Работена според драмата „Mad Forest“ на Британката Черил Черчил, претставата „Кој пукаше на 21-ви?“, како комплетно самосвоен проект на МКЦ и МОТ+продукција што го режираше Нина Николиќ, го опсервира периодот пред и за време на романската револуција во 1989 година. Состојбата во тоа општество е претставена низ конкретните и интимни приказни на ликовите при што приказната е раскажана главно низ три основни поглавја.
Направивме една претстава во којашто ништо не криеме. Од костимски промени, до светлосни и сценографски промени, сето тоа го правиме пред очите на публиката и сакаме некако таа да ја восприеми таа приказна онака како што ние ја градевме – долго, бавно, но од корен и суштински.Нина Николиќ, режисерка.
Но, она што е битно е што пиесата, говорејќи за настаните што се случиле пред околу 25 години, се обидува да ги отвори прашањата на повторување на историјата и на фактот дека големите грешки направени во минатото, на човекот не му послужиле како пример за тоа што треба да направи денес.
Оваа претстава е претстава којашто му личи на МКЦ. Му личи затоа што е алтернатива во онаа смисла на зборот во која што јас ја замислувам. Ја создадоа млади, иако во неа настапува и еден пензионер како мене, но навистина се чувствувам многу горд што сработивме проект во кој сите влеговме со своите идеи и каде што бев прифатен од колегите како да сум нивен врсник.Петар Арсовски, актер.
„Претставата е за еден круг кој се повторува. Точно е тоа дека работите не се менуваат така лесно. Ако треба да направам споредба со тогашната состојба во Романија со нешто што денеска се случува, еве би ја спомнала Украина. Украина е една слична, ако не и иста приказна само доста години потоа. Во таа смисла можам да кажам дека човекот генерално не извлекува поуки од големите грешки што ги направил. Сметам дека придонесот на човекот во денешно време може да биде само во индивидуалното однесување и колку повеќе избегаме од некакво групно поведение, толку полесно ќе ги надминеме или барем ќе се обидеме да ги надминеме овие големи грешки што се повторуваат“, вели режисерката Николиќ.
Таа, во пресрет на премиерната изведба, забележува дека ова за неа е остварување на еден нејзин „мал сон“ бидејќи по неколкугодишна работа ѝ било овозможено да ги собере сите актери што сакала да ги собере, глумците кои одговараат на ликовите што таа ги прочитала и да формира екипа на соработници без кои сето тоа и не би било остварливо.
Дополнува дека започнале со работа во април, дека оттогаш поминале неколку годишни времиња и дека конечно направиле заедничка претстава во која „сега не се знае чија била некоја идеја и зошто била прифатена и проект во кој актерите играат, ги разместуваат реквизитите и ги менуваат костимите на сцена“.
„Направивме една претстава во којашто ништо не криеме. Од костимски промени, до светлосни и сценографски промени, сето тоа го правиме пред очите на публиката и сакаме некако таа да ја восприеми таа приказна онака како што ние ја градевме – долго, бавно, но од корен и суштински“, вели режисерката.
А, кога сме веќе кај актерите да кажеме дека во „Кој пукаше на 21-ви?“ играат Ѕвезда Ангеловска, Петар Арсовски, Благој Веселинов, Стефан Вујисиќ, Нина Деан, Билјана Јовановска, Мартин Јордановски, Владимир Лазовски, Нина Максимова, Владимир Петровиќ и Кристијан Светиев, а во снимените видеа ќе ги видиме Синоличка Трпкова, Васил Зафирчев, Дарја Ризова и Снежана Стамеска.
„Оваа претстава е претстава којашто му личи на МКЦ. Му личи затоа што е алтернатива во онаа смисла на зборот во која што јас ја замислувам. Ја создадоа млади, иако во неа настапува и еден пензионер како мене, но навистина се чувствувам многу горд што сработивме проект во кој сите влеговме со своите идеи и каде што бев прифатен од колегите како да сум нивен врсник. Навистина, горд сум на она што го сработивме и би си сакал проектот да живее подолго од сите оние други во кои јас сум учествувам а кои биле поставувани овде на оваа сцена, но кои од ред причини набрзо згаснале“, забележува искусниот Петар Арсовски.
Инаку, зад овој проект со својот авторски печат застанаа и Ивана Каранфиловска Угуровска како костимограф, композиторот Александар Пејовски, уметникот Јане Чаловски кој ја сработил сценографијата и Ѓорѓи Клинчаров како дизајнер на светлото и видео материјалите.
Кон ова само уште информацијата дека со изведбата на „Кој пукаше на 21-ви?“ започнува и одбележувањето на големиот јубилеј – 40 години Млад отворен театар, а по премиерната изведба ќе следуваат и две репризи – на 25 и 26 октомври, од 21 часот во Дансинг салата на МКЦ.