Докторке, која здравствена установа е надлежна во случај на појава на еден таков смртоносен вирус, како што е еболата, за што неодамна се крена и голема паника и кај нас?
Како надлежна институција е Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, што значи на било кој дел од државата, каде и да се појави случај сомнителен за опасно смртоносно заразно заболување, вклучително и еболата, истиот ќе биде веднаш транспортиран под соодветни услови на Клиниката за инфективни болести во Скопје.
Колку таа клиника е во полн капацитет да одговори на еден таков предизвик? Има ли доволно кревети за евентуални болни пациенти од ебола и колку медицинскиот персонал располага со заштитени одела, скафандери во случај на појава на болеста?
Има две простории, има цел тракт, а за поголем број на случаи и цел еден оддел би бил само за тие заразни заболувања. Во однос на опремата, исто така во 2009 беше набавена опрема, скафандери, маски, наочари, каљачи, дезинфекциони средства и сè она што е потребно за заштита од свински грип. Таа опрема сега е добредојдена и навистина ја имаме во доволен број, меѓутоа во моментот сме во постапка за набавка на дополнителна опрема, да имаме и резерва за секој случај.
Дали здравствените установи добија посебни инструкции во случај да се појави оваа болест?
Уште пред неколку месеци здравствените установи преку центрите за јавно здравје беа задолжени да достават инструкции не само за еболата, туку и за мерсот како заболување кои што го има во блиско-источниот регион, коишто можат да се пренесат во државата, меѓутоа сега сме во преговори со Светската здравствена организација, со канцеларијата во Скопје, да направиме и едукации на терен, значи да направиме неколку семинари низ целата држава, да ги повикаме посебно матичните лекари, тие се тие што се најбитни и практично да им објасниме како да постапат при појава на едно вакво опасно заразно заболување.
Ако се појави такво нешто, колку самиот медицински персонал знае како да се однесува? Имале ли некаква обука, некакви вежби?
Клиниката за инфективни болести има извршено обука и донесено протокол за постапување при вакви состојби, бидејќи таму ќе се лекува пациентот и таму е најопасно, исто така обучен е и персоналот на аеродромот Александар Велики, итната медицинска помош, бидејќи и тие се први на удар коишто треба да транспортираат, а за сето тоа да го провериме колку и како сме обучени на 18 ноември ќе одржиме една вежба во државата на тема ебола, значи кога би пристигнал патник болен од ебола на аеродромот како ќе постапи здравствениот систем, значи практично тоа ќе го испробаме заедно со сите институции.