бил на неколку акции, но и тоа беше неорганизирано, треба да садиш со раце, нема алат, ниту пак ние сме понеле, оти во град немаш таков алат. Значи полза има, ќе има колку и да се засади, меѓутоа мислам дека е надуено. За оваа година рекоа дека пет милиони ќе се засади, меѓутоа не знам кој ќе ги засади толку многу“, вели Анакиев и додава дека на новите садници им треба време додека почнат да бидат видливи па ползата од нив би можеле да ја почувствуваат поколенијата.

Во денешното садење, како што беше соопштено, главен акцент ќе бил ставен на голите опожарени површини.