Американската републиканска партија важи за силен поддржувач на Македонија и нивната победа на неодамнешните избори е позитивен сигнал за земјава.
Знаеме дека кога се менуваат администрациите, можни се извесни модификации на надворешната политика на Америка.Денко Малески, универзитетски професор и поранешен министер за надворешни работи.
Вакви коментари во дел од домашната јавност предизвика новиот развој на американската домашна политичка сцена, откако, на така наречените избори, на среден рок повеќе гласови освоија Републиканците.
Според професорот по меѓународно право и поранешен министер за надворешни работи Денко Малески секои промени во Соединетите Американски Држави малите земји како Македонија мора внимателно да ги следат.
„Знаеме дека кога се менуваат администрациите, можни се извесни модификации на надворешната политика на Америка, каква што доживеавме и ние во Македонија, претседател со еден нагласен унилатерализам којшто напротив инсистира на мултилатерални зафати на Америка, сето тоа може да има сериозно влијание врз Македонија“, вели Малески кој предупредува да не се губиме во деталите оти како што додава без разлика на смените во администрацијата, САД биле фактор на демократијата, стабилност и прогрес на Балканот.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Ако претходната администрација ги испробала сите средства да не да не одоброволат да направиме компромис, да најдеме начин да го решиме овој проблем, а резултатот бил никаков, тие можат едноставно да одлучат да не продолжат, туку да прифатат една полежерна варијанта.Денко Малески.
Поддржувачите на позициите дека партијата од чии редови последен претседател беше Џорџ Буш е поголем пријател на Македонија од демократите, пак, како аргумент за тоа го наведуваат признавањето на земјава под уставното име во 2004 година кое тогаш беше силно поздравено од политичкиот врв, експертската јавност, но и граѓаните кои ја прославија одлуката на плоштадот во Скопје.
Но и покрај тогашните ставови дека по признавањето од САД проблемот за името е речиси решен, Буш повторно мораше да се инволвира директно на Самитот на НАТО во Букурешт. Во 2008 година тој отворено застана зад македонското влегување во Алијансата што до денес е блокирано поради нерешениот проблем со Атина.
Актуелната администрација на демократот Барак Обама пак не излезе со толкав ангажман околу спорот. Според Малески се работи за континуитет бидејќи, како што вели, тие знаат во каква ситуација се наоѓа нивната политика во однос на спорот за името.
„Ако претходната администрација ги испробала сите средства да не да не одоброволат да направиме компромис, да најдеме начин да го решиме овој проблем, а резултатот бил никаков, тие можат едноставно да одлучат да не продолжат, туку да прифатат една полежерна варијанта дека тоа сепак е работа на луѓето коишто се засегнати, а тоа сме главни ние пред се, а потоа и Грците“, вели Малески.
Инаку од осамостојувањето досега САД важат за стратегиски партнер на Македонија без разлика кој ја раководи земјата, а двете држави во 2008 година потпишаа и Декларација за стратегиско партнерство и соработка.