Државата не нуди заштита за граѓаните-жртви на семејно насилство, тврдат невладините организации по последниот инцидент во Кавадарци во кој маж ги уби мајката, таткото и сестрата на својата поранешна сопруга. Таа, пак, во август годинава го пријавила осомничениот за убиство за семејно насилство, а претходно бил пријавуван и за други незаконски дела.
При случаите на фемициди и останати убиства кои се случиле во изминатиот период како последица на семејното насилство, не само што не се презеле мерки за да бидат спречени туку не се преземени конкретни мерки за нивно расветлување.Елизабета Божиновска, невладина организација ХЕРА.
Елизабета Божиновска од невладината организација ХЕРА вели дека останува нејасно кои се мерките што ги презеле институциите за да го спречат сторителот да посегне по животите на другите лица.
„При случаите на фемициди и останати убиства кои се случиле во изминатиот период како последица на семејното насилство, не само што не се презеле мерки за да бидат спречени туку не се преземени конкретни мерки за нивно расветлување за да се побара директна одговорност од лицата во институциите кои биле одговорни да ги заштитат жртвите од семејно насилство. Денес прашуваме што треба да се случи во нашата држава за надлежните институции да почнат сериозно, професионално и одговорно да го третираат секој пријавен случај на семејно насилство? Уште колку деца треба да останат без мајки, колку граѓани треба да ги загубат животите на своите најблиски поради семејно насилство, за системот за заштита конечно да почне да функционира?“, вели Божиновска која побара од Министерството за труд и социјална политика да спроведе детална истрага за случајот.
Во три од четири случаи постоело семејно насилство или интимно партнерско насилство. Ова е алармантна бројка која укажува на нефункционирање на системот за заштита на жртвите на семејно насилство. Во однос на интимно партнерско насилство ваков систем и не постои.Елена Димушевска, Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство вели дека од мај годинава досега во Македонија мажи извршиле четири убиства на нивните партнерки или членови на нивните семејства. Имено во мај годинава во Кавадарци беше пронајдена мртва жена, а сторителот живеел во вонбрачна заедница со жртвата. Истиот месец во друг инцидент маж ја уби жената, па се самоуби, а во јули во Скопје, стрелајќи од својот службен пиштол, маж најпрво ја уби својата пријателка, нејзината сестра, а потоа и се самоуби.
„Во три од четири случаи постоело семејно насилство или интимно партнерско насилство. Ова е алармантна бројка која укажува на нефункционирање на системот за заштита на жртвите на семејно насилство. Во однос на интимно партнерско насилство ваков систем и не постои“, вели Димушевска.
Кон крајот на минатиот месец, пак, беше претставен новиот Закон за спречување и заштита од семејно насилство. Според него, со 2.500 евра ќе се казнуваат соседите, пријателите и роднините кои знаат, а нема да пријават семејно насилство. На една од презентациите на законот надлежните оценија и дека Македонија е лидер во регионот кога станува збор за спроведувањето на законот за семејно насилство.