Во Република Турција има голем број македонски иселеници, како и многубројни здруженија кои се организирани од самите иселеници. Деновиве тие во соработка со Светскиот македонски конгрес и Сојузот на Македонците со исламска религија(СМИР) започнаа потпишување на петиција за добивање македонски државјанства.
Тие отидоа во Турција во 50–тите години. Имаа билети во еден правец и таму Турците сè уште ги третираат како дојденци, односно по нивно ’ѓочмени македониас‘.Исмаил Бојда, претседател на Сојузот на Македонците со исламска религија.
Интересот да имаат и државјанства на Република Македонија кај иселениците е голем, велат претставниците на здруженијата во повеќе градови на Турција. Петицијата се потпишува со нагласен интензитет, истакнува претседателот на СМИР Исмаил Бојда.
„Тие отидоа во Турција во 50–тите години. Имаа билети во еден правец и таму Турците сè уште ги третираат како дојденци, односно по нивно ’ѓочмени македониас‘. Имаат бројни друштва, како што се во Маниса, Измир, Измит, Каршијака, Селџук, Истанбул и во други градови. За време на неодамнешната посета на тие здруженија, ние однесовме и една петиција со која ќе се бара од Македонија да им даде македонски државјанства, со ставање вон употреба на уредбата донесена во 2003 година на 15 март за давање на државјанства по членот 11 да ги третираат нашиве како странци, а дотогаш беше по потекло Македонци“, вели Бојда.
Ние на средбите со здруженијата на македонските иселеници во Турција инициравме формирање на една глобална заедница – македонска заедница на иселениците во Турција по потекло од Македонија.Исмаил Бојда, претседател на Сојузот на Македонците со исламска религија.
Со цел да се координираат подобро активностите на здруженијата на иселениците од Македонија во Турција, веќе се започнати и разговори за формирање на еден Сојуз, односно Заедница, во која, според организаторите, полесно ќе се координираат активностите за да се реши проблемот со добивање на државјанства на Република Македонија.
„Ние на средбите со здруженијата на македонските иселеници во Турција инициравме формирање на една глобална заедница – македонска заедница на иселениците во Турција по потекло од Македонија. Целта беше да не се селектираат во национални колективитети и малцински заедници. Таму има здруженија кои ги викаат Дернеци и ги има од Дебар, Гостивар, Скопје, Кичево и други градови. Но, ако тие како посебни заедници бидат во една македонска заедница, нивната координација ќе биде многу поуспешна и така полесно ќе ги решаваат проблемите. Кога заминувале иселениците од тогашна Југославија, односно од Македонија, имотот го оставале по три формулации. Првата била отстапување на имотот на роднини и пријатели, втората да се продаде и третата да се отстапи на аманет на државата. Така денес има големи локации на земјишта во тиквешко, велешко, неготинско и други региони на нашава земја. Тие исто така имаат проблеми со доаѓањето во Македонија, бидејќи преку Грција и Бугарија им бараат визи на ЕУ, а со авиони е многу скапо. Така добивањето на македонските државјанства треба да се реши. Верувам и сум оптимист дека сè ќе биде решено, а заедницата на здружението многу скоро ќе профункционира“, вели Бојда.
Во Република Турција има над 100 здруженија, односно невладини организации на иселениците од Македонија. Тие имаат мошне добра поддршка, како од страна на локалните, така и од страна на централните власти на Република Турција. Тие развиваат многубројни културни и хуманитарни активности во интерес на иселениците и средините каде што живеат. Во здруженијата велат дека очекуваат и позитивно решавање од страна на македонските власти на нивното барање за добивање државјанства на Република Македонија. Според нив, ова ќе влијае многу, како за почесто посетување во родниот крај, во Македонија, но исто така и за зголемување на бројот на помалите бизнисмени по потекло од Македонија кои ќе инвестираат во родните краишта во Македонија.